LC метар AP-LC1 и хеликоидна антена

Здраво ЕМИТЕР,
Очекувам веќе во следниот број ЕМИТЕР да излезе заедно со брошурата која ја предлагате. Темите можат да бидат по примерот на текстот од Е4/99 "TDA 3566A PAL/NTSC декодер".
Имам неколку прашање до вас и се надевам дека ќе ми одговорите.
1. Дали високотонецот во свртницата за Mini Monitor 5.5 (Е6/97) треба да е обратно фазно поврзан, како што е во свртницата за Beauty 5.5 (Е11/96)?
2. Во проектот LC метар AP-LC1 (Е7-8/96) вградив транзистори BF 199, BF 224, 2SC 930 и 2SC 1359 и со нив успеав да го нагодам инструментот само на подрачјата од 10µF и 1µF. Во следните подрачја распонот за нагодување на тример потенциометрите не е доволен. Како да го решам проблемот?
3. Во текстот "ТВ и УКБ антени" дадено е дека зависно од односот на дијаметарот и должината на намотката на антената, зрачењето на хеликоидната антена може да биде радијално или аксијално. Освен цртежот на сл. 6 немате дадено некој конкретен израз за тој однос. Можете ли тоа подетално да го разјасните?
Потоа давате цртеж со основните параметри на оваа антена и израз за некој параметар "C" кој го нема на цртежот. Параметарот го сместувате во некои граници кои се бездимензионални броеви. Кој е тој параметар "C" и која е неговата димензија? Дали основата со димензија на страната A е рефлектор и од каков материјал се изработува?
Од какви материјали може да се изработи ваква антена, каде треба да се приклучи антенскиот кабел, и за крај, можете ли да дадете практичен пример за изработка на хеликоидна антена?
4. Можете ли да објавите некои податоци и шема на засилувач со интегралното коло TA 8220 или TA 8221?
Вашиот верен читател,
Благоја Јандрески од Гевгелија

Ви благодариме за Вашиот предлог во врска со содржината на брошурите што ги планираме како додаток на списанието. Вашиот предлог се совпаѓа со размислувањата на Редакцијата - имено планираме цела серија брошури под заедничко име (условно) "ЕМИТЕР каталог на електронски елементи". Секоја брошура ќе биде на една тема - диоди, транзистори, операциски засилувачи, TTL логички кола, CMOS логички кола итн. Планираме првата брошура да излезе на есен.
Еве ги одговорите на Вашите прашања:
1. Високотонецот во звучникот Mini Monitor 5.5 не треба да биде обратно поврзан како што е во звучникот Beauty 5.5, туку онака како што е прикажано во шемата на неговата свртница. Причина за ова е што филтрите за бас звучникот се различни така што и фазната разлика меѓу високотонецот и бас звучникот се разликува.
2. Можни причини поради кои не може да се нагоди LC метарот се:
а) Фреквенциите на поединачните осцилатори не се нагодени на нивните оптимални или не е запазен нивниот сооднос.
б) Недоволна брзина на прекинување на транзисторот T1, односно негово недоволно засилување. Овој тип на транзистор треба да биде брз прекинувачки. Оригиналниот во апликацијата е BF 199 (fT=550MHz). Транзисторите со кои сте експериментирале имаат транзитни фреквенции: 2SC930 (300MHz), 2SC1359 (250MHz), додека BF 244 претставува N-FET и не може да се искористи за оваа намена. Ако ставите BSX 20 (со брзина на прекинување 7/21nS односно транзитна фреквенција од 3GHz), сигурно дека нема да ги имате опишаните проблеми.
Обидете се со промена на вредностите на тримерите за подесување P6 и P7. Ако отклонот на индикаторскиот инструмент е помал, намалете го P6 на вредност од 100Ω и зголемете го P7 на вредност од 2k2. Сепак најдобро и најбрзо ќе го решите проблемот со ставање на транзистор со поголема брзина на прекинување, предложениот BSX 20.
в) Недоволна осетливост на индикаторскиот инструмент. Измерете дали неговата вистинска осетливост е 100µA или само така е декларирана од произведувачот.
г) Неисправноста на кондензаторот C7 кој може да го "шентира" инструментот поради својата зголемена "струја на истекување". Ставете тантал кондензатор.
д) Диодите D1 и D2 мораат да бидат германиумски, заради помалиот пад на напон во тек на спроведувањето. Проверете да не сте ставиле силициумски диоди.
ѓ) Други можни грешки и отстапувања од електричната шема и печатената плочка, како и промени во вредностите на поедини компоненти, надвор од наведените во ЕМИТЕР.
е) Ако поединечните осцилатори не сте во можност да ги доведете до фреквенции кои се идентични со декларираните, слободно можете да извршите промена на вредностите на тример потенциометрите P1-P5. За подобра регулација, во тек на нагодувањето, можете да ставите во серија со потенциометарот друг потенциометар со вредност до 1/3 од неговата номинална вредност. Откако ќе го завршите нагодувањето, можете да го отстраните и неговата вкупна вредност да ја замените со класичен непроменлив отпорник. Вака ќе имате подобра температурна стабилност.
ж) Зголемена отпорност и неквалитет за високи фреквенции на преодните контакти на Function и Range селекторот. Исчистете ги нивните контакти или заменете ги со поквалитетни.
з) Остатоци од паста на ППК - високите фреквенции не се љубители на "паста за лемење".
Ако немате успех со предложените совети, обидете се за решавање на проблемот да направите измени во следниве компоненти: Отпорникот R1 да се намали на вредност од 4k7 или пониска. Отпорникот R3 во серија со напојувањето да се намали до вредност од 820Ω. Повеќето од овие макотрпни проверки и замени би ги избегнале со набавка на фамозниот BSX20. Посебно внимание да се обрне на потеклото на IC1, CD 40106. Ако е од Philips, можете мирно да спиете. Може да биде и од друга реномирана фирма, само да не е со ознака испишана од страна на продавачот по желба на купувачот. Ах пусти Турци...
3. Конкретен израз за насоченоста на хеликоидната антена немаме, освен тоа дека аксијален дијаграм на насоченост (слика 6.б) се добива кога обемот на една навивка "C" е приближно еднаков на брановата должина за која е наменета антената. Ова објаснување за параметарот "C" е веќе дадено во посочениот текст, па само би додал дека е C=π•D. Спомнатиот интервал за C (0,8<C<1,2) се однесува за неговите димензии во однос на брановата должина, па поточно може да се напише како: 0,8λ<C<1,2λ. Основата со димензија A е рефлектор и може да се изработи од полн алуминиумски лим, перфориран лим или метална мрежа, а самата намотка на антената, ако е за UHF подрачјето, обично се изработува од алуминиумски цевки или прачки. Спојот на намотката со рефлекторот треба да биде преку изолационен материјал (на пример пластична цевка) и на тоа место се приклучува коаксијалниот кабел - централниот проводник на намотката, а оклопот (ширмот) на рефлекторот. Во еден од следните броеви планираме да објавиме напис со нацрти за самоградба на ваква антена.
4. Интегрираното коло TA 8220H од Toshiba е стерео аудио засилувач наменет за употреба во автомобилите со напон за напојување од 9 до 18V. Со напојување од 14,4V на секој канал дава излезна моќност од 30W при f=1kHz, RL=2Ω и THD=10%. Има низок излезен шум (типично 0,3mVRMS) и мали изобличувања на помала моќност (типично 0,04% на f=1kHz, Pout=1W и RL=4Ω). TA 8220 е интегрирано коло од новата генерација и има вградена stand-by функција, коло за детекција а краток спој на излезот и коло за детекција на клипинг, како и неколку заштитни кола: од преголема температура, преголем напон и краток спој помеѓу излезот и Ucc, излезот и GND и помеѓу двата излези. Повеќе податоци за ова ИК како и шема за негова примена планираме да објавиме во следниот број.
В.Ф., П.А. и С.Т.