Здраво Емитерци!
Ве следам веќе 2-3 години и навистина сум задоволен од вашата работа. Пријатно ме изненадивте со текстот за самоградба на телескоп бидејќи одамна сакав да почнам да се занимавам со астрономија, а не само да ги читам астрономските текстови. Затоа веднаш го направив телескопот што го прикажавте и доста сум задоволен од добиеното. Меѓутоа имам и некои пробеми и прашања:
Сликата што ја добивам не е баш најјасна. Дали е тоа затоа што не ги вградив блендите во внатрешноста? Имам проблеми со изострувањето на сликата. Фокусирање правам со вовлекување и извлекување на помалата цевка, но дали треба да го вртам и објективот (подвижниот дел за далечина на сликањето)? Како да ја подесам блендата на самиот објектив (сега окулар) - на максимум или на минимум? Сите овие работи ги пробував но не добивам остра слика.
Треба да прикажете и сталак за овој телескоп, а добро би дошол и некој проект за подобар телескоп.
Поздрав од Зоран Митковски
Нè радува вашиот интерес за телескопите и драго ни е што сте добиле добри резултати со практичната изведба на телескопот. Како што беше кажано во текстот "Телескопи – историјат и видови" објавен во ЕМИТЕР 11/2003, за да се добие остра слика неопходен е ахроматски објектив. Објективот употребен за проектот "Направете сами телескоп" од ЕМИТЕР 12/2003 не е ахроматски дублет, туку е едноставна единечна леќа која по дефиниција "боледува" од хроматска аберација, така што и сликата не може да биде многу остра. Но, со одредени мерки и предострожности може да се извлече максимум. Како прво, проверете дали стаклените површини на леќите од објективот и окуларот се навистина чисти! Понатаму, трите бленди мораат да се вградат! Првата, надворешна бленда која налегнува пред објективот е најважна, бидејќи таа ја намалува хроматската и сферната аберација (и со тоа ја изострува сликата). Внатрешните бленди ја намалуваат рефлектираната светлина во внатрешноста на телескопот и заради тоа пожелно е да се постават уште неколку бленди. Исто така, добро е внатрешноста на телескопот да се облепи со тенок црн филц, кој потполно ќе ја елиминира рефлектираната светлина.
Нејасна слика може да се добие и кога објективот не е монтиран точно вертикално на оската на цевката, односно кога оптичката оска на објективот не се поклопува со оската на цевката. Прстенестото проширување на пластичната цевка (на кое налегнува објективот) не е многу прецизно изработено, така што ќе треба да направите неколку проби со монтажата на објективот.
За фокусирање доволно е вовлекувањето и извлекувањето на цевката, а потоа, по потреба со вртење на прстенот за далечина на објективот од фотоапаратот (т.е. окуларот) може да извршите фино нагодување. Проверете дали има доволно простор за лизгање на цевките пред и зад фокусот – можеби воопшто не сте дошле до фокусот? Започнете со потполно вовлечена цевка, а потоа полека извлекувајте ја – сликата треба да станува сè поостра и поостра. Откако ќе го заминете фокусот, сликата повторно ќе стане неостра. Полека вратете ја цевката со вовлекување назад, сè до местото каде е најостра. Ова фокусирање правете го на Месечината, или на крстот на Водно – за блиските предмети потребно е многу големо извлекување на цевките (кои се прекуси за такво нешто). Блендата на фотографскиот објектив (т.е. окуларот) треба да биде потполно отворена, освен кај оние објективи кои имаат f:2,8 – кај нив блендата треба да се подзатвори на f:4.
Остра слика може да се добие само ако и атмосферата е чиста – Месечината на небото треба да има сребрено-бела боја, а не жолтеникава (гледано со голо око). При доволно добри атмосферски услови кратерите на Месечината преку телескопот се гледаат кристално јасно!
Владимир Филевски