Здраво Емитерци!
Ве следам веќе 2-3 години и навистина сум задоволен од вашата работа. Пријатно ме изненадивте со текстот за самоградба на телескоп бидејќи одамна сакав да почнам да се занимавам со астрономија, а не само да ги читам астрономските текстови. Затоа веднаш го направив телескопот што го прикажавте и доста сум задоволен од добиеното. Меѓутоа имам и некои пробеми и прашања:
Сликата што ја добивам не е баш најјасна. Дали е тоа затоа што не ги вградив блендите во внатрешноста? Имам проблеми со изострувањето на сликата. Фокусирање правам со вовлекување и извлекување на помалата цевка, но дали треба да го вртам и објективот (подвижниот дел за далечина на сликањето)? Како да ја подесам блендата на самиот објектив (сега окулар) - на максимум или на минимум? Сите овие работи ги пробував но не добивам остра слика.
Треба да прикажете и сталак за овој телескоп, а добро би дошол и некој проект за подобар телескоп.
Поздрав од Зоран Митковски

Нè радува вашиот интерес за телескопите и драго ни е што сте добиле добри резултати со практичната изведба на телескопот. Како што беше кажано во текстот "Телескопи – историјат и видови" објавен во ЕМИТЕР 11/2003, за да се добие остра слика неопходен е ахроматски објектив. Објективот употребен за проектот "Направете сами телескоп" од ЕМИТЕР 12/2003 не е ахроматски дублет, туку е едноставна единечна леќа која по дефиниција "боледува" од хроматска аберација, така што и сликата не може да биде многу остра. Но, со одредени мерки и предострожности може да се извлече максимум. Како прво, проверете дали стаклените површини на леќите од објективот и окуларот се навистина чисти! Понатаму, трите бленди мораат да се вградат! Првата, надворешна бленда која налегнува пред објективот е најважна, бидејќи таа ја намалува хроматската и сферната аберација (и со тоа ја изострува сликата). Внатрешните бленди ја намалуваат рефлектираната светлина во внатрешноста на телескопот и заради тоа пожелно е да се постават уште неколку бленди. Исто така, добро е внатрешноста на телескопот да се облепи со тенок црн филц, кој потполно ќе ја елиминира рефлектираната светлина.
Нејасна слика може да се добие и кога објективот не е монтиран точно вертикално на оската на цевката, односно кога оптичката оска на објективот не се поклопува со оската на цевката. Прстенестото проширување на пластичната цевка (на кое налегнува објективот) не е многу прецизно изработено, така што ќе треба да направите неколку проби со монтажата на објективот.
За фокусирање доволно е вовлекувањето и извлекувањето на цевката, а потоа, по потреба со вртење на прстенот за далечина на објективот од фотоапаратот (т.е. окуларот) може да извршите фино нагодување. Проверете дали има доволно простор за лизгање на цевките пред и зад фокусот – можеби воопшто не сте дошле до фокусот? Започнете со потполно вовлечена цевка, а потоа полека извлекувајте ја – сликата треба да станува сè поостра и поостра. Откако ќе го заминете фокусот, сликата повторно ќе стане неостра. Полека вратете ја цевката со вовлекување назад, сè до местото каде е најостра. Ова фокусирање правете го на Месечината, или на крстот на Водно – за блиските предмети потребно е многу големо извлекување на цевките (кои се прекуси за такво нешто). Блендата на фотографскиот објектив (т.е. окуларот) треба да биде потполно отворена, освен кај оние објективи кои имаат f:2,8 – кај нив блендата треба да се подзатвори на f:4.
Остра слика може да се добие само ако и атмосферата е чиста – Месечината на небото треба да има сребрено-бела боја, а не жолтеникава (гледано со голо око). При доволно добри атмосферски услови кратерите на Месечината преку телескопот се гледаат кристално јасно!
Владимир Филевски


Почитувана редакцијо,
Го изработив телескопот кој го прикажавте во последниот број и сега би сакал да направам фотографии од Месечината. Како да го поставам фотоапаратот и дали е подобро да користам обичен апарат или дигитален? Имам web камерче на компјутерот, па како да го искористам за оваа намена?
Сè најубаво од
Горанчо Милевски

Астрофотографијата е една од најтешките дисциплини во астрономијата. Апсолутно неопходна е добра монтажа, со мотор на екваторијалната оска кој ќе го следи објектот на небото (Месечината, во овој случај). Но, можете да се обидете и на следниов начин: прво направете некоја провизорна монтажа (статив) за телескопот (за телескопските монтажи ќе стане збор во некој следен напис во ЕМИТЕР), која нема да дозволи мрдање на телескопот. Изострете ја сликата во фокусот. Фотоапаратот (дигиталниот е подобар и поедноставен за користење) наместете го на "бесконечно" – за ова постои посебно копче, кое го исклучува авто-фокус системот. Задолжително исклучете го блицот ("ambient light")! Монтирајте го фотоапаратот многу блиску до окуларот, во неговата оптичка оска. Просторот меѓу окуларот и објективот од фотоапаратот заштитете го од околното светло, со неколку слоја густа црна ткаенина. Кога Месечата ќе се најде во центарот на видното поле на окуларот, фотографирањето може да започне. Времето на експозиција треба да биде кусо, за да не се добие размачкана слика на Месечината, но тогаш сликата ќе биде бледа и "зрнеста". Најдете некој компромис, експериментирајте и направете неколку фотографии.
Можеби најдобро решение е web камера, бидејќи има најголема осетливост. Сè што кажав за фотоапаратот, важи и за web камерата. А можете да се обидете и со снимање во примарниот фокус на објективот – извадете го окуларот од телескопот и објективчето од web камерата, поставете го CCD чипот во фокусот на објективот од телескопот и фокусирајте да се добие најостра слика.
Направете што е можно повеќе фотографии, издвојте ги најдобрите (најмалку десет-дваесет) и комбинирајте ги во една фотографија со некој од следниве софтвери: Registax (http://aberrator.astronomy.net/), AstroStack (www.astrostack.com) или AstroVideo (http: //www.ip.pt/coaa/software.htm). Со ова комбинирање (stacking) се постигнува неспоредливо подобра слика во однос на поединечните фотографии. Понатамошните дотерувања се прават во Adobe Photoshop. Бидејќи објективот не е ахроматски, поостра слика ќе се добие ако се исклучи црвената и сината боја (ако web камерата е колор). Најдобрите фотографии испратете ги во ЕМИТЕР, да ги видат и останатите читатели. Среќно!
Владимир Филевски


Здраво.
Го имам изработено Стробоскопот од ЕМИТЕР бр. 9/96 уште пред една година, го користев на забава за Новата година со лампа од блиц заедно со иницирачкиот трансформатор. Стробоскопот проработе од прва и немав никакви проблеми кога го тестирав. Но, за време на забавата по одприлика еден час работење на различна брзина на трепкање откажа. Се покажа дека прегорело иницирачкото трафо од блицот. Сите делови и целата плочка ги проверив со шемата и се беше на свое место. Ставив нова лампа и трафо од блиц и повторно проработе од прва, работеше 15 минути и престана. Утврдив дека повторно прегорело трафото. Инаку трафото и лампата ги поставувам точно, трафото најнапред го мерам омски пред да го ставам за да не направам грешка така што не знам дали тоа со користење на блиц е подолготрајно решение за овој стробоскоп. Дали можете да ми предложите кој тип на лампа можам да ја употребам (модел, каде да се набави) и ако е потребно и иницирачкото трафо. Ви благодарам многу однапред.
Христијан Гроздановски преку e-mail

Најголем дел од евтините апарати за сликање користат неквалитетни блиц лампи и трансформатори. Ова значи дека трансформаторот брзо се загрева при негова експлоатација. Овие трансформатори се предвидени да иницираат едно активирање на лампата на 20-30 секунди. За ова време трансформаторот ќе се излади и нема да има проблеми. Но, ако овој трансформатор се активира со поголема фреквенција и тоа трае како што рековте 15-20 минути, многу е веројатно дека истото ќе се прегрее и ќе се оштетат намотките во него. За да не ви се случи ова потребен е трансформатор кој е предвиден за ваков режим на работа. Е сега, каде да се најде ваков трансформатор и лампа за оваа намена?! Многу неблагодарно би било ние да ви предложиме модел кој за вас би било невозможно да го набавите. Затоа најдобро е да погледнете во огласите на ЕМИТЕР и да се обратите кај добавувачите на електронски компоненти за набавка на вакви компоненти. Ова би било многу поедноставно отколку вие на своја рака да порачате од странство. Во план е во соработка со некои од добавувачите да направиме проект за стробоскоп и на читателите да им понудиме кит-комплет за негова изработка, но сега не може да ветиме кога би бил објавен ваков проект!
Благој Ќупев