Почитуван Емитер,
Веќе 14 години користам SBI 5 II звучници од самоградба, направени според проектот од хрватското списание SAM. Ми се чини дека тоа се релативно добри звучни кутии, но со една сериозна забелешка упатена на сметка на релативно големиот Qts фактор на вградениот нискотонец Dynaudio 24W75. Покрај тоа и годините го прават своето – се јавува по некоја прснатина на надворешните центратори на нискотонците. Освен тоа, тука е и своевидната презаситеност од постојниот звук, па ова ме наведе да размислувам за следниве алтернативи:
1) Набавка на нови, готови (фабрички) звучни кутии. Најмал ризик, но ќе остане дилема дали за истите пари би можеле да се направат во самоградба поквалитени звучници.
2) Градење на нови звучни кутии. Голем ризик и труд, но потенцијално и најголема добивка. Дали кај нас постои доволно ниво на столарски, лабораториски и други услуги што ќе гарантираат резултати кои се споредливи со комерцијалните производи кои се барем за една ценовна класа погоре од инвестицијата во материјалот за самоградба?
3) Набавка на нови мембрани за нискотонците. Едноставно решение, но без унапредување на звукот.
4) Компромисно решение. Најновата 4-омска верзија на нискотонецот Dynaudio 24W75 има значително понизок Qts параметар, така што ми се чини дека би се добиле подобри резултати. Секако дека тоа ќе бара и измена на постојната свртница. Дали е прифатлива ваквата амбивалентна импеданса – 4-омски нискотонец и 8-омски високотонец?
Ве молам да ми помогнете во проценката на вредноста и исплатливоста на претходниве решенија. Дали би можеле да ми кажете каде наједноставно да набавам Dynaudio драјвери?
Поздрав, Петар Чичев од Скопје
Веќе одамна, во светски рамки, прифатен е фактот дека со самоградба можат да се направат звучници (т.е. звучнички системи) кои се подобри од комерцијалните ("фабрички") за истата цена. Се разбира, ова се однесува на звучниците направени со звучнички единици (високотонци, среднотонци...) кои слободно можат да се купат на пазарот. На големите фабрики им е полесно, бидејќи тие ги набавуваат овие звучници по многу пониска цена, заради големата нарачана количина. Но и покрај тоа, со самоградба можат да се направат вистински бисери.
1) Првата алтернатива (фабрички звучници) сепак останува како можно решение за некои одредени случаи, кога станува збор за звучнички единици кои не можат да се купат на слободниот пазар (а се со подобар квалитет од останатите слични), бидејќи фабриката која ги произведува ги користи само за свои потреби и не ги изнесува на пазарот. Тука спаѓаат и по нарачка направени подобрени верзии на постоечките (кои се нудат на пазарот) модели на звучнички единици; или едноставно – селектирани, а со тоа и најдобрите примероци од постоечките модели. Секако, треба да се спомнат и некои специјални звучници, на пример електростатски, јонски или некои други егзотични видови. Сиве овие специјални звучници не можат да се купат на слободниот пазар, така што на нив не може да им се конкурира (под претпоставка дека навистина се најдобри) со самоградба. Сепак, голем број на многу скапи (и многу добри) комерцијални звучни кутии се направени со стандардните звучници од Scan-Speak, Audax, Eton, AudioTechnology, Seas, Vifa, Dynaudio, ... кои лесно можат да се купат.
2) Како што веќе можевте да се уверите, моите проекти или модификации на фабричките звучници објавени во ЕМИТЕР (на пример: проектот Yummy 5 во Е 2/98; модификациите на Videoton DC 2080 во Е 5/98, RIZ Alfa 6 во Е 10/99 или Jamo Cornet 40 IV во Е 4/2000) јасно докажуваат дека за оној кој знае и умее воопшто не е проблем да проектира и направи звучник (звучнички систем) кој е подобар од фабрички. Се разбира, за такво нешто е неопходен професионален компјутерски уред за аудиомерења, на пример како што е CLIO. Уредот CLIO во светот го користат голем број на фабрики кои произведуваат звучници.
Во Македонија постојат бројни поединци и фирми кои изработуваат звучни кутии и свртници, но морам да Ве предупредам дека повеќето од нив се апсолутни лаици, иако сами себе се декларираат како големи стручњаци за аудиотехника, а освен тоа немаат никакви уреди за аудиомерења. Напоменувам дека освен мојот уред CLIO (кој го купив пред скоро три години), во Македонија постојат уште два уреда CLIO кои се неодамна увезени, но не би сакал да коментирам околу тоа колку нивните сопственици (ќе) знаат да го употребуваат CLIO. Не можам со сигурност да тврдам, но мислам дека во Македонија не постојат други примероци на CLIO, или некои слични на него професионални мерни уреди.
Како заклучок, Ве уверувам дека некаде во Македонија навистина постои ниво на услуги какво што барате. Треба само да ги најдете вистинските луѓе.
3) Како што правилно забележавте, оваа варијанта нема да го унапреди постоечкиот звук.
4) Ова е најисплатливо решение и затоа Ви го препорачувам, и покрај тоа што бара нова свртница. Нема никакви проблеми заради различните импеданси на високотонецот и нискотонецот – погледнете во "Пасивни свртници за зв. кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96.
Звучниците Dynaudio можете да ги купите кај SPEAKER HEAVEN, Tonhallenstr. 49, 47051 Duisburg, Germany.
Владимир Филевски