Почитувана редакцијо,
Го изработив телескопот кој го прикажавте во последниот број и сега би сакал да направам фотографии од Месечината. Како да го поставам фотоапаратот и дали е подобро да користам обичен апарат или дигитален? Имам web камерче на компјутерот, па како да го искористам за оваа намена?
Сè најубаво од
Горанчо Милевски
Астрофотографијата е една од најтешките дисциплини во астрономијата. Апсолутно неопходна е добра монтажа, со мотор на екваторијалната оска кој ќе го следи објектот на небото (Месечината, во овој случај). Но, можете да се обидете и на следниов начин: прво направете некоја провизорна монтажа (статив) за телескопот (за телескопските монтажи ќе стане збор во некој следен напис во ЕМИТЕР), која нема да дозволи мрдање на телескопот. Изострете ја сликата во фокусот. Фотоапаратот (дигиталниот е подобар и поедноставен за користење) наместете го на "бесконечно" – за ова постои посебно копче, кое го исклучува авто-фокус системот. Задолжително исклучете го блицот ("ambient light")! Монтирајте го фотоапаратот многу блиску до окуларот, во неговата оптичка оска. Просторот меѓу окуларот и објективот од фотоапаратот заштитете го од околното светло, со неколку слоја густа црна ткаенина. Кога Месечата ќе се најде во центарот на видното поле на окуларот, фотографирањето може да започне. Времето на експозиција треба да биде кусо, за да не се добие размачкана слика на Месечината, но тогаш сликата ќе биде бледа и "зрнеста". Најдете некој компромис, експериментирајте и направете неколку фотографии.
Можеби најдобро решение е web камера, бидејќи има најголема осетливост. Сè што кажав за фотоапаратот, важи и за web камерата. А можете да се обидете и со снимање во примарниот фокус на објективот – извадете го окуларот од телескопот и објективчето од web камерата, поставете го CCD чипот во фокусот на објективот од телескопот и фокусирајте да се добие најостра слика.
Направете што е можно повеќе фотографии, издвојте ги најдобрите (најмалку десет-дваесет) и комбинирајте ги во една фотографија со некој од следниве софтвери: Registax (http://aberrator.astronomy.net/), AstroStack (www.astrostack.com) или AstroVideo (http: //www.ip.pt/coaa/software.htm). Со ова комбинирање (stacking) се постигнува неспоредливо подобра слика во однос на поединечните фотографии. Понатамошните дотерувања се прават во Adobe Photoshop. Бидејќи објективот не е ахроматски, поостра слика ќе се добие ако се исклучи црвената и сината боја (ако web камерата е колор). Најдобрите фотографии испратете ги во ЕМИТЕР, да ги видат и останатите читатели. Среќно!
Владимир Филевски