Стабилизатор за 35 лед диоди за заднинско осветлување

Здраво Емитер,
Најпрво да ве пофалам, затоа што во вашето списание секогаш се трудите да има за секого по нешто интересно. Би сакал да ми помогнете, ми треба стабилизатор за лед диоди, за напон од 3,3V и струја до 1A, да е едноставен и мал, за да можам да го вградам во мало куќиште. Со овој стабилизатор сакам да напојувам 35 лед диоди кои ќе бидат сместени зад инструмент-таблата во мојот автомобил и ќе служат за нејзино осветлување, како и за осветлување на командите на клима-уредот и копчињата за прозорците.
За оваа намена во автомобилот сега има класични светилки и потенциометар за регулација на напонот за нив од 8 до 12V. Планирам да ставам бели лед диоди од 5mm, па на Википедија прочитав дека напонот на лед диодите е U = 3,5V и струјата што протекува низ нив е I=20mA.
Пробав со отпорници да го намалам напонот за лед диодите, ама постојано имав проблеми со нивното прегорување и нивната различна осветленост кога автомобилот работи под лер гас или под туража. Зошто сите 35 лед диоди не би можел да ги поврзам паралелно помеѓу себе? Исто пробав и со стабилизатор со зенер диода и транзистор, ама имав проблем со прегревање на зенерката и отпорникот од колекторот кон зенер диодата. Затоа барам нешто практично да ми помогнете, но да не ми зафаќа многу место и да немам проблеми како претходните.
Голема благодарност за помошта и голем поздрав.
Љупчо Стојановски преку и-меил.

Најнапред, да се заблагодарам за пофалбите од ваша страна ("Со пофалба на работа се поттикнуваме" :-))). Имајќи предвид дека расположивото место зад инструмент-таблата е мало и со слаб воздушен провев, императив беше да се проектира уред со мали димензии и мала термичка дисипација. Затоа одлучив тоа да биде стабилизатор во импулсен мод на работа т.н. step-down конвертор. Поради разликите во интензитетот на осветлувањето кои би се појавиле при паралелно поврзување на лед диодите и нивната преголема консумација на електрична струја (35 x 20mA = 700mA), одлучив да ги групирам по две, во меѓусебна сериска врска и во сериска врска со отпорници (R3-R19) за ограничување на струјата.
Стабилизаторот е крајно едноставен, едно интегрирано коло, три отпорници, три кондензатори, една намотка и една Шотки диода. Употребено е колото MC34063 во конфигурација на step-down конвертор. Со предложените вредности на шемата, на излезот се добива стабилизиран напон од 7V. Збирниот пад на напоните на двете лед диоди и серискиот отпорник изнесува 7V, при струја од 20mA. Лед диодите од инструмент-таблата треба да се групираат во 18 групи од по две лед диоди, со 18 сериски отпорници. Вкупната струја на консумација на сите 36 лед диоди нема да надмине 360mA, што е далеку под максималната струја која може да ја даде колото (700mA). Намотката L1 намотајте ја со бакарна лак жица со пречник од 0,4 до 0,6mm. Бројот на навивки не е критичен и изнесува од 40 до 100, во зависност од употребеното феритно јадро. Доколку сакате променлив интензитет на осветлувањето на лед диодите, отпорниците R1 и R2 заменете ги со потенциометар со вредност од 22K - неговите краеви поврзете ги на излезот од стабилизаторот, а лизгачот на пинот 5.
Предложеното решение е минијатурно, компактно, едноставно за изградба, со мала дисипирана топлина, со напонска, струјна и температурна заштита, така што неговата изградба во целост ќе одговори на поставените реални барања од ваша страна. Уредот е стабилизиран и неговиот излезен напон, а со тоа и интензитетот на заднинското осветлување, нема да се менува со промената на вртежите на моторот, односно напонот на акумулаторот.
За сите дилеми и нејаснотии во текот на изградбата, Емитер е подготвен да одговори.
Петар Аврамовски