Здраво Емитер.
Сакам да ве прашам нешто за алтернаторите што се користат во автомобилите:.
1. Колку струја и колкав напон произведува еден алтернатор (на пример, од застава 101)?
2. Каква струја произведува (еднонасочна или наизменична)?
3. Дали роторот користи магнет или електромагнет кој се напојува од акумулаторот.
Поздрав,
Драган Велоски
1. Алтернаторот за YUGO 45 (сличен, а можеби и ист е со оние на Z101) е производство на Искра. Номиналниот напон е 12V, бројот на вртежи на почетокот на полнењето на 12V (25°C) е 1100 ±50 min-1, трајниот максимален број на вртежи на роторот е 15000 min-1 а максималната струја е 37A. Напонот на полнење го регулира електронски регулатор (реглер), во кој се интегрирани и четкичките и "фабрички" е нагоден да го одржува (во тесно толерантно поле) напонот на полнење на 14V. Оваа вредност важи за полн и за исправен акумулатор и електрична инсталација и при нормална (пропишана) потрошувачка на електрична енергија од потрошувачите.
2. Од статорските намотки на алтернаторот "излегува" наизменична струја (напон) која потоа се исправува во т.н. диодна плоча која е интегрирана во куќиштето на алтернаторот на задната страна (спротивно од каишницата). Ова значи дека од алтернаторот како финален продукт излегува еднонасочен напон (струја) со која се полни акумулаторот и истовремено се опслужуваат електричните потрошувачи. Напонот на оваа струја (кога моторот работи на повисока брзина од околу 1500 min-1) е 14V, а максимално можат да се "повлекуваат" 37A струја.
3. Роторот има намотка која кога е под напон создава магнетно поле околу него, кое при вртење на роторот и тоа се врти и тие магнетни силови линии биваат пресечени од статичните намотки на статорот, при што во нив (статорските намотки) се индуцира напон кој е наизменичен и со променлива фреквенција која е во функција од брзината на вртење на моторот. Значи, роторот е електромагнет. Роторот не смее да биде перманентен магнет (кај алтернаторите), затоа што не може да се регулира напонот (струјата) на полнење, односно произведената струја. Се заклучува дека регулацијата на напонот се изведува со прекинување (и пуштање) на струјата во роторот која се вика побудна струја (напон). Оваа операција е во надлежност на реглерот, т.е. регулаторот на напон (се мисли на регулација на излезниот напон од алтернаторот).
Томе Скендеровски
Одиме по ред.
1. Алтернаторот произведува еднонасочен напон малку повисок од 15V. Со посебно коло за регулација во состав на акумулаторот или алтернаторот овој напон се одржува под 15V. Инаку, при полна моќност кај некои автомобили алтернаторот може да произведе еднонасочна струја до 45A.
2. Алтернаторот во принцип е сихрон трифазен генератор на наизменична електрична моќност. Меѓутоа, во неговиот состав има еден мостен диоден исправувач, па така од трите намотки кои даваат наизменични напони се добива исправен еднонасочен напон. Со оглед на тоа дека овој напон е исправен со трифазен мостен насочувач, тој има многу мала брановитост (види ЕМИТЕР 4/08 во кој се разгледани трифазните насочувачи). Значи, тоа е добар едноснасочен напон и струја.
3. Роторот на алтернаторот е електромагнет кој се напојува од акумулаторот. Колото за регулација на напонот на полнење на батеријата (популарно наречено реглер) ја нагодува струјата која го поларизира овој електромагнет и на тој магнетот начин го прави посилен или послаб. На тој начин се регулира напонот кој го дава алтернаторот.
Кирил Крстевски
Прво, навистина ви благодарам за опширните објаснувања, само сега имам уште некое прашање.
1. Велите... 1100±50 min-1, претпоставувам тоа се вртежите во минута. Но, не ми е јасно што значи тоа -1?
2. Спомнавте дека реглерот се наоѓа кај алтернаторот или акумулаторот. Дали при купување на нов алтернатор добивам и реглер со шема на поврзување на алтернатор-реглер-акумулатор?
3. И ако знаете за која цена може да се набави алтернатор (и нов и стар)?
Благодарам многу. Поздрав.
Дејан Велоски
1. Точно. Тоа се броевите на вртежи на роторот од алтернаторот. Единица за броеви на вртежи е "вртежи/мин", а се чита " вртежи во минута". За да не се комплицира при пишување и за да се напише во еден ред (од практични причини при пишување на текст, а и да се избегнат забуни и погрешни толкувања), се прави математичка варијација и именителот "во минута" се пишува како "min-1", т.е. преку експонент.
2. Кај Z101 (старите модели) реглерот се наоѓа до акумулаторот како посебен електронски склоп. Во тоа време тоа било оправдано со оглед на недоволниот развој на електрониката и контролерите кои биле големи и не можеле да се интегрираат (конструктивно) во рамките на алтернаторот. Во поново време (веќе во YUGO возилата) реглерот е мал, компактен и е како склоп "реглер + четкички" интегриран (намонтиран) на самото куќиште од алтернаторот и при истрошени четкички целиот овој склоп се заменува со нов. Значи, во модерните (денешните) возила речиси и да не може да се најде алтернатор без во него да има интегриран реглер. Кај старите застава возила реглерот е до акумулаторот како посебна единица, а кај новите YUGO возила реглерот е во самиот алтернатор. Сепак, тоа е најмалку битно и е конструктивна карактеристика која зависи од мноштво фактори кои за нас се небитни. Ова е одговор на вториот дел од второто прашање. А како се поврзани спроводниците и клемите, можете да видите во електричната шема на конкретното возило, т.е. на она возило на кое припаѓа конкретниот алтернатор.
3. Не ја знам цената на нов алтернатор. Цената на старите алтернатори (за YUGO возилата) се движи околу 1000 – 3000 денари. Во принцип: цената многу зависи од тоа за кој модел на автомобил е алтернаторот. Алтернаторите за YUGO возилата се меѓу поевтините.
Томе Скендеровски
Здраво Емитер,
Најпрво да ве пофалам, затоа што во вашето списание секогаш се трудите да има за секого по нешто интересно. Би сакал да ми помогнете, ми треба стабилизатор за лед диоди, за напон од 3,3V и струја до 1A, да е едноставен и мал, за да можам да го вградам во мало куќиште. Со овој стабилизатор сакам да напојувам 35 лед диоди кои ќе бидат сместени зад инструмент-таблата во мојот автомобил и ќе служат за нејзино осветлување, како и за осветлување на командите на клима-уредот и копчињата за прозорците.
За оваа намена во автомобилот сега има класични светилки и потенциометар за регулација на напонот за нив од 8 до 12V. Планирам да ставам бели лед диоди од 5mm, па на Википедија прочитав дека напонот на лед диодите е U = 3,5V и струјата што протекува низ нив е I=20mA.
Пробав со отпорници да го намалам напонот за лед диодите, ама постојано имав проблеми со нивното прегорување и нивната различна осветленост кога автомобилот работи под лер гас или под туража. Зошто сите 35 лед диоди не би можел да ги поврзам паралелно помеѓу себе? Исто пробав и со стабилизатор со зенер диода и транзистор, ама имав проблем со прегревање на зенерката и отпорникот од колекторот кон зенер диодата. Затоа барам нешто практично да ми помогнете, но да не ми зафаќа многу место и да немам проблеми како претходните.
Голема благодарност за помошта и голем поздрав.
Љупчо Стојановски преку и-меил.
Најнапред, да се заблагодарам за пофалбите од ваша страна ("Со пофалба на работа се поттикнуваме" :-))). Имајќи предвид дека расположивото место зад инструмент-таблата е мало и со слаб воздушен провев, императив беше да се проектира уред со мали димензии и мала термичка дисипација. Затоа одлучив тоа да биде стабилизатор во импулсен мод на работа т.н. step-down конвертор. Поради разликите во интензитетот на осветлувањето кои би се појавиле при паралелно поврзување на лед диодите и нивната преголема консумација на електрична струја (35 x 20mA = 700mA), одлучив да ги групирам по две, во меѓусебна сериска врска и во сериска врска со отпорници (R3-R19) за ограничување на струјата.
Стабилизаторот е крајно едноставен, едно интегрирано коло, три отпорници, три кондензатори, една намотка и една Шотки диода. Употребено е колото MC34063 во конфигурација на step-down конвертор. Со предложените вредности на шемата, на излезот се добива стабилизиран напон од 7V. Збирниот пад на напоните на двете лед диоди и серискиот отпорник изнесува 7V, при струја од 20mA. Лед диодите од инструмент-таблата треба да се групираат во 18 групи од по две лед диоди, со 18 сериски отпорници. Вкупната струја на консумација на сите 36 лед диоди нема да надмине 360mA, што е далеку под максималната струја која може да ја даде колото (700mA). Намотката L1 намотајте ја со бакарна лак жица со пречник од 0,4 до 0,6mm. Бројот на навивки не е критичен и изнесува од 40 до 100, во зависност од употребеното феритно јадро. Доколку сакате променлив интензитет на осветлувањето на лед диодите, отпорниците R1 и R2 заменете ги со потенциометар со вредност од 22K - неговите краеви поврзете ги на излезот од стабилизаторот, а лизгачот на пинот 5.
Предложеното решение е минијатурно, компактно, едноставно за изградба, со мала дисипирана топлина, со напонска, струјна и температурна заштита, така што неговата изградба во целост ќе одговори на поставените реални барања од ваша страна. Уредот е стабилизиран и неговиот излезен напон, а со тоа и интензитетот на заднинското осветлување, нема да се менува со промената на вртежите на моторот, односно напонот на акумулаторот.
За сите дилеми и нејаснотии во текот на изградбата, Емитер е подготвен да одговори.
Петар Аврамовски