Здраво ЕМИТЕР,
Очекувам веќе во следниот број ЕМИТЕР да излезе заедно со брошурата која ја предлагате. Темите можат да бидат по примерот на текстот од Е4/99 "TDA 3566A PAL/NTSC декодер".
Имам неколку прашање до вас и се надевам дека ќе ми одговорите.
1. Дали високотонецот во свртницата за Mini Monitor 5.5 (Е6/97) треба да е обратно фазно поврзан, како што е во свртницата за Beauty 5.5 (Е11/96)?
2. Во проектот LC метар AP-LC1 (Е7-8/96) вградив транзистори BF 199, BF 224, 2SC 930 и 2SC 1359 и со нив успеав да го нагодам инструментот само на подрачјата од 10µF и 1µF. Во следните подрачја распонот за нагодување на тример потенциометрите не е доволен. Како да го решам проблемот?
3. Во текстот "ТВ и УКБ антени" дадено е дека зависно од односот на дијаметарот и должината на намотката на антената, зрачењето на хеликоидната антена може да биде радијално или аксијално. Освен цртежот на сл. 6 немате дадено некој конкретен израз за тој однос. Можете ли тоа подетално да го разјасните?
Потоа давате цртеж со основните параметри на оваа антена и израз за некој параметар "C" кој го нема на цртежот. Параметарот го сместувате во некои граници кои се бездимензионални броеви. Кој е тој параметар "C" и која е неговата димензија? Дали основата со димензија на страната A е рефлектор и од каков материјал се изработува?
Од какви материјали може да се изработи ваква антена, каде треба да се приклучи антенскиот кабел, и за крај, можете ли да дадете практичен пример за изработка на хеликоидна антена?
4. Можете ли да објавите некои податоци и шема на засилувач со интегралното коло TA 8220 или TA 8221?
Вашиот верен читател,
Благоја Јандрески од Гевгелија

Ви благодариме за Вашиот предлог во врска со содржината на брошурите што ги планираме како додаток на списанието. Вашиот предлог се совпаѓа со размислувањата на Редакцијата - имено планираме цела серија брошури под заедничко име (условно) "ЕМИТЕР каталог на електронски елементи". Секоја брошура ќе биде на една тема - диоди, транзистори, операциски засилувачи, TTL логички кола, CMOS логички кола итн. Планираме првата брошура да излезе на есен.
Еве ги одговорите на Вашите прашања:
1. Високотонецот во звучникот Mini Monitor 5.5 не треба да биде обратно поврзан како што е во звучникот Beauty 5.5, туку онака како што е прикажано во шемата на неговата свртница. Причина за ова е што филтрите за бас звучникот се различни така што и фазната разлика меѓу високотонецот и бас звучникот се разликува.
2. Можни причини поради кои не може да се нагоди LC метарот се:
а) Фреквенциите на поединачните осцилатори не се нагодени на нивните оптимални или не е запазен нивниот сооднос.
б) Недоволна брзина на прекинување на транзисторот T1, односно негово недоволно засилување. Овој тип на транзистор треба да биде брз прекинувачки. Оригиналниот во апликацијата е BF 199 (fT=550MHz). Транзисторите со кои сте експериментирале имаат транзитни фреквенции: 2SC930 (300MHz), 2SC1359 (250MHz), додека BF 244 претставува N-FET и не може да се искористи за оваа намена. Ако ставите BSX 20 (со брзина на прекинување 7/21nS односно транзитна фреквенција од 3GHz), сигурно дека нема да ги имате опишаните проблеми.
Обидете се со промена на вредностите на тримерите за подесување P6 и P7. Ако отклонот на индикаторскиот инструмент е помал, намалете го P6 на вредност од 100Ω и зголемете го P7 на вредност од 2k2. Сепак најдобро и најбрзо ќе го решите проблемот со ставање на транзистор со поголема брзина на прекинување, предложениот BSX 20.
в) Недоволна осетливост на индикаторскиот инструмент. Измерете дали неговата вистинска осетливост е 100µA или само така е декларирана од произведувачот.
г) Неисправноста на кондензаторот C7 кој може да го "шентира" инструментот поради својата зголемена "струја на истекување". Ставете тантал кондензатор.
д) Диодите D1 и D2 мораат да бидат германиумски, заради помалиот пад на напон во тек на спроведувањето. Проверете да не сте ставиле силициумски диоди.
ѓ) Други можни грешки и отстапувања од електричната шема и печатената плочка, како и промени во вредностите на поедини компоненти, надвор од наведените во ЕМИТЕР.
е) Ако поединечните осцилатори не сте во можност да ги доведете до фреквенции кои се идентични со декларираните, слободно можете да извршите промена на вредностите на тример потенциометрите P1-P5. За подобра регулација, во тек на нагодувањето, можете да ставите во серија со потенциометарот друг потенциометар со вредност до 1/3 од неговата номинална вредност. Откако ќе го завршите нагодувањето, можете да го отстраните и неговата вкупна вредност да ја замените со класичен непроменлив отпорник. Вака ќе имате подобра температурна стабилност.
ж) Зголемена отпорност и неквалитет за високи фреквенции на преодните контакти на Function и Range селекторот. Исчистете ги нивните контакти или заменете ги со поквалитетни.
з) Остатоци од паста на ППК - високите фреквенции не се љубители на "паста за лемење".
Ако немате успех со предложените совети, обидете се за решавање на проблемот да направите измени во следниве компоненти: Отпорникот R1 да се намали на вредност од 4k7 или пониска. Отпорникот R3 во серија со напојувањето да се намали до вредност од 820Ω. Повеќето од овие макотрпни проверки и замени би ги избегнале со набавка на фамозниот BSX20. Посебно внимание да се обрне на потеклото на IC1, CD 40106. Ако е од Philips, можете мирно да спиете. Може да биде и од друга реномирана фирма, само да не е со ознака испишана од страна на продавачот по желба на купувачот. Ах пусти Турци...
3. Конкретен израз за насоченоста на хеликоидната антена немаме, освен тоа дека аксијален дијаграм на насоченост (слика 6.б) се добива кога обемот на една навивка "C" е приближно еднаков на брановата должина за која е наменета антената. Ова објаснување за параметарот "C" е веќе дадено во посочениот текст, па само би додал дека е C=π•D. Спомнатиот интервал за C (0,8<C<1,2) се однесува за неговите димензии во однос на брановата должина, па поточно може да се напише како: 0,8λ<C<1,2λ. Основата со димензија A е рефлектор и може да се изработи од полн алуминиумски лим, перфориран лим или метална мрежа, а самата намотка на антената, ако е за UHF подрачјето, обично се изработува од алуминиумски цевки или прачки. Спојот на намотката со рефлекторот треба да биде преку изолационен материјал (на пример пластична цевка) и на тоа место се приклучува коаксијалниот кабел - централниот проводник на намотката, а оклопот (ширмот) на рефлекторот. Во еден од следните броеви планираме да објавиме напис со нацрти за самоградба на ваква антена.
4. Интегрираното коло TA 8220H од Toshiba е стерео аудио засилувач наменет за употреба во автомобилите со напон за напојување од 9 до 18V. Со напојување од 14,4V на секој канал дава излезна моќност од 30W при f=1kHz, RL=2Ω и THD=10%. Има низок излезен шум (типично 0,3mVRMS) и мали изобличувања на помала моќност (типично 0,04% на f=1kHz, Pout=1W и RL=4Ω). TA 8220 е интегрирано коло од новата генерација и има вградена stand-by функција, коло за детекција а краток спој на излезот и коло за детекција на клипинг, како и неколку заштитни кола: од преголема температура, преголем напон и краток спој помеѓу излезот и Ucc, излезот и GND и помеѓу двата излези. Повеќе податоци за ова ИК како и шема за негова примена планираме да објавиме во следниот број.
В.Ф., П.А. и С.Т.


Почитувана редакцијо,
Вашето списание многу ми се допаѓа, како и написите објавени во него. Мислам дека објавувате добри и корисни проекти, но некои не ги тестирате доволно. Имам правено доста ваши проекти, но кај некои од нив наидов на проблеми, па решив да ви се обратам со писмо во кое ќе ви поставам неколку прашања.
1. Контролерот за лемило кој го објавивте во бројот 11/98 никако да проработи. На почетокот го составив според шемата и тој воопшто не работеше. Потоа извршив промена на местата на пиновите од тријакот и овој пат работеше само визуелно. LED-от трепкаше кога лемилото беше во лежиште, а кога ќе го кренев светеше, но по мерењата што ги извршив со мултиметар утврдив дека лемилото константно се грее со напон од околу 200V. Дури по десетина минути откако лемилото ќе стои во лежиштето LED диодата престанува да свети без претходна звучна индикација од страна на piezzo звучникот кој постојано тивко зуи. Дали е грешка тоа што наместо тријак TIC 206D ставив TIC 226D.
Ве молам уште еднаш да ја испитате функционалноста на овој уред и да ми укажете на можни грешки.
2. Во бројот 12/97 објавивте текст под наслов "Сигурносни мерки при градба на електронски уреди". Сакам да ја изработам шемата прикажана на слика 3, но имам потешкотии при пресметувањето на воздушните калеми од 1mH. Ве молам да ми помогнете.
Однапред ви благодарам,
Ратко Додевски од с. Кадино

Благодариме за пофалните зборови за ЕМИТЕР и за Вашиот интерес за неговите содржини. Не радува тоа што сте изработиле повеќе уреди според нашите проекти и апликации, па во таа насока се надеваме дека овој одговор ќе ви помогне.
1. Контролерот за лемило, исто како и сите проекти и повеќето апликации што се објавени во ЕМИТЕР, е практично изработен и испитан така што не се сомневаме во неговата функционалност. Уште една контрола на објавената шема и нацрт за ППК ги отстрани и сомневањата дека има некоја грешка при нивната компјутерска обработка. Затоа да ги разгледаме можните причини поради кои уредот не ви функционира правилно.
Поради тоа што во почетокот уредот не работел, но проработил после промената на пиновите на тиристорот укажува на тоа дека користениот тријак не е пин компатибилен со TIC206D но тоа е во спротивност со каталошките податоци според кои TIC226D и TIC206D имаат ист распоред на изводите. Проблемот може да биде во тоа што на TIC226D му е потребна побуда на гејтот од 50mA што е 10 пати повеќе одколку кај TIC206D. Исто така проблемот може да биде и во евентуалната неисправност на тријакот или пак на некоја грешка на плочката (ладен лем, краток спој, прекинат вод...). Тоа што после промената на пиновите уредот "привидно" проработил значи дека контролната логика сега работи добро иако слабото зуење на пиезо зујалката укажува на недоволна струја за негова правилна побуда. Затоа најдобро е да се отстрани зујалката, да се провери уште еднаш плочката и да се проба повторно. При повторното вклучување, како што е опишано во текстот на проектот, треба да се провери каква е состојбата на напоните на базата на T2 за вклучена лед диода и исклучена. Ако овие напони се добри преостанува да се провери и најверојатно да се промени тријакот кој може да биде уништен. Исто така потребно е да се провери и транзисторот T2. Како што е напомнато за пиезо зујалка потребно е да се постави зујалка која е предвидена за ултра ниска струја на побуда, која може да се побудува и со малата струја која ја даваат CMOS колата. Ваквите пиезо зујалки имаат влезна отпорност поголема од 1MΩ.
2. Калемите за LC филтерот за мрежното напојување најдобро е да ги набавите готови. Освен на вредноста внимавајте и на тоа за која струја се предвидени бидејќи низ нив тече целата струја за напојување на уредот. Ако сепак се одлучите за самоградба Ве упатуваме дека формули и упатства за нивна пресметка можете да најдете во седмиот дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" кој беше објавен во ЕМИТЕР 7-8/98. Спомнатите калеми можат да бидат воздушни и тоа повеќеслојни бидејќи вредноста од 1mH е тешко да се постигне со еднослоен калем. Ако сакате овие калеми да имаат помали димензии тогаш тие треба да бидат со феромагнетно јадро. Напоменуваме дека нивната вредност не е критична па тие можат да бидат и со два пати помала или поголема вредност од означената. Не заборавете да ја пресметате и потребната дебелина на жицата на основа на предвидената струја за напојување на уредот.
Благој Ќупев и Слободан Таневски


Најнапред ви пожелувам уште многу години успешно излегување на списанието. ЕМИТЕР го читам уште од 1995 година и можам да кажам дека за овие услови е добро а цената е прифатлива. Кога одлучив да ви го напишам ова писмо повторно ги разгледав сите броеви и можам да кажам дека од број во број ЕМИТЕР е сè подобар и подобар. Добар дел од објавените проекти имам направено и сите ми проработеле без проблеми. Се разбира имам и неколку забелешки и предлози.
...Голем проблем ми претставува набавката на списанието бидејќи во Тетово пристигнува многу мала количина (според мои сознанија - само 5 примероци). Направете нешто околу овој проблем...
...Го поддржувам читателот Никола Иванов во врска со замерките за презаситеност на темата "звучници", но не го поддржувам за рекламите бидејќи тие се корисни како за списанието така и за нас читателите...
...Многу ми смета кога давате ветување а потоа не го исполнувате, како на пример со најавата дека ќе објавите шема на појак ФМ предавател. Ако нешто ветите тогаш тоа и остварете го...
...Треба да објавувате подобри проекти, како што беа на пример "Повеќеканална миксета", "3-канален light show", "Функциски генератор", "Професионален извор LPS-95" и други. Зошто не ги објавите проектите од смотрите на млади техничари? Зошто тој ентузијазам не се пласира до читателите?...
...Мислам дека бројот од три плочки што можат да се нарачаат со попуст од вашиот ППК сервис е многу мал. Би сакал тој да се зголеми на 5 со обврска да не биде помал од 3. Така многу би им се олеснила изработката на читателите...
Толку за сега од мене. Се надевам дека не ви одземав премногу време.
Голем поздрав од
Зоран Митрески од с. Брвеница, Тетово

Благодарам за честитките и за позитивните оценки за ЕМИТЕР. За повеќето работи кои ги коментирате веќе неколку пати сме пишувале во ЕМИТЕР, па затоа ќе одговорам само на некои работи од Вашето писмо.
За пласманот на ЕМИТЕР во Тетово:
Во Тетово, како и во сите градови, испраќаме за 20-40% повеќе примероци отколку што биле продадени во претходните месеци. Затоа секогаш се чудам кога некој читател ќе реагира дека ЕМИТЕР не може да го најде во својот град, а од друга страна нас како непродаден ни се враќа околу 30% од испратениот тираж. Дали читателите не проверуваат и во други трафики, дали продавачите не го изложуваат ЕМИТЕР и го чуваат во магацин не ми е јасно. За овој проблем повеќе пати сум реагирал кај нашиот дистрибутер (порано Тутун, а сега Пегаз Принт) и тие ме уверувале дека со дистрибуцијата е сè во ред поткрепувајќи го тоа со соодветна документација. Затоа Ве молам побарајте го ЕМИТЕР и во друга трафика. Инаку во Тетово последниве неколку месеци испраќаме по 30 примероци, а не како што велите само 5.
За "неисполнетите ветувања":
Повеќе пати сум кажал дека сите автори на написи во ЕМИТЕР се хонорарни соработници. Сите тие имаат и други (поголеми) обврски во животот (студирање, работа, фамилија...) и не живеат од хонорарот добиен од ЕМИТЕР. Поради овие причини се случува да не биде навреме реализиран или пак воопшто да не биде реализиран некој напис кој е претходно договорен. Знаејќи го ова ЕМИТЕР никогаш не ги најавува написите за следниот број (како што е вообичаена пракса во странските списанија), а ако некој напис го најавиме во одговорот на некое писмо тоа не го правиме во форма на ветување туку во форма на план кој може, но и не мора да биде реализиран. Таков е случајот и со проектот за ФМ предавател со поголема моќност.
За објавување на проектите од смотрите на млади техничари:
До сега не ни се јавил ниту еден учесник на тие смотри да ни го понуди својот проект за објавување во ЕМИТЕР. Од друга страна последниве 2-3 години добар дел од уредите прикажани на тие смотри се направени според проектите и апликациите објавени во ЕМИТЕР. Впрочем ЕМИТЕР последниве неколку години е спонзор на Градските (во Скопје) и Републичките смотри на млади техничари, како и на натпреварите на електро-машинските училишни центри во Македонија. На овие смотри и натпревари на сите учесници во дисциплините "електроника", "радиотехника", и "автоматика" редакцијата им доделува по еден примерок од списанието, а на тројцата првопласирани по еден укоричен комплет. Инаку ЕМИТЕР е отворен за соработка со секој што ќе понуди интересен и квалитетно подготвен напис што се вклопува во зацртаната концепција.
За попустот при порачка на ППК од ЕМИТЕР:
Цената на плочките и без попустот е ниска, а со попустот од 50% таа е пониска дури и од производната цена. За таа цена евентуално може да се набави само неизработена плочка со иста површина. Толку голем попуст се одлучивме да дадеме, и во тој поглед да одиме во загуба, со цел да ја стимулираме градбата на електронски уреди меѓу читателите од една страна, и да го намалиме фотокопирањето односно да ја зголемиме продажбата на списанието од друга страна. Во одредени случаи, зависно од нарачаните плочки, попустот може да биде поголем и од 300 денари, што навистина е многу, ако се земе во предвид дека тој попуст е "заработен" со купување на последниот број на ЕМИТЕР по цена од 100 денари. Зголемување на бројот на ППК што може да се добијат со попуст би предизвикало зголемување на загубите кои не можат да се покријат со продажбата на списанието. Делумно ова се случува и сега. Напоменувам дека ограничувањето од 3 плочки важи само за оние со попуст, додека пак без попуст секој читател може да нарача онолку плочки колку што сака.
За крај уште еднаш Ви се заблагодарувам за пофалбите и искажаните сугестии. Се надевам дека и во иднина ќе нè следите редовно.
Слободан Таневски


Почитувани,
Вашето списание го читам периодично и делумно сум задоволен од содржините во него. Би сакал да ви напоменам на неколку работи со кои сметам дека би се подигнал квалитетот на списанието.
1. Кога бев ученик во УСО "Орце Николов" професорот Слободан Таневски имаше изработено една исклучителна скрипта за која мислам дека е мало ремек дело. Во неа на мошне убав начин беа објаснети сите делови во електрониката, типови на транзистори, распоред на изводите, ознаки, читање на вредноста на отпорнците според бои и.т.н. Но таа скрипта, ако не се лажам, се користеше само во учебната '86 и '85. Затоа мислам дека вашето списание треба ја издаде повторно но овој пат како книга која би требало да ја има секој почетник но и искусен електроничар. Со други зборови книгата би требало да се вика "Мала Библија по електроника"
2. Мислам дека е време во списанието да се воведат две рубрики. Првата би се однесувала на интернет и електрониката, во која би се објавувале најпознатите web сајтови за електроника и сè она што тие го нудат. Втората рубрика би се однесувала на програмите за проектирање на електронски плочки. Програмите за симулација на електронските кола имаат исклучителна способност да го анализираат колото пред тоа да биде направено. Со такви анализи секој што има компјутер би можел дома да ги анализира колата што ги објавувате. Со тоа би се избегнале грешките од типот "напишавме дека треба да биде колото 7446 а мислевме на 7900". При компјутерските анализи на плочките, конструкторите подобро би ја научиле суштината на работа на колото а не како сега кога во скоро сите случаи читателите се само склопувачи на колото. Го поздравувам вашиот напис за цртање шеми со Corel Draw, но според мене електроничарите не би требале да работат со Corel туку со некој специјализиран програм за таа намена. Затоа од вас очекувам да објавите напис и некое мало упатство за најдобриот програм (или програми) за таа намена.
3. Би сакал нешто да кажам и за проектите што ги објавувате. Во осумдесетите години хит беше аудио техниката. Тогаш главна фора беше да имаш сам изработено некој супер засилувач и со него да пушташ музика на локалните журки. Она што тогаш беа аудио уредите сега се компјутерите. Затоа дајте накоја шема или проект за некоја комјутерска картица. Незнам дали знаете дека во 1986 во списанието Свет Компјутера се појави проект за изработка на модем за Commodore 64. Зошто вие сега не објавите некој проект за изработка на модем, звучна картичка и слично за PC. Очекувам најмалку еден или два вакви проекти во секој нов број. Зошто уредите што ги објавувате не се поврзани со компјутер - на пример, аларм за куќа кој би се контролирал од компјутер и сите информации би можеле да се видат на неговиот монитор. Можностите се неограничени. Во списанието се објавува реклама за еден мал уред кој кога ќе се спои на компјутер тој се претвара во осцилоскоп. Осцилоскоп кој го немам, но би сакал да го направам.
4. Немате свој web сајт на интернет. Тоа под итно треба да го решите. Е слушам сега како велите "Би сакале ние но знаеш колку тоа чини, немаме пари...". Да, но постои бесплатно решение - појдете на сајтот www.come.to и таму сè е објаснето. Вашата бесплатна старница тогаш би се викала www.come.to/emiter.
И што да ви кажам за крај. Имам една стара 486-ка за која со нетрпение очекувам некој проект во ЕМИТЕР. Толку за сега. Се надевам дека моите предлози сериозно ќе ги разгледате. Со нетрпение го чекам вашиот следен број.
Поздрав од Tomy via e-mail.

Благодарам за пофалните зборови и за Вашиот интерес за ЕМИТЕР. Вашите предлози се интересни и се во согласност со размислувањата на редакцијата, но некои од нив во овој момент не можат да бидат реализирани барем не онака како што би требало.
1. Скриптата што ја спомнувате се користи и денес, а не само тогаш во учебната 1986-87 година. Во меѓувреме таа претрпе неколку измени и дополнувања така што денес збирно (за II, III и IV година) таа има повеќе од 600 страници. Меѓутоа некои делови од таа скрипта сè уште го немаат потребниот квалитет и обем (односно јас не сум задоволен од нив) за да бидат објавени во книга. Една таква книга - прирачник за електроничари треба да биде сеопфатна и многу студиозно подготвена, а за таков ангажман сега немам време, бидејќи јас сè уште работам како професор, а останатиот дел од денот ми го одземаат обврските околу издавањето на ЕМИТЕР. Затоа планирам да ја објавам во делови - секое поглавје кое може да претставува некоја посебна целина да биде објавено како посебна книга. Меѓутоа и за таков ангажман тешко наоѓам време. Еве веќе година и пол го преработувам и дополнувам поглавјето за електронските компоненти кое во продолженија излегува во ЕМИТЕР во склоп на серијата "Почетен курс по практична електоника". Планирам на крај, со уште едно дополнување и корекции, тоа да биде објавено во посебна книга, а потоа би следеле и другите делови.
2. Рубрика во која ќе се објавуваат информации за Web сајтови кои се во врска со електрониката ќе воведеме наскоро (одговорот е пишуван во месец мај, а ова веќе е реализирано почнувајќи од Е6/99). Предлогот за написи за компјутерските програми за електроника очигледно се должи на тоа што не го следите ЕМИТЕР редовно. Ако го следевте ќе знаевте дека веќе беа објавени три серии на написи за користење на програмите EAGLE (во 3 продолженија), TANGO (во 5 продолженија) и Protel for Windows (во 3 продолженија), а беа објавени и поединечни написи за програмите PSpice, Electronics Workbench, EDWin NC и др. Во ЕМИТЕР проверка на функционирањето на апликациите што не се практично изработени или се "сомнителни" ги вршиме во програмите Electronics Workbench, PSpice и Client 98, а шемите и плочките ги цртаме во најновиот PROTEL (CLIENT 98). Шемите потоа естетски ги доработуваме во Corel Draw. Грешките при цртањето и означувањето на елементите како и при чукањето на текстот не можат да се избегнат со ниту еден програм. Грешките можат да се намалат со поголемо внимание на авторите и редакцијата и ако имаме повеќе време и/или повеќе луѓе вклучени во подготовката. Во сегашниве услови во тој поглед имаме голем успех (малку грешки) и оваа констатација не е произволна туку се должи на тоа што имаме увид во многу странски списанија кои што ги подготвува голема професионална екипа.
Идејата за цртање шеми (а во иднина и ППК) во програмот Corel Draw се роди како резултат на тоа што многу соработници и читатели на ЕМИТЕР немаат компјутер. Од анкетата што ја спроведовме минатото лето заклучивме дека само 24% од читателите имаат сопствен компјутер, а 40% имаат пристап до компјутерот на работа, училиште или кај некои роднини или пријатели. Затоа е многу тешко некој што нема компјутер или пак нема доволно време да работи со него да научи да ги користи специјализираните програми за електроника као што е на пример Protel. Од друга страна со само неколку часови вежбање секој може да научи да црта во Corel така што понудените библиотеки овозможуваат и тие читатели и соработници лесно да дојдат до компјутерски цртеж на својата шема.
И ние сме забележале дека дел од читателитте само го склопуваат избраното коло без притоа да навлезат во анализа на неговата работа. Меѓутоа за таквиот пристап на некои читатели ЕМИТЕР воопшто не е одговорен бидејќи ние за секој проект нудиме и опширен опис на функционирањето на колото, со цел заинтересираните читатели да научат нешто повеќе за тоа коло, а не само како да го склопат. Таквата наша определба често пати била критикувана од читателите-склопувачи, но ние немаме намера од неа да отстапиме. ЕМИТЕР и понатаму ќе нуди опширна анализа на колата што ги прикажува на своите страници, а на читателите оставаме колку од тоа ќе прочитаат и научат.
3. Се сложувам дека почесто треба да објавуваме проекти за разни хардверски додатоци за компјутер односно за уреди кои ќе овозможат компјутерот да се искористи и за нешто друго, а не само за видео игри, сурфање по интернет или чукање на писма (како што повеќето луѓе го користат). За ова веќе сме дискутирале во Редакцијата па се надевам дека во иднина ќе има повеќе такви прокети и апликации. Сепак веднаш да напоменам дека тоа нема да бидат проекти за некои уреди кои се комерцијално достапни (модем, звучна картичка и сл.), бидејќи нивната цена е толку ниска што воопшто не се исплати нивна самоградба. Наша определба е да понудиме проекти и апликации за разни компјутерски додатоци кои ги нема на пазарот или пак нивната цена е висока (на пример аларм, контролер на светло или електрични машини, контролер на температура, влага и сл.).
4. Што се однесува до идејата ЕМИТЕР да има свој Web сајт за жал морам да кажам дека во догледно време таа нема да се реализира. Причини за ова има неколку, а финансиските средства се само една од нив. Впрочем не е проблем изработката на сајтот (бидејќи тоа можеме бесплатно да го добиеме, односно во компензација со некоја од нашите компјутерски фирми) туку неговото одржување. Тој сајт треба месечно да се храни со нови информации, за што треба дополнително да се ангажира оваа мала екипа што го подготвува ЕМИТЕР, а која е веќе преоптоварена. Други луѓе немаме и не можеме да ангажираме бидејќи за тоа повторно требаат пари. Дури и да ангажираме други луѓе дел од работите ќе останат на мене и техничкиот уредник, а како што веќе кажав за тоа немаме време и сили бидејќи редовните обврски за издавање на ЕМИТЕР не тераат да работиме во просек 28 денови месечно по 12 часови дневно. Од друга страна мал е бројот на наши читатели што имаат пристап до интернет (според анкетата од минатото лето само 5% од нашите читатели имаат пристап до интернет од својот компјутер, а 19% од компјутерот на работа или училиште). Затоа сметам дека во овој период не е неопходно и е тешко изводливо да имаме своја Web страница.
Во ситуација во која опстанокот на списанието е доведен во прашање (како резултат на случувањата во и околу Македонија), сметам дека сите сили треба да ги насочиме во обезбедување на натамошното излегување и квалитетот на ЕМИТЕР, а не да се расплинуваме со нови и не толку потребни активности.
Се надевам дека содржината на новиот број ќе ги задоволи Вашите интереси и дека во иднина редовно и со внимание ќе нè следите.
Слободан Таневски