Здраво ЕМИТЕР.
Го имам направено универзалниот далечински управувач од ЕМИТЕР бр. 2/07. Кога ќе го префрлам во мод за програмирање, иц-приемникот не ги чита командите и лед диодата не сака да светне.
Наместо TSOP 1836 јас го најдов TSOP 1736 и тој го ставив. Дали може колото да работи со TSOP 1736 или да побарам TSOP1836 и да го залемам тој ИЦ-приемник?
Поздрав, Мартин Гелев.

Согласно со каталошките податоци, споменатите компоненти се компатибилни, но имаат различен распоред на изводите. Гледано од напред, кај TSOP1736 од лево кон десно изводите се GND, Us и OUT, додека, пак, кај TSOP1836 изводите се OUT, GND, Us. Согласно со ова поставете ги правилно изводите на плочката и нема да имате проблеми.
Добра работа,
Добре Блажевски


Почитувани,
Во план сум да изработам домашен CO2 апарат за заварување, но единствен проблем ми претставува трансформаторот. За такво заварување е потребен напон од приближно 35V, и струја до 150A. Колку што знам речиси сите трансформатори за оваа намена се за константна струја, а мене ми треба константен напон. Доколку би имале некое решение за мојот проблем проблем, би бил многу благодарен. Исто така, потребен е DC-напон, па дали би знаеле каде може да се најдат диоди од 400A.
Поздрав од мене и од брат ми,
Бојан Јаневски

Сите трансформатори за заварување имаат карактеристика која повеќе одговара на струен генератор отколку на напонски генератор на наизменична електрична енергија. Класичните трансформатори имаат рамна хоризонтална U-I карактеристика или карактеристика која ја има типичен напонски генератор. Значи, вам ви треба класичен трансформатор. Е сега каков и колкав?
При воспоставен лак CO2 апаратот има напон на лак од околу 18V. Некои трансформатори во празен од имаат напон од 35V, но под оптоварување тие даваат 18V, затоа што овој напон е одреден со електричниот лак на челична жица во CO2 атмосфера. Кога трансформаторот би бил многу моќен нема потреба од толку висок напон на празен од. Освен тоа високиот напон на празен од ја расипува рамната карактеристика на трансформаторот. Значи, може да употребите моќен трансформатор со не толку висок напон на празен од. 24V напон на празен од би бил сосема доволен во повеќе случаи.
Колкав трансформатор? Ако трансформаторот треба да работи непрекинато (100% од времето) со струја од 55A (како некој стандард), тогаш тој би требало да има привидна моќност од 55Ax18V = 990W значи потребен ни е трансформатор со привидна моќност од еден киловат. Овој трансформатор ќе обезбеди и поголеми струи од 55A, но тогаш не ќе може да работи 100% од времето. Да речеме тој би можел да работи со струја од 80A но во 60% од времето. Значи, од 10 минути 6 минути да работи апаратот, а 4 минути да се одмара (да се лади трансформаторот).
Колку е оптоварувањето што сакаме да го постигнеме поголемо (поголеми струи на заварување) м:, толку напонот на празен од треба да биде поголем. Ако не планирате апаратот да го користите за конструкции од метални профили (за што според мене апаратот со електрода е незаменлив), тогаш наместо трафо со напон на празен од од 35V можете да употребите трансформатор со номинален напон од 24V. Значи, моја препорака е употреба на класичен трансформатор со номинален напон од 24V и привидна моќност од еден киловат. Вакви трансформатори се користеа порано во фабриките за погонување на електричен алат кој работи на 24V како напон побезбеден за работникот па може да се најдат на старо. Ова дотолку повеќе доколку се користи кондензатор на излез како филтер. Апаратите кои се продаваат кај нас повеќето се без овој кондензатор од причина што е многу скап а мајсторите многу многу не ја разбираат оваа работа па се решаваат на апарати со убави кутии и скромни карактеристики. На излез од трансформаторот секако треба да има исправувач. Сите CO2 апарати имаат насочувач. Денеска само TIG апаратите за заварување на алуминиум користат AC-излез, а сите останати користат DC-излез.
Диоди за 400A можете да купите на старо како што впрочем и јас направив своевремено на автопазар. Друга варијанта е да ги купите од продавниците за електроника. Трета варијанта е да отидете на "пластичарската" улица и да го побарате мајсторот кој прави трансформатори, полначи и апарати за заварување. Тој има добра понуда на половни диоди и тиристори, а има и простор за ценкање.
Кирил Крстевски

Ви благодарам за опширниот одговор. Дома имаме REL апарат за заварување. Мерев колкав напон има при празен од (45V) и за време за заварување (~20V ±4V) при струја од 80A. Дали би можело да се искористи тој апарат како еден дел (за напојување), а другите елементи (грец, механизам за буткање на жицата итн.) како втор дел од целиот уред.
Бојан Јаневски

Не. Тој трансформатор има опаѓачка струјно напонска карактеристика. Тоа е трансформатор намотуван така што тенденцијата е да има поголемо растурање на флуксот наспроти класичните трансформатори каде што тенденцијата е да има што помало растурање на примарниот флукс и посилна магнетска спрега помеѓу примарот и секундарот. Кај REL трансформаторите прво намотките се мотаат одделно а не една преку друга, а ако и тоа не е доволно (а најчесто е доволно) во јадрото се вметнуваат и магнетни шентови за да се добие опаѓачка U-I карактеристика.
Кирил Крстевски


Здраво Емитер!
Сакам да Ве прашам дали е можно да го поврзам лаптопот со телевизор Горење, стар 23 години, за да можам да гледам филмови од лаптопот на ТВ-екранот. Лаптопот има ATI Radeon HD 3470 512 MB RAM графичка картичка, DVI и VGA out порти, додека ТВ има SCART влез.
Однапред ви благодарам за помошта.
Слободан Паризоски.

Доколку и успеете да најдете соодветен адаптер, не е сигурно дека ќе можете да видите слика на ТВ. Проблемот е во тоа што повеќето стари телевизори не се компатибилни со видеосигналот од графичките картички. Зависи од модел до модел. Јас имам еден стар SAMSUNG (моментално фаќа прашина кај моите), произведен 1988, на кој никако не можам да пуштам слика од компјутер.
Пробајте, само ако адаптерот чини многу, може да биде промашена инвестиција – да нема слика, а може и да се добие слика, ама со слаб квалитет. Значи - ЛОТАРИЈА.
Совет – купете си нов телевизор или барем ДВД-плеер со SCART излез. Плеерите ги има веќе од 1800 денари па нагоре.
Зоран Ивановски

МОЖЕ, само не сум сигурен колку ќе биде квалитетна сликата. Јас го поврзав S-VIDEO излезот од PC на SCART на ТВ. На SCART ќе се поврзе и аудиоизлезот од PC за да може да се слуша и звукот. Јас користам кабел како на сликата на линкот http://images.maplin.co.uk/full/l26aj.jpg, додека за вас ќе треба ист таков кабел само место за S-VIDEO треба да одберете за VGA излез. На следниов линк http://www.plugpctotv.com може да селектирате кои излези ги има на компјутерот а кои влезови на телевизорот, па ќе добиете резултати на производи кои се користат за такво поврзување.
Поздрав,
Благоја Пулчески

За да гледате филмови на тв-екранот поребно е да го поврзете видеоизлезот од лаптопот со видеовлезот од ТВ-приемникот и аудиоизлезот од лаптопот со аудиовлезот од ТВ-приемникот. Како што можам да видам од податоците за графичката картичка што ја поседувате, нема соодветен излез од неа што одговара на влезот во ТВ-приемникот!! Со други зборови, тоа би значело дека решението е во набавка на нов ТВ-приемник кој што ќе има ПЦ-влез.
Влатко Костадиновски


Здраво Емитер,
Деновиве кога ќе паднат цените планирам да купам клима-уред и сам да го монтирам, а само за вакумирањето да повикам стручно лице. Го прочитав текстот "Инсталација на клима-уреди" од ЕМИТЕР 7-8/09 и многу работи ми станаа појасни. Сепак, имам неколку прашања:
1. Дали надворешната единица секогаш МОРА да биде пониско поставена од внатрешната едница? Според сликата 1 излегува дека може и обратно?
2. Имам можност да ја монтирам надворешната едниница на два ѕида. Едниот е јужен, каде што надворешната единица главно ќе биде изложена на сонце, но врските со внатрешната ќе бидат пократки (1-1,5м), а вториот е источен каде што надворешната единица ќе биде под стреа (под горниот балкон), но цевките кон внатрешната едница ќе бидат подолги (околу 3-4м). Кое решение е подобро?
Се надевам дека ќе ми одговорите набргу.
Поздрав,
Благоја Јовановски

Ознаките за надворешната и внатрешната единица на слика 1 треба да бидат обратно, но во секој случај не е важно дали надворешната единица ќе биде поставена на повисоко ниво од внатрешната или на пониско. Во однос на изборот на ѕидот за монтажа на надворешната единица работите стојат вака. Ако планирате клима-уредот главно да го користите за ладење, подобро е да биде поставен на место каде што нема да биде изложен на директно сончево зрачење, а доколку планирате да го користите и за греење, поставете го на јужната страна од вашиот дом. Должината на цевките потрудете се да не изнесува повеќе од 6 до 8 метри.
Среќно, и ако имате проблеми јавете се повторно.
Миле Тасев


Почитувани,
Редовен читател сум на Емитер и многу сум задоволен од содржините. Сакам да го изработам 150W MOSFET засилувач од Емитер 7-8/2007, па имам прашање до авторите. Бидејќи имам напојување од +/-38Vdc (трафото ми е 2x28V), ве молам да ми кажете кои измени треба да ги направам за засилувачот да работи оптимално на тој напон. Мислам да го намалам R3 на 3k3 за да се задржи истата струја низ зенер диода, но дали треба да има корекција и на други елементи?
Поздрав од Мирко Трпески.

Според нашите калкулации, минималниот напон за напојување на засилувачот изнесува ±35Vdc. Вие сте многу блиску до тој напон, а вообичаената толеранција на номиналниот напон кај трансформаторите е ±10%. Но, ако вашиот трансформаторот е доволно моќен и има подобрени карактеристики, не би требало да имате проблем. На самиот засилувач не треба многу да се менува. Освен отпорникот R3 за кој веќе имате решение, треба уште да ја проверите струјата низ отпорникот R10. Таа треба да се движи околу 5,5mA, а ако не е толку тогаш треба да направите корекција и на вредноста на R10.
Георги Ефтимов


Драги Емитер,
Јас сум ваш редовен читател, би сакал да ве прашам дали е возможно да се поврзе ДВД-плеер на екран од компјутер. Двд-то има и Scart излез и y-pr-pb излез. Барав по интернет, но не можев да најдам ништо што функционира.
Поздрав,
Ѓорги Љуботенски

Директно не може, бидејќи работат на различни напонски нивоа. Би требало претходно да се приспособи сигналот. Најдобро е да се купи компјутерски монитор кој има и некаков видеовлез (S-video, chinch и сл.).
Дарко Мајстороски.

Може да се направи склоп за приспособување, но ќе чини повеќе од 1000 денари, а за тие пари подобро е да се купи една PC-картичка која има video in и вади VGA out.
Петар Аврамовски