Пофалби и критики

Најнапред ви пожелувам уште многу години успешно излегување на списанието. ЕМИТЕР го читам уште од 1995 година и можам да кажам дека за овие услови е добро а цената е прифатлива. Кога одлучив да ви го напишам ова писмо повторно ги разгледав сите броеви и можам да кажам дека од број во број ЕМИТЕР е сè подобар и подобар. Добар дел од објавените проекти имам направено и сите ми проработеле без проблеми. Се разбира имам и неколку забелешки и предлози.
...Голем проблем ми претставува набавката на списанието бидејќи во Тетово пристигнува многу мала количина (според мои сознанија - само 5 примероци). Направете нешто околу овој проблем...
...Го поддржувам читателот Никола Иванов во врска со замерките за презаситеност на темата "звучници", но не го поддржувам за рекламите бидејќи тие се корисни како за списанието така и за нас читателите...
...Многу ми смета кога давате ветување а потоа не го исполнувате, како на пример со најавата дека ќе објавите шема на појак ФМ предавател. Ако нешто ветите тогаш тоа и остварете го...
...Треба да објавувате подобри проекти, како што беа на пример "Повеќеканална миксета", "3-канален light show", "Функциски генератор", "Професионален извор LPS-95" и други. Зошто не ги објавите проектите од смотрите на млади техничари? Зошто тој ентузијазам не се пласира до читателите?...
...Мислам дека бројот од три плочки што можат да се нарачаат со попуст од вашиот ППК сервис е многу мал. Би сакал тој да се зголеми на 5 со обврска да не биде помал од 3. Така многу би им се олеснила изработката на читателите...
Толку за сега од мене. Се надевам дека не ви одземав премногу време.
Голем поздрав од
Зоран Митрески од с. Брвеница, Тетово

Благодарам за честитките и за позитивните оценки за ЕМИТЕР. За повеќето работи кои ги коментирате веќе неколку пати сме пишувале во ЕМИТЕР, па затоа ќе одговорам само на некои работи од Вашето писмо.
За пласманот на ЕМИТЕР во Тетово:
Во Тетово, како и во сите градови, испраќаме за 20-40% повеќе примероци отколку што биле продадени во претходните месеци. Затоа секогаш се чудам кога некој читател ќе реагира дека ЕМИТЕР не може да го најде во својот град, а од друга страна нас како непродаден ни се враќа околу 30% од испратениот тираж. Дали читателите не проверуваат и во други трафики, дали продавачите не го изложуваат ЕМИТЕР и го чуваат во магацин не ми е јасно. За овој проблем повеќе пати сум реагирал кај нашиот дистрибутер (порано Тутун, а сега Пегаз Принт) и тие ме уверувале дека со дистрибуцијата е сè во ред поткрепувајќи го тоа со соодветна документација. Затоа Ве молам побарајте го ЕМИТЕР и во друга трафика. Инаку во Тетово последниве неколку месеци испраќаме по 30 примероци, а не како што велите само 5.
За "неисполнетите ветувања":
Повеќе пати сум кажал дека сите автори на написи во ЕМИТЕР се хонорарни соработници. Сите тие имаат и други (поголеми) обврски во животот (студирање, работа, фамилија...) и не живеат од хонорарот добиен од ЕМИТЕР. Поради овие причини се случува да не биде навреме реализиран или пак воопшто да не биде реализиран некој напис кој е претходно договорен. Знаејќи го ова ЕМИТЕР никогаш не ги најавува написите за следниот број (како што е вообичаена пракса во странските списанија), а ако некој напис го најавиме во одговорот на некое писмо тоа не го правиме во форма на ветување туку во форма на план кој може, но и не мора да биде реализиран. Таков е случајот и со проектот за ФМ предавател со поголема моќност.
За објавување на проектите од смотрите на млади техничари:
До сега не ни се јавил ниту еден учесник на тие смотри да ни го понуди својот проект за објавување во ЕМИТЕР. Од друга страна последниве 2-3 години добар дел од уредите прикажани на тие смотри се направени според проектите и апликациите објавени во ЕМИТЕР. Впрочем ЕМИТЕР последниве неколку години е спонзор на Градските (во Скопје) и Републичките смотри на млади техничари, како и на натпреварите на електро-машинските училишни центри во Македонија. На овие смотри и натпревари на сите учесници во дисциплините "електроника", "радиотехника", и "автоматика" редакцијата им доделува по еден примерок од списанието, а на тројцата првопласирани по еден укоричен комплет. Инаку ЕМИТЕР е отворен за соработка со секој што ќе понуди интересен и квалитетно подготвен напис што се вклопува во зацртаната концепција.
За попустот при порачка на ППК од ЕМИТЕР:
Цената на плочките и без попустот е ниска, а со попустот од 50% таа е пониска дури и од производната цена. За таа цена евентуално може да се набави само неизработена плочка со иста површина. Толку голем попуст се одлучивме да дадеме, и во тој поглед да одиме во загуба, со цел да ја стимулираме градбата на електронски уреди меѓу читателите од една страна, и да го намалиме фотокопирањето односно да ја зголемиме продажбата на списанието од друга страна. Во одредени случаи, зависно од нарачаните плочки, попустот може да биде поголем и од 300 денари, што навистина е многу, ако се земе во предвид дека тој попуст е "заработен" со купување на последниот број на ЕМИТЕР по цена од 100 денари. Зголемување на бројот на ППК што може да се добијат со попуст би предизвикало зголемување на загубите кои не можат да се покријат со продажбата на списанието. Делумно ова се случува и сега. Напоменувам дека ограничувањето од 3 плочки важи само за оние со попуст, додека пак без попуст секој читател може да нарача онолку плочки колку што сака.
За крај уште еднаш Ви се заблагодарувам за пофалбите и искажаните сугестии. Се надевам дека и во иднина ќе нè следите редовно.
Слободан Таневски