Почитуван Емитер,
Неодамна се појави широка трага од мувла по должината на столбот од станот во кој живеам. На почеток имаше мувла само под масата, во ќошот. Потоа мувлата за кратко време се прошири по целата должина од столбот и го зафати и клима-уредот. Станот е во склоп на колективна зграда изградена пред околу 5-6 години. Просторот не е стандарден стан, туку деловен простор од околу 20 квадрати, кој е претворен во гарсониера. Ориентацијата на гарсониерата е кон север. Под самиот стан има визба.
Радијаторите не се во функција. Изборот за да се грееме со струја (панели под прозорите) беше наш.
Проблем имам и со влагата која се појавува на прозорците. Се појавува интензивна кондензација, капките вода се слеваат по стаклото, и завршуваат на прагот од прозорците и на ѕидот. Венецијанерите се постојано спуштени. Кондензација има и на самите рамки од прозорците.
Мувлата ја има отсекогаш, особено на делот од ѕидот под масата, а дури оваа сезона се прошири и над масата. Кондензацијата на прозорите и на рамките од прозорите ја има само во зимскиот период.
Ме интересира што може да придонесува за појавата на мувла во станот? Дали е пукната некоја цевка од кај соседите над мене, дали однадвор се случува нешто, дали клима-уредот е проблемот? Понекогаш на куќиштето од клима-уредот се појавуваат капки вода, без разлика дали работи или не.
Во прилог Ви праќам слики за да добиете претстава за проблемот.
Поздрав
Зоран Јанкулоски
Појавата на кондензација на влага на одредени површини и, како последица од тоа растеж на мувла, зависи од два фактора: температурата на површините и релативната влажност во близина на тие површини. Во физиката точно се пресметани т.н. "температури на појава на роса" за разни комбинации на површинска температура и релативна влажност. Кога станува збор за вообичаениот зимски внатрешен амбиент во становите (температура на воздухот +20°C и релативна влажност 50%), температурата на оросување изнесува +9,3°C. Тоа значи дека сите површини на градежните конструкции (ѕидови, тавани, подови, прозорци), па и другите предмети (клима-уред) кои имаат +9,3°C или пониска површинска температура, ќе бидат јадра на кондензација на влага (водена пареа) која секогаш е присутна во помал или поголем процент. Колку е пониска површинската температура, толку поголемо количество влага ќе се кондензира. Во кујните и бањите процентот на релативната влажност е поголем (60% до 90%), така што за влажност од 60% и иста внатрешна температура +20°C, температурата на оросување изнесува +12,0°C. Тоа значи дека со покачување на влажноста само за 10%, на конструкциите и предметите, кои при 50% имаа безбедносна граница од +9,3°C, сега, при оваа влага површинската температура мора да им биде повисока од +12,0°C за да не се појави кондензација.
Аналогно на зголемувањето на релативната влажност, зголемувањето на внатрешната температура во просторот предизвикува и покачување на горната безбедносна граница за кондензација, така што во случај кога сакаме подобро да се грееме и ја покачиме внатрешната температура на +22°C, за да имаме суви површини на ѕидовите, таваните, прозорците, тие треба да се потопли од +11,1°C.
Вообичаената релативна влажност од 50% во становите (освен во бањите, кујните или при процесите кога се генерира зголемено количество влага, на пример сушење алишта и сл.), е во просторот во кој релативно добро циркулира воздухот. Меѓутоа, тоа не е случај во аглите меѓу два ѕида, агли меѓу ѕидови и таван, простори зад плакарите и другата опрема поставена близу до ѕидовите, завеси и венецијанери спуштени врз прозорците итн. На овие места воздухот не циркулира и релативната влажност е значително повисока од онаа во средината на просторијата, а тоа значи дека овие површини мора да имаат повисока температура за да не дојде до кондензација. За жал, овие површини истовремено се и топлински мостови, на кои температурите се значително пониски од температурите на останатите делови.
За решавање на проблемот постојат две опции: делумно, привремено лечење на симптомите и радикално, трајно решение.
1. Од напред изнесеното објаснување на причините за појава на кондензација, се наметнува потребата од намалување на влагата во внатрешниот простор, со почесто краткотрајно проветрување со отворање прозорци, особено кога има зголемено производство на влага (готвење, туширање). Следно што треба да се направи е оддалечување на предметите од ѕидовите. Кондензацијата на прозорците значително ќе се намали со дигање на жалузините (венецијанери). Сигурно е дека овие мерки не се полуларни бидејќи се нерационални: губење топлина и поскапи сметки за греење.
Мувлата, како многу опасна појава за здравјето, повремено треба механички да се чисти, а потоа површините нападнати од неа да се премачкуваат со некое фунгицидно средство.
2. Второто решение е надворешното топлинско изолирање на ѕидовите и меѓукатната конструкција над подрумот. Ова решение во технички поглед е единствено препорачливо бидејќи на елегантен начин ги зголемува внатрешните површински температури далеку над температурата на оросување и го минимизира негативното влијание на топлинските мостови. Во однос на потребната дебелина на изолацискиот слој, би препорачале дебелина од 8 до 10 cm, инвестиција која би имала период на враќање на вложените средства во рок 3-5 години. За жал, ваквата дополнителна изолација на ѕидовите нема да го реши проблемот со кондензација на прозорците (стаклата и рамките). Очигледно е дека тие имаат слаба изолациска моќ и единственото решение е нивната замена или веќе препорачаното краткотрајно но често проветрување.
Интересен е податокот дека „Мувлата ја има отсекогаш, особено на делот од ѕидот под масата, а дури оваа сезона се прошири и над масата. Кондензацијата на прозорите и на рамките од прозорите ја има само во зимскиот период."
Материјалот од кој се направени прозорците (стакло и рамка) не може да впие влага, и таа бргу ќе се избрише или ќе се исуши без последици за оштетување. Наспроти ова, материјалите во ѕидната конструкција (малтер, тула) ја впиваат влагата во зимскиот период, дел од неа ќе се исуши во лето, но дел ќе остане акумулиран внатре, за во наредните зими количеството влага сукцесивно да се зголемува.
За крај, на читателот Јанкулоски и на останатите заинтересирани читатели за проблемот со појавата на кондензација и мувла им препорачуваме да ги прочитаат нашите написи во ЕМИТЕР броевите 10/2010, 12/2010 и 2/2011.
Петар Николовски
Здраво Емитер,
Имам една идеја за нова рубрика во Емитер која мислам дека ќе биде интересна за поголемиот број читатели. Зошто да не направите ваша верзија на Mythbusters во Емитер? Има многу недоумици или митови кај народот во врска со современата електротехника и електроника, на пример: доколку светат светлата од автомобилот кога моторот не работи, акумулаторот ќе се испразнел, потоа дека батериите од мобилните ќе се оштетеле ако не се испразнат пред полнење или ако не се наполнат кога мобилниот првпат се вклучува, потоа дека луѓето во кола биле безбедни ако ги удри гром само заради гумите, потоа дека Теслиниот трансформатор бил безопасен бидејки предизвикувал скин-ефект и уште ред други проблеми со кои луѓето се среќаваат во секојдневниот живот. Размислете за оваа нова рубрика, можеби ќе биде интересна бидејќи на луѓето ќе им понуди вистински поглед на работите и, воедно, животот ќе им го направи полесен, ќе ги изнесе од заблудата. Дојдов на оваа идеја како страстен читател на Емитер и воедно страстен гледач на Mythbusters.
Поздрав,
Продолжете со одржување на убавото ни списание.
Дарко Петрески
Сите ние ги гледаме Џејми и Адам и им се воодушевуваме на нивните научни лудории. За жал, правењето на нешто слично е невозможно со нашиот буџет, па макар и тоа да личи на некоја од нивните најевтини епизоди. Кај нив постојано нешто пука, се крши, гори и слично. Сето тоа чини пари. Тоа не можат да си го дозволат ни многу медиуми финансиски посилни од нас. Еве, земете за пример која било од нашите телевизии. Сето она што излегува како продукција од нив се евтини емисии снимени во студио. Нога преку нога, па... , дрн-дрн за ова.... дрн-дрн за она,.... па, ... што јадеш насабајле..., каде изглегуваш... и слично. Затоа и им плаќаме на кабелските оператори, нели, за да не гледаме цело време трач-програми и евтини серии.
Но, идејата не е лоша ако некој од читателите веќе не експериментирал со разбивање на некој мит, па тоа сака тоа да го сподели со другите.
Кирил Крстевски
Во ЕМИТЕР се објавени многу написи со кои се разобличени и срушени многу митови и заблуди од науката и техниката. Таквите написи ги имало во сите рубрики – од електроника, аудиотехника, медицина... па сè до рубриката "На граница на науката". На почетокот на минатата година во редакцијата дискутиравме за евентуалното воведување на посебна рубрика (со наслов "Заблуди и измами" или "Разобличување"), која ќе биде исклучиво наменета за такви теми, меѓутоа заклучокот беше дека со тоа ќе настане мешање на опфатот на таа нова рубрика со веќе постоечките рубрики. Затоа решивме темите за разобличување на некои заблуди и измами од науката и техниката да продолжат да одат во постојните рубрики, но веројатно ќе треба да ги означуваме со соодветен наднаслов, како што тоа го правиме во некои други случаи (Школа за електроника, Направи сам, Тест....). Се разбира, како што констатира колегата Кирил, ние сме далеку од финансиските можности кои ги има екипата на Mythbusters, но, за среќа, за разобличување на голем дел од раширените заблуди и измами доволни се само знаења, анализа на постоечките информации за таа тема и здраво логичко размислување, а по некогаш и некој евтин експеримент. Затоа ќе се потрудиме во иднина да имаме повеќе написи од тој тип и ги повикувам сите соработници да дадат свој придонес.
Слободан Таневски
Почитувани,
Би сакал да ве замолам, доколку имате можност, да објавите статија за користењето на водородот како "помошно гориво" кај автомобилите со помош на т.н. HHO генератори, во која ќе дадете ваше стручно мислење за тоа. На интернет има многу видеа и сајтови во врска со оваа тема. Еден од подобрите сајтови е "мој ауто на воду" каде што има детаљни објаснувања за тоа како да се направи HHO генератор. Знам дека во претходните броеви имате пишувано за користењето на водородот како гориво, па мислам дека во тој контекст може да се дообјасни и користењето на водородот како бустер во согорувањето на фосилните горива. Мислам дека со тоа ќе придонесете за разјаснување на многу дилеми околу оваа тема за која се создаде голема фама и кај нас.
Исто така, ме интересира дали во иднина можете да објавите нешто и за мерачите на проток на течности (вода) како и за нивното баждарење. Во практика користам мерач од "Михајло Пупин" EMS-ID, кој мери моментален проток во литри во секунда и вкупен проток во метри кубни и имам проблем со неговото баждарење.
Дане Митрев
"Водородните бустери" за мотори со внатрешно согорување, всушност, ја зголемуваат потрошувачката на гориво. Премисата е во тоа што автомобилот има резервоар со вода, која со електролиза се разложува до водород и кислород коишто потоа се користат како гориво, со што наводно ќе се намали потрошувачката на бензин. Но ова не е случај бидејќи енергетската ефикасност на електролизата е околу 70%, а електричната енергија потребна за неа се добива од алтернаторот или динамото на автомобилот, кој, пак, за својата работа црпи енергија од моторот на автомобилот. Во најдобар случај, преку водородот искористен како гориво се враќа само околу 50% од енергијата што моторот ја троши за процесот на добивање на истиот водород преку електролиза. Чиста загуба!
За оваа тема ќе подготвиме посебен напис во некој од наредните броеви, а ќе се потрудиме да подготвиме напис и за мерачите на проток на флуиди.
Александар Тошоски
Здраво,
Имам трансформатор со несиметричен напон 36V / 150W. Дали можам да го искористам конверторот за симетричен напон од Емитер 7-8/06 за напојување на проектот, 50W Hi-Fi аудиозасилувач од Емитер 3/02. Прашањето е и заради назнаката дека конверторот за симетричен напон може да се користи за потрошувачи до 1А, а максималното струјно оптоварување на Дарлингтон транзисторите е до 8А. Ако прикажаниот проект во Емитер 7-8/06 не го задоволува струјното оптоварување од 3,5А, дали со соодветни преправки или помоќни транзистори би можел да се користи?!
Поздрав до редакцијата,
Александар Георгиев
За жал посочениот конвертор за симетричен напон нема да можете да го искористите поради напонското и струјно ограничување на истиот. Имено, максималниот влезен напон на конверторот изнесува 36В, а тоа е многу помалку од напонот што ќе го добиете од вашиот трансформатор по насочувањето и филтрирањето. Исто така, струјата што може да ја даде конверторот е многу помала од потребната. Дури и да се направи прилагодување на шемата јас не би го препорачал тоа решение, бидејќи истото има повеќе недостатоци ако се користи за напојување на излезен засилувач. Како пример само би го спомнал проблемот со стабилноста на колото и можноста од појавата на несакани пречки (брум). Најдобро е трансформаторот да се премота или да се набави друг со два секундара како ј:што е предложено во оригиналниот проект.
Дејан Трпески