Влага и мувла во станот

Почитуван Емитер,
Неодамна се појави широка трага од мувла по должината на столбот од станот во кој живеам. На почеток имаше мувла само под масата, во ќошот. Потоа мувлата за кратко време се прошири по целата должина од столбот и го зафати и клима-уредот. Станот е во склоп на колективна зграда изградена пред околу 5-6 години. Просторот не е стандарден стан, туку деловен простор од околу 20 квадрати, кој е претворен во гарсониера. Ориентацијата на гарсониерата е кон север. Под самиот стан има визба.
Радијаторите не се во функција. Изборот за да се грееме со струја (панели под прозорите) беше наш.
Проблем имам и со влагата која се појавува на прозорците. Се појавува интензивна кондензација, капките вода се слеваат по стаклото, и завршуваат на прагот од прозорците и на ѕидот. Венецијанерите се постојано спуштени. Кондензација има и на самите рамки од прозорците.
Мувлата ја има отсекогаш, особено на делот од ѕидот под масата, а дури оваа сезона се прошири и над масата. Кондензацијата на прозорите и на рамките од прозорите ја има само во зимскиот период.
Ме интересира што може да придонесува за појавата на мувла во станот? Дали е пукната некоја цевка од кај соседите над мене, дали однадвор се случува нешто, дали клима-уредот е проблемот? Понекогаш на куќиштето од клима-уредот се појавуваат капки вода, без разлика дали работи или не.
Во прилог Ви праќам слики за да добиете претстава за проблемот.
Поздрав
Зоран Јанкулоски

Појавата на кондензација на влага на одредени површини и, како последица од тоа растеж на мувла, зависи од два фактора: температурата на површините и релативната влажност во близина на тие површини. Во физиката точно се пресметани т.н. "температури на појава на роса" за разни комбинации на површинска температура и релативна влажност. Кога станува збор за вообичаениот зимски внатрешен амбиент во становите (температура на воздухот +20°C и релативна влажност 50%), температурата на оросување изнесува +9,3°C. Тоа значи дека сите површини на градежните конструкции (ѕидови, тавани, подови, прозорци), па и другите предмети (клима-уред) кои имаат +9,3°C или пониска површинска температура, ќе бидат јадра на кондензација на влага (водена пареа) која секогаш е присутна во помал или поголем процент. Колку е пониска површинската температура, толку поголемо количество влага ќе се кондензира. Во кујните и бањите процентот на релативната влажност е поголем (60% до 90%), така што за влажност од 60% и иста внатрешна температура +20°C, температурата на оросување изнесува +12,0°C. Тоа значи дека со покачување на влажноста само за 10%, на конструкциите и предметите, кои при 50% имаа безбедносна граница од +9,3°C, сега, при оваа влага површинската температура мора да им биде повисока од +12,0°C за да не се појави кондензација.
Аналогно на зголемувањето на релативната влажност, зголемувањето на внатрешната температура во просторот предизвикува и покачување на горната безбедносна граница за кондензација, така што во случај кога сакаме подобро да се грееме и ја покачиме внатрешната температура на +22°C, за да имаме суви површини на ѕидовите, таваните, прозорците, тие треба да се потопли од +11,1°C.
Вообичаената релативна влажност од 50% во становите (освен во бањите, кујните или при процесите кога се генерира зголемено количество влага, на пример сушење алишта и сл.), е во просторот во кој релативно добро циркулира воздухот. Меѓутоа, тоа не е случај во аглите меѓу два ѕида, агли меѓу ѕидови и таван, простори зад плакарите и другата опрема поставена близу до ѕидовите, завеси и венецијанери спуштени врз прозорците итн. На овие места воздухот не циркулира и релативната влажност е значително повисока од онаа во средината на просторијата, а тоа значи дека овие површини мора да имаат повисока температура за да не дојде до кондензација. За жал, овие површини истовремено се и топлински мостови, на кои температурите се значително пониски од температурите на останатите делови.
За решавање на проблемот постојат две опции: делумно, привремено лечење на симптомите и радикално, трајно решение.
1. Од напред изнесеното објаснување на причините за појава на кондензација, се наметнува потребата од намалување на влагата во внатрешниот простор, со почесто краткотрајно проветрување со отворање прозорци, особено кога има зголемено производство на влага (готвење, туширање). Следно што треба да се направи е оддалечување на предметите од ѕидовите. Кондензацијата на прозорците значително ќе се намали со дигање на жалузините (венецијанери). Сигурно е дека овие мерки не се полуларни бидејќи се нерационални: губење топлина и поскапи сметки за греење.
Мувлата, како многу опасна појава за здравјето, повремено треба механички да се чисти, а потоа површините нападнати од неа да се премачкуваат со некое фунгицидно средство.
2. Второто решение е надворешното топлинско изолирање на ѕидовите и меѓукатната конструкција над подрумот. Ова решение во технички поглед е единствено препорачливо бидејќи на елегантен начин ги зголемува внатрешните површински температури далеку над температурата на оросување и го минимизира негативното влијание на топлинските мостови. Во однос на потребната дебелина на изолацискиот слој, би препорачале дебелина од 8 до 10 cm, инвестиција која би имала период на враќање на вложените средства во рок 3-5 години. За жал, ваквата дополнителна изолација на ѕидовите нема да го реши проблемот со кондензација на прозорците (стаклата и рамките). Очигледно е дека тие имаат слаба изолациска моќ и единственото решение е нивната замена или веќе препорачаното краткотрајно но често проветрување.
Интересен е податокот дека „Мувлата ја има отсекогаш, особено на делот од ѕидот под масата, а дури оваа сезона се прошири и над масата. Кондензацијата на прозорите и на рамките од прозорите ја има само во зимскиот период."
Материјалот од кој се направени прозорците (стакло и рамка) не може да впие влага, и таа бргу ќе се избрише или ќе се исуши без последици за оштетување. Наспроти ова, материјалите во ѕидната конструкција (малтер, тула) ја впиваат влагата во зимскиот период, дел од неа ќе се исуши во лето, но дел ќе остане акумулиран внатре, за во наредните зими количеството влага сукцесивно да се зголемува.
За крај, на читателот Јанкулоски и на останатите заинтересирани читатели за проблемот со појавата на кондензација и мувла им препорачуваме да ги прочитаат нашите написи во ЕМИТЕР броевите 10/2010, 12/2010 и 2/2011.
Петар Николовски