Јас сум ваш редовен читател и искрено сум доста задоволен од вашата концепција и изведба на списанието.
Мислам дека имам проблем со мојот нов засилувач Kenwood KAF-3010, или можеби проблемот е во моите звучници HSR Ei Ниш, па ве молам за помош. Кога прв пат го приклучив засилувачот на HSR-ите, не бев нешто посебно воодушевен од квалитетот на звукот, а особено од јачината. На оптеретување малку повеќе од половина, средните тонови се пренагласени а ниските како да ги нема. Дали сум згрешил во изборот на засилувачот? Нејасно ми е која е моќноста на засилувачот, бидејќи во проспектот на засилувачот производителот декларира повеќе моќности:
DIN 1kHz: 70 W / 8Ω, 100 W / 4Ω
IEC/DIN 63 Hz to 12.5 kHz , 0.7 % THD: 65 W
EIAJ 1 kHz, 10 % THD: 90 W / 8Ω, 130 W / 4Ω
Damping factor: 42
Ако од овие карактеристики ја утврдите моќноста на засилувачот, препорачајте ми звучник што ќе одговара.
Однапред благодарам, Ѓорѓи Георгиевски via e-mail
Квалитетот на звукот на засилувачите и на звучниците нема ама баш никаква врска со тоа дали тие имаат моќност од 30 W или 300 W. Повеќе пати на страниците на ЕМИТЕР сум напишал дека воопшто не е важно колку W е моќноста на звучниците, бидејќи тие ќе свират без никакви проблеми на скоро кој било засилувач (освен ако засилувачот е двојно или тројно посилен – тогаш треба да се внимава). Повеќе проблеми произлегуваат од недоволно моќни засилувачи, отколку од премногу моќни. Слободно можете да ги заборавите Вашите грижи околу тоа колку W е моќноста на Kenwood KAF-3010. Со вашиот нов засилувач сè е во ред, а нему му одговара (скоро) кој било звучник. Единствено можеби треба да се внимава да се одберат звучници со поцврст бас, бидејќи дампинг факторот на Kenwood KAF-3010 е просечен.
Моќноста на засилувачите се декларира на одредена фреквенција (или опсег), при одреден процент на изобличување (THD). Изобличувањата кај засилувачите се најмали на средните фреквенции (околу 1 kHz), а растат накај високите фреквенции – затоа најчесто моќноста на засилувачите се декларира на 1 kHz (што не е фер). Моќноста според еден од DIN стандардите се мери при максимално изобличување од 1 % THD и тогаш се добиваат 70 W/8Ω и 100 W/4Ω. При поголем процент на изобличување, на пример 10 % THD, се добива најголема моќност, во овој случај 95 W/ 8Ω и 130 W / 4Ω, но толкаво изобличување не би можело да се нарече музика. При помал процент на изобличувања , земајќи го предвид целиот тонски опсег, моќноста што е на располагање ќе биде најмала: според стандардот IEC/DIN, во опсегот од 63 Hz до 12.5 kHz и при изобличување од 0.7 % THD се добиваат 65 W/8Ω и 100 W/4Ω, така што тоа е реалната моќност на Вашиот засилувач.
Тоа што не сте биле нешто посебно воодушевен од квалитетот на звукот на комбинацијата HSR + Kenwood сигурно се должи на широко распространетата бајка што сте ја чуле претходно, дека засилувачите имаат големо влијание врз звукот. Вистината е нешто поинаква: разликите во квалитетот на звукот меѓу засилувачите се многу помали од разликите во звукот меѓу звучниците. Вие веројатно сте ја споредувале разликата во звукот меѓу рисиверот HSR и засилувачот Kenwood, и како што и сами сте се увериле, разликата не е нешто од што ќе паднете долу. Сакајќи или не, Вие всушност сте го оценувале квалитетот на звукот на звучникот HSR, кој очигледно не Ве задоволува. Единствено решение е да купите поквалитетни звучници.
Меѓутоа, главниот проблем е во тоа што Вие всушност сакате прегласна музика. На страниците од ЕМИТЕР веќе сум ја опишал широко распространетата заблуда дека "со поставувањето на потенциометарот за јачина на звукот во средна положба ("петка") се добива половина од излезната моќност на засилувачот" – тоа не е точно! При таква положба на потенциометарот засилувачот најчесто е длабоко во клипинг. Пренагласените средни тонови кои сте ги чуле при "малку повеќе од половина оптеретување" се резултат на појава на клипинг кај засилувачот, односно терање на засилувачот да работи преку своите крајни граници. Ако при ова се слушаат изобличувања кај средните и високите тонови, тогаш скоро секогаш прегоруваат високотонците и среднотонците. Ако изобличувањата не се слушаат, а има само истакнување на средните тонови, односно недостаток на басови, тогаш тоа покажува дека електронската заштита од преоптеретување кај Вашиот засилувач засилувач одлично работи (можеби и премногу добро, т.е. претерано).
Едноставно речено, моќноста на засилувачот и особено ефикасноста на Вашите звучници не Ви се доволни. Најдобро решение е да купите звучници со многу висока ефикасност – поголема од 95 dB/1W/1m, а најдобро е да биде околу 100 dB/1W/1m (просечна ефикасност е околу 87dB/1W/1m). Нема никаква потреба од помоќни засилувачи, бидејќи засилувач од (на пример) 200 W/4Ω има многу повисока цена од Вашиот, а со тие 200 W ќе се добие звук посилен за само 3 dB. Многу поевтино и подобро решение е да се избере звучник со поголема ефикасност, односно осетливост (efficiency, sensitivity) – ви препорачувам да купите некој модел од Cerwin-Vega или некој модел од SM серијата на Infinity. Не прашувајте за моќноста на тие звучници, тоа воопшто не е важно! Гледајте го само податокот за ефикасност (dB/1w/1m) односно осетливост (dB/2,83V/1m), кој треба да биде што повисок. Пред да ги купите тие звучници, сепак прво треба да ги чуете како звучат!
На крај уште една препорака: при погласна музика тонските контроли за бас и високи тонови треба да бидат на "нула" (или во минус, по потреба). Ако Вашиот засилувач има копче за исклучување на тонските контроли ("source direct"), направете го тоа.
Владимир Филевски