Во врска со објавениот проект "Гитарско комбо EGA-LITE C8" во ЕМИТЕР 4/2к ме интересира следново:
1) Зошто гитарските засилувачи треба добро да работат во режим на клипинг и како би можело практично да се оцени и да се "препознае" таквиот засилувач?
2) Добро е објаснето зошто звучничката кутија е полуотворена или отворена, но на кој начин се определуваат димензиите на "полуотворот"?
3) Ако наместо Simsonik се определам за звучникот Eminence, каде можам да го набавам?
Со почит, Владимир Џеповски, via e-mail
1) Заради самата конструкција на електричната гитара и начинот на свирење, сигналот кој излегува од гитарата не е (и не треба да биде) прецизно ограничен по амплитуда. Затоа често се случува сигналот да го препобуди засилувачот и тој да влезе во клипинг – тоа по потреба и намерно се прави, за да се добие специфична боја на тонот. Од друга страна, свирењето со позитивен фидбек (во близина на комбото: ја потегнете жицата на гитарата и тонот трае и трае ...) исто така директно води во клипинг.
Засилувачите со послаба (или без) глобална негативна повратна врска добро се однесуваат при клипинг, а исто така помага и непредимензионирано (или таман) мрежно трафо – особено кај "лампашите". Овие величини лесно можат да се пресметаат, измерат и да се препознаат.
2) Димензиите на кутијата и на отворот одзазди приближно се определуваат од саканата долна гранична фреквенција (видете во "Звучни кутии – сите видови на светот" во ЕМИТЕР 9/96), а понатамошните штелувања се прават со слушање, па модифицирање на кутијата, па мерење, па пак слушање, па пак .... и така година-две. Претходново кажано важи за конкретно одбран звучник. За некој друг, целата постапка се повторува.
3) Звучниците Eminence можете да ги купите во продавницата "Мими", тел. 120-361.
Владимир Филевски
Почитуван Емитер,
Веќе 14 години користам SBI 5 II звучници од самоградба, направени според проектот од хрватското списание SAM. Ми се чини дека тоа се релативно добри звучни кутии, но со една сериозна забелешка упатена на сметка на релативно големиот Qts фактор на вградениот нискотонец Dynaudio 24W75. Покрај тоа и годините го прават своето – се јавува по некоја прснатина на надворешните центратори на нискотонците. Освен тоа, тука е и своевидната презаситеност од постојниот звук, па ова ме наведе да размислувам за следниве алтернативи:
1) Набавка на нови, готови (фабрички) звучни кутии. Најмал ризик, но ќе остане дилема дали за истите пари би можеле да се направат во самоградба поквалитени звучници.
2) Градење на нови звучни кутии. Голем ризик и труд, но потенцијално и најголема добивка. Дали кај нас постои доволно ниво на столарски, лабораториски и други услуги што ќе гарантираат резултати кои се споредливи со комерцијалните производи кои се барем за една ценовна класа погоре од инвестицијата во материјалот за самоградба?
3) Набавка на нови мембрани за нискотонците. Едноставно решение, но без унапредување на звукот.
4) Компромисно решение. Најновата 4-омска верзија на нискотонецот Dynaudio 24W75 има значително понизок Qts параметар, така што ми се чини дека би се добиле подобри резултати. Секако дека тоа ќе бара и измена на постојната свртница. Дали е прифатлива ваквата амбивалентна импеданса – 4-омски нискотонец и 8-омски високотонец?
Ве молам да ми помогнете во проценката на вредноста и исплатливоста на претходниве решенија. Дали би можеле да ми кажете каде наједноставно да набавам Dynaudio драјвери?
Поздрав, Петар Чичев од Скопје
Веќе одамна, во светски рамки, прифатен е фактот дека со самоградба можат да се направат звучници (т.е. звучнички системи) кои се подобри од комерцијалните ("фабрички") за истата цена. Се разбира, ова се однесува на звучниците направени со звучнички единици (високотонци, среднотонци...) кои слободно можат да се купат на пазарот. На големите фабрики им е полесно, бидејќи тие ги набавуваат овие звучници по многу пониска цена, заради големата нарачана количина. Но и покрај тоа, со самоградба можат да се направат вистински бисери.
1) Првата алтернатива (фабрички звучници) сепак останува како можно решение за некои одредени случаи, кога станува збор за звучнички единици кои не можат да се купат на слободниот пазар (а се со подобар квалитет од останатите слични), бидејќи фабриката која ги произведува ги користи само за свои потреби и не ги изнесува на пазарот. Тука спаѓаат и по нарачка направени подобрени верзии на постоечките (кои се нудат на пазарот) модели на звучнички единици; или едноставно – селектирани, а со тоа и најдобрите примероци од постоечките модели. Секако, треба да се спомнат и некои специјални звучници, на пример електростатски, јонски или некои други егзотични видови. Сиве овие специјални звучници не можат да се купат на слободниот пазар, така што на нив не може да им се конкурира (под претпоставка дека навистина се најдобри) со самоградба. Сепак, голем број на многу скапи (и многу добри) комерцијални звучни кутии се направени со стандардните звучници од Scan-Speak, Audax, Eton, AudioTechnology, Seas, Vifa, Dynaudio, ... кои лесно можат да се купат.
2) Како што веќе можевте да се уверите, моите проекти или модификации на фабричките звучници објавени во ЕМИТЕР (на пример: проектот Yummy 5 во Е 2/98; модификациите на Videoton DC 2080 во Е 5/98, RIZ Alfa 6 во Е 10/99 или Jamo Cornet 40 IV во Е 4/2000) јасно докажуваат дека за оној кој знае и умее воопшто не е проблем да проектира и направи звучник (звучнички систем) кој е подобар од фабрички. Се разбира, за такво нешто е неопходен професионален компјутерски уред за аудиомерења, на пример како што е CLIO. Уредот CLIO во светот го користат голем број на фабрики кои произведуваат звучници.
Во Македонија постојат бројни поединци и фирми кои изработуваат звучни кутии и свртници, но морам да Ве предупредам дека повеќето од нив се апсолутни лаици, иако сами себе се декларираат како големи стручњаци за аудиотехника, а освен тоа немаат никакви уреди за аудиомерења. Напоменувам дека освен мојот уред CLIO (кој го купив пред скоро три години), во Македонија постојат уште два уреда CLIO кои се неодамна увезени, но не би сакал да коментирам околу тоа колку нивните сопственици (ќе) знаат да го употребуваат CLIO. Не можам со сигурност да тврдам, но мислам дека во Македонија не постојат други примероци на CLIO, или некои слични на него професионални мерни уреди.
Како заклучок, Ве уверувам дека некаде во Македонија навистина постои ниво на услуги какво што барате. Треба само да ги најдете вистинските луѓе.
3) Како што правилно забележавте, оваа варијанта нема да го унапреди постоечкиот звук.
4) Ова е најисплатливо решение и затоа Ви го препорачувам, и покрај тоа што бара нова свртница. Нема никакви проблеми заради различните импеданси на високотонецот и нискотонецот – погледнете во "Пасивни свртници за зв. кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96.
Звучниците Dynaudio можете да ги купите кај SPEAKER HEAVEN, Tonhallenstr. 49, 47051 Duisburg, Germany.
Владимир Филевски
Јас сум ваш редовен читател и искрено сум доста задоволен од вашата концепција и изведба на списанието.
Мислам дека имам проблем со мојот нов засилувач Kenwood KAF-3010, или можеби проблемот е во моите звучници HSR Ei Ниш, па ве молам за помош. Кога прв пат го приклучив засилувачот на HSR-ите, не бев нешто посебно воодушевен од квалитетот на звукот, а особено од јачината. На оптеретување малку повеќе од половина, средните тонови се пренагласени а ниските како да ги нема. Дали сум згрешил во изборот на засилувачот? Нејасно ми е која е моќноста на засилувачот, бидејќи во проспектот на засилувачот производителот декларира повеќе моќности:
DIN 1kHz: 70 W / 8Ω, 100 W / 4Ω
IEC/DIN 63 Hz to 12.5 kHz , 0.7 % THD: 65 W
EIAJ 1 kHz, 10 % THD: 90 W / 8Ω, 130 W / 4Ω
Damping factor: 42
Ако од овие карактеристики ја утврдите моќноста на засилувачот, препорачајте ми звучник што ќе одговара.
Однапред благодарам, Ѓорѓи Георгиевски via e-mail
Квалитетот на звукот на засилувачите и на звучниците нема ама баш никаква врска со тоа дали тие имаат моќност од 30 W или 300 W. Повеќе пати на страниците на ЕМИТЕР сум напишал дека воопшто не е важно колку W е моќноста на звучниците, бидејќи тие ќе свират без никакви проблеми на скоро кој било засилувач (освен ако засилувачот е двојно или тројно посилен – тогаш треба да се внимава). Повеќе проблеми произлегуваат од недоволно моќни засилувачи, отколку од премногу моќни. Слободно можете да ги заборавите Вашите грижи околу тоа колку W е моќноста на Kenwood KAF-3010. Со вашиот нов засилувач сè е во ред, а нему му одговара (скоро) кој било звучник. Единствено можеби треба да се внимава да се одберат звучници со поцврст бас, бидејќи дампинг факторот на Kenwood KAF-3010 е просечен.
Моќноста на засилувачите се декларира на одредена фреквенција (или опсег), при одреден процент на изобличување (THD). Изобличувањата кај засилувачите се најмали на средните фреквенции (околу 1 kHz), а растат накај високите фреквенции – затоа најчесто моќноста на засилувачите се декларира на 1 kHz (што не е фер). Моќноста според еден од DIN стандардите се мери при максимално изобличување од 1 % THD и тогаш се добиваат 70 W/8Ω и 100 W/4Ω. При поголем процент на изобличување, на пример 10 % THD, се добива најголема моќност, во овој случај 95 W/ 8Ω и 130 W / 4Ω, но толкаво изобличување не би можело да се нарече музика. При помал процент на изобличувања , земајќи го предвид целиот тонски опсег, моќноста што е на располагање ќе биде најмала: според стандардот IEC/DIN, во опсегот од 63 Hz до 12.5 kHz и при изобличување од 0.7 % THD се добиваат 65 W/8Ω и 100 W/4Ω, така што тоа е реалната моќност на Вашиот засилувач.
Тоа што не сте биле нешто посебно воодушевен од квалитетот на звукот на комбинацијата HSR + Kenwood сигурно се должи на широко распространетата бајка што сте ја чуле претходно, дека засилувачите имаат големо влијание врз звукот. Вистината е нешто поинаква: разликите во квалитетот на звукот меѓу засилувачите се многу помали од разликите во звукот меѓу звучниците. Вие веројатно сте ја споредувале разликата во звукот меѓу рисиверот HSR и засилувачот Kenwood, и како што и сами сте се увериле, разликата не е нешто од што ќе паднете долу. Сакајќи или не, Вие всушност сте го оценувале квалитетот на звукот на звучникот HSR, кој очигледно не Ве задоволува. Единствено решение е да купите поквалитетни звучници.
Меѓутоа, главниот проблем е во тоа што Вие всушност сакате прегласна музика. На страниците од ЕМИТЕР веќе сум ја опишал широко распространетата заблуда дека "со поставувањето на потенциометарот за јачина на звукот во средна положба ("петка") се добива половина од излезната моќност на засилувачот" – тоа не е точно! При таква положба на потенциометарот засилувачот најчесто е длабоко во клипинг. Пренагласените средни тонови кои сте ги чуле при "малку повеќе од половина оптеретување" се резултат на појава на клипинг кај засилувачот, односно терање на засилувачот да работи преку своите крајни граници. Ако при ова се слушаат изобличувања кај средните и високите тонови, тогаш скоро секогаш прегоруваат високотонците и среднотонците. Ако изобличувањата не се слушаат, а има само истакнување на средните тонови, односно недостаток на басови, тогаш тоа покажува дека електронската заштита од преоптеретување кај Вашиот засилувач засилувач одлично работи (можеби и премногу добро, т.е. претерано).
Едноставно речено, моќноста на засилувачот и особено ефикасноста на Вашите звучници не Ви се доволни. Најдобро решение е да купите звучници со многу висока ефикасност – поголема од 95 dB/1W/1m, а најдобро е да биде околу 100 dB/1W/1m (просечна ефикасност е околу 87dB/1W/1m). Нема никаква потреба од помоќни засилувачи, бидејќи засилувач од (на пример) 200 W/4Ω има многу повисока цена од Вашиот, а со тие 200 W ќе се добие звук посилен за само 3 dB. Многу поевтино и подобро решение е да се избере звучник со поголема ефикасност, односно осетливост (efficiency, sensitivity) – ви препорачувам да купите некој модел од Cerwin-Vega или некој модел од SM серијата на Infinity. Не прашувајте за моќноста на тие звучници, тоа воопшто не е важно! Гледајте го само податокот за ефикасност (dB/1w/1m) односно осетливост (dB/2,83V/1m), кој треба да биде што повисок. Пред да ги купите тие звучници, сепак прво треба да ги чуете како звучат!
На крај уште една препорака: при погласна музика тонските контроли за бас и високи тонови треба да бидат на "нула" (или во минус, по потреба). Ако Вашиот засилувач има копче за исклучување на тонските контроли ("source direct"), направете го тоа.
Владимир Филевски
Почитувана редакцијо,
Веќе подолго време сакам да изработам звучници со активни филтри и тој проект многу ме израдува. Сакам да изработам звучници каде што басот ќе биде во една кутија, а среднотонецот и високотонецот во друга. Планирам за бас-звучник да употребам Eminence од 500 W, а за среднотонец и високотонец сè уште немам никаква идеја. Би ве замолил за совет или за еден таков проект. Парите воопшто не се проблем.
Однапред ви благодарам, Душко Јаневски, via e-mail
Ако парите не Ви се проблем, тогаш Ви ги препорачувам следниве компоненти:
Високотонец: Dynaudio Esotar M 560 D (цена за еден пар: 1.978 DM)
Среднотонец: AudioTechnology 4H521306 (цена за еден пар:1.178DM)
Бас: AudioTechnology 15E1022510 (цена за еден пар: 3.698DM)
Вкупна цена на звучничките единици за еден пар звучни кутии: 6.854DM.
Овие звучници можете да ги нарачате на следнава адреса: AUDIOPUR, Bergstr. 14, 76275 Ettlingen, Germany. На прикажаниве цени треба да се додаде поштарина, а на сето тоа данок и царина, така што на крај вкупната цена ќе биде скоро двојно повисока.
Нема никаква шанса јас сам или ние во ЕМИТЕР да вложиме толку многу пари (околу 13.000 герм. марки!) за овој проект, но ако Вие ги купите звучниците кои ги предложив, цврсто Ви ветувам дека јас бесплатно ќе ја проектирам целата звучна кутија и ќе ги направам сите потребни мерења со CLIO. Напоменувам дека звучниците што Ви ги препорачувам воопшто не се најскапите кои можат да се најдат на пазарот! Јас само одбрав многу квалитетни (и со соодветна цена) компоненти, но не и безобразно скапи (постојат високотонци со цена од 6.000 марки за еден пар !).
Владимир Филевски
Здраво,
Дали се потребни преправки за ESR-метарот за да може да се користи UNIMER 7042 кој има скала до 300 mA, а не до 500 mA и дали може да се користи батерија од 9 V?
Поздрав, Ѕвонко Стаменков via e-mail
ESR метарот користи скала од 500 µA, а не од 500 mA! Ако Вашиот инструмент има најмало подрачје од 300 mA, тогаш преправки не се можни, а ако сте мислеле на 300 µA, тогаш доволно е да се зголемат вредностите на тример потенциометрите P1 и P2 на 1kΩ и 220 kΩ. Батерија од 9 V може да се користи ако напонот од 9 V го стабилизирате на 3 V со отпорник и зенер диода. Поедноставно е да се користи батерија од 3 V. Напојување од 9 V само непотребно ќе ја троши батеријата дисипирајќи дел од моќноста на отпорникот.
Петар Аврамовски
Здраво почитувана редакцијо,
На почетокот да го изразам моето задоволство од ЕМИТЕР, кој со секој нов број станува сè подобар. Само така продолжете! Имам едно прашање во врска со дигиталниот волтметар (9/97), односно кога се мерат поголеми напони користејќи ја 2V-ната верзија. На слика 6 се дадени некои можни подрачја, но мене конкретно ме интересира како да се прошири подрачјето од 20V да мери напони до 35-40V, а притоа да користи децимална точка (отчитувањето на дисплејот да биде во форма, на пример 34,9V). Исто така, ме интересира која е функцијата на дисплејот D4 кај 2V-ната верзија и дали може да се изостави, бидејќи мислам дека е непотребен.
Однапред Ви благодарам и Ви посакувам се најдобро.
Здравко via e-mail
Мерењето на напонот поголем од 20V се постигнува според сл.6 при што преклопникот се поставува на подрачје 200V при што краткоспојникот за одбирање на точката се поставува помеѓу точките 1 и 2v со што се добива максимално покажување 199.9. Дисплејот D4 има функција да ја прикаже стотката (во овој случај) со покажување на напонот поголем од 100V. Ако имате потреба од мерење на напон помал од 100.0V (на пример кај некој лабораториски извор на DC напон) тогаш дисплејот D4 слободно можете да го изоставите.
Благој Ќупев
Здраво!
Јас сум ваш редовен читател и би сакал да ви честитам за успешната работа и да ви посакам повеќе успеси во иднина.
Имам еден проблем, па би сакал да ве замолам за помош. Сакам да конструирам звучници, па ми треба помош за пресметка на кутијата. Потребни ми се димензии на кутија за 12-инчен бас од 250 W, со бас-рефлекс и со една или две хорни.
Однапред ви благодарам, Ивица Јовановски од Скопје
Ви благодариме на честитките.
Најверојатно Вие од неодамна сте наш редовен читател, бидејќи она што го прашувате детално е објаснето во поранешните броеви на ЕМИТЕР. Ви препорачувам да ги прочитате текстовите: "Компресиони звучни кутии" во ЕМИТЕР 5/95, "Бас-рефлекс звучни кутии: во ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98 и "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96. Во наведениве текстови ќе најдете сè што Ви е потребно за пресметки и конструирање на комплетна звучна кутија.
Колку за почеток, треба да знаете дека потребните димензии на кутијата воопшто не зависат од големината на бас-звучникот (не е важно дали е 12 инча или 4 инча), ниту од неговата моќност (не е важно дали е 250 W или 25 W). Димензиите на кутијата се одредуваат само преку Thiele-Small параметрите на самиот бас-звучник, исто како и видот на кутијата (бас-рефлекс или компресиона), а како тоа се прави е опишано во наведените броеви на ЕМИТЕР. Стручна помош можете да побарате во малите огласи во ЕМИТЕР.
Владимир Филевски