Предзасилувачи со ламби, звучници, пофалби и забелешки

Здраво емитерџии!
Речиси редовно да го читам ЕМИТЕР од 2002 год. Имам некои пофалби и по некоја забелешка. Во броевите од 2002 и 2003 година повеќе ми се допаѓаше уредувањето на страниците, убави написи и почитливи, повпечатливи, сега како сè да е збиено. Инаку, цената е во ред, а и темите. Некои ми се допаѓаат повеќе, некои помалку, но вкупно земено е добро.
Инаку, јас сум аматер во електрониката, таа ми е како хоби. Најмногу теми ме интересираат од аудиообласта, како на пример, звучници, а од електрониката – електронски кола поврзани со оваа тема. Имам изработено неколку проекти од ЕМИТЕР и задоволен сум од нив. Еве, да кажам дека го изработив проектот High end предзасилувач со ECC83, но некако не бев задоволен од звукот и преправив некои работи. Го сменив отпорникот во катодата од првата триода од 2,87 kΩ на 1 kΩ и сега сум повеќе задоволен од звукот. Читателите што го изработиле нека се обидат, па ќе се уверат во оваа моја забелешка. И друго во врска со овој предзасилувач: каде најдовте ECC83 за предзасилувач? Таа е за гитарски предзасилувачи бидејки има засилување од 90 до 100. Еве, на пример, ECC82 има засилување околу 30 и е погодна за вакви работи.
Инаку, имам неколку предлози, но за почеток еве еден: Направете проект за предзасилувач со ламби 6DJ8 (6922) или некоја друга, а потоа и некој добар засилувач што ќе одговара. Филевски нека проектира звучник за оваа комбинација, а ние ќе бидиме многу задоволни од овој вака замислен проект. Инаку, на времето имаше рубрика "Операциона сала" за звучници од Филевски, која беше интересна тема за многу читатели, а и за мене. Препорачувам да ја обновите таа рубрика.
Да додадам и ова – по една бурна дискусија, и некои мои пријатели се заинтересираа за ЕМИТЕР и гледам и тие почнале да прават некои проектчиња од ЕМИТЕР.
Продолжете само така иако се тешки времињава, а ние – верните читатели ќе продолжиме со купување на Емитер. Поздрав и продолжете така понатаму, земајќи ги предвид овие мои сугестии за во иднина.
Вашиот читател Гоце,
со пријателите.

Ви благодариме за пофалбите, забелешките и сугестиите. Секогаш ни претставува големо задоволство кога ќе добиеме вакво писмо со конструктивни забелешки (и со пофалби, се разбира!).
Се сложуваме дека дизајнот на страниците на ЕМИТЕР изгледа збиено и стегнато, но тоа е одлика не само на поновите, туку и на старите броеви. Причина за ова е што имаме премалку страници за сите текстови и содржини што сакаме да им ги презентираме на читателите. Пораскошниот дизајн би барал поголем празен простор на страниците и поголеми фотографии и илустрации, поради што во списанието ќе има помалку написи или, пак, ќе треба да го зголемиме бројот на страници, а со тоа и цената на списанието. Сметаме дека за читателите е подобро ЕМИТЕР да има позбиен дизајн, и со тоа повеќе написи, отколку да има пораширен дизајн и помалку написи или повисока цена. Верувам дека поголемиот дел од читателите се согласуваат со овој наш избор.
Што се однесува до проектот за предзасилувачот со ламбата ECC83, тоа е само една варијанта од многуте – во ЕМИТЕР 11/2010 беше објавен проект за предзасилувач токму со ECC82. Инаку, ламбата ECC83 може да се искористи за најразлични намени, па дури и како излезна триода во засилувач на моќност – што на прв поглед изгледа невозможно! Но, токму таков засилувач направи познатиот конструктор на high-end засилувачи со ламби, Tim de Paravicini. Неговиот засилувач на моќност EAR V20 користи 20 ламби ECC83 во излезниот дел, а информација за тој засилувач објавив во еден постар број на ЕМИТЕР.
Двојната триода 6922 има одлични карактеристики и се користи во многу ценети предзасилувачи, но проблем е нејзината достапност во Македонија. Во план ни се лампашки предзасилувачи и излезен засилувач на моќност, а и нови проекти за звучници. Мене особено ми е мило што Ви се допаднала рубриката "Операциона сала". Интересно е тоа што уште пред да го добиеме Вашето писмо, одлучивме повторно да ја активираме рубриката "Операциона сала"!
Се надеваме дека Вие и Вашите пријатели и понатаму ќе наоѓате задоволство во проектите и текстовите од ЕМИТЕР.
Владимир Филевски