"Убеден сум дека снимките на летачките чинии се 90% автентични и 10% лажни: автентичниот дел го сочинуваат планините, дрвјата, грмушките…, а лажниот дел се самите летачки чинии" (Филип Клас: "Летачките чинии - мит на 20. век").
"Појавата" на НЛО очигледно претставува модерна митологија на денешното време, а за некои луѓе таа започнала да прима карактер на појава на нова религија! Токму во таков жаргон беше објавен написот во ЕМИТЕР бр. 11/07 со наслов "Мистерија наречена НЛО" од авторот Стојмир Симјановски, во која лесно се препознава истата методологија, којашто своевремено ја применувал Ерих фон Деникен, "докажувајќи" дека Земјата неколку пати ја посетувале вонземни суштества. Според таа методологија, "доказите" се црпат од стари религиски слики и записи, како Гилгамеш, Кабала, Веде, Библија и др., кои тенденциозно се толкуваат како "докази" за однапред исконструирана намера. Така, ако на сликите се покажани кругови, тие се "ракети", ако боговите се покажани со рогови на главата (симболи за нивната сила), тоа се "антени", ако светците се насликани со светлински ореоли околу главата, тоа се "астронаути во скафандри" итн.. Згора на тоа, според авторот Симјановски "десетици илјади луѓе ги виделе летачките чинии, но чудно, науката упорно молчи за тој феномен, а крајно време е таа сериозно да се зафати со проучување и објаснување на таа мистерија". Но, не е така како што тој напишал, имено, науката одамна го кажала својот збор по ова прашање.
"Појавата" на НЛО своевремено беше предмет на испитување на комисија на американските воздухопловни сили. Испитани биле вкупно 10 илјади изјави, од кои се објаснети 98% случки. Тие се однесувале на нови типови авиони, метеоролошки балони, птици, змејови, сателити, метеори, слоеви на облаци, светлински рефлексии и, конечно, на измислени шеги од страна на луѓе, кои на тој начин сакале да го свртат вниманието кон себе. Но, некои луѓе сакаат и натаму аферата да егзистира, па необјаснетите 2% случки за нив се "индикација" за верување дека "ништо не смеело ни да се открие"!
Но, набргу беше формирана нова комисија, составена од 37 научници под раководство на професор Е. У. Кондон (E.U. Condon), од Универзитет во Колорадо. Наодот на оваа комисија беше многу сличен со наодот на претходната комисија. Испитани биле 15 илјади пријавени случки, од кои неразјаснети останале само 2,5%, но меѓу нив нема ниту една појава која би индицирала дека Земјата ја посетуваат вонземјани, туку едноставно тие случки не можеле да бидат реконструирани поради конфузните податоци од "очевидците". Извештајот на комисијата потоа го прегледала група од други 10 научници од Националната академија на науките. Таа во целост го прифатила извештајот, па тој бил јавно публикуван во 1969 год. во книга со вкупно 989 стр. со наслов Scientific Study of Unidentified Flying Objects (Научно истражување на непознати летачки предмети), во која се покажани дури 94 слики на "летачки чинии". Со тоа предметот бил затворен и комисиите биле расформирани.
Не верувам дека овие наоди на научните комисии не му биле познати на авторот Симјановски, бидејќи тој во својот текст се повикал на еден "цитат" од Ернст Штулингер (Ernst Stuhlinger) близок соработник на Вернер вон Браун (Wernher von Braun), пренесен токму од книгата во која се објавени горенаведените наоди на комисиите, па не е веројатно дека тој нив не ги прочитал! Таа книга носи наслов "Дали Боговите биле астронаути", а во неа 16 компетентни научници расправаат за тезите на Деникен од различни гранки во науката. "Цитатот" во верзија на авторот Симјановски гласи: "Патот до знаењата и вистината е долг и тежок, а до верувањата кус и лесен". Овој "цитат" нема некоја поврзаност со текстот од написот, па ако истиот не се прочита во оригинална верзија, не е јасно на што тој се однесува, бидејќи авторот Симјановски ја исфрлил од него претходната реченица, без која не е јасна суштината на мислата. А суштината е, всушност, критика упатена кон Деникен за примена на ненаучна метода за "докажување" на неговата "теорија"! Еве како таа критика гласи во оригинална верзија: "Но, тој (Деникен) сака да верува, а не да знае. Патот до верувањето е краток и лесен, а до знаењето долг и тегобен" (Дали Боговите биле астронаути?", стр. 42). Очигледно дека оваа критика, освен Деникен, го засега и авторот Стојмир Симјановски, бидејќи и тој како и Деникен, применува иста методологија: субјективно изнаоѓање на "аргументи" во старите цртежи и записи, во кои тој го гледа токму тоа, коешто всушност сака да го види, игнорирајќи го ставот на науката по тоа прашање. Според науката, убедлив доказ би бил само ако на Земјата би се пронашол некој предмет кој не го произвела нашата техника, туку тој е остаток од некоја мисија на вонземјани, или ако со нив се воспостави некаков контакт. Но, до сега не е пронајден ниту еден таков доказ. Наспроти тоа, од како човекот започнал да испраќа мисии кон други небески тела (Месечината, Марс, Венера, Титан…), на нив тој оставил голем број технички предмети, т.е. "сведоци" кои ги оддаваат неговите мисии кон тие небески тела.
Да резимирам. Не постои "Мистеријата наречена НЛО", така се изјаснила науката врз основа на недостаток на барем еден убедлив доказ за вистинитоста на таа појава, па предметот едноставно го симнала од дневен ред и го ставила "ад акта", барем до евентуална појава на некој нов поубедлив доказ, а до тогаш да сме живи и здрави!
Петар Лагудин
Поздрав до Редакцијата и пофалби за новата рубрика "Еурека". Особено интересен и едукативен е трудот на м-р Елица Перчинкова, објавен во ноемврискиот број на Емитер. Воедно сакам да испратам пофалби кон одлуката да се објави овој труд (или дел од него) до Редакцијата на Емитер. Имам еден предлог: кон сите оние кои испраќаат критики за содржината на Емитер, одговорете им со овој извадок од трудот на м-р Перчинкова: "Бидете истражувач и гледајте на работите од нов агол, дури и за обичните теми најдете нова и неочекувана точка на гледање. Проширете ги хоризонтите, постојано учете. Не бидете тесногради, гледајте ги работите пошироко. Не заборавајте го ентузијазмот, на работите пријдете им со страст, не бидете малодушни, дајте малку боја на вашето работење." Овој цитат треба да им биде "вграден" во главите на сите оние кои го водат и (не)се грижат за нашето општество.
Во врска со фељтонот "Мистеријата наречена НЛО" сметам дека е непотребен и доволно извикан. Имајќи предвид дека информациите кои ни се пласираат од страна на г. Стојмир Симјановски се речиси целосно познати од голем број филмови, серии и книги со научна и фантастична содржина, пишувањето на фељтон од 12 продолженија е непотребно трошење на страници од списанието кое треба да ја популаризира и применува науката и техниката. Наместо 6 страници за НЛО, ставете +6 страници електроника или информации за нови типови електронски компоненти, електронски уреди, информации од областа на енергетиката. Почнете со фељтон за анализа на пазарот на електрична енергија или договорете соработка со EVN со цел да обезбедите најразлични информации од областа на енергетиката кои можете да ги објавувате во Емитер. Може да започнете и со фељтон од областа на електромагнетиката, кој може да им користи на студентите од електротехничките факултети кои мака мачат со овој предмет.
Томе Ивановски, Битола
Ви благодарам за пофалбите и предлозите.
Во врска со фељтонот за НЛО, ви обрнувам внимание дека една од задачите на секое списание за наука и техника е и "разјаснување" на мистериите од граничните подрачја на науката.
Темите од енергетиката редовно ги има во ЕМИТЕР, а во овој период во тек е серијал написи за алтернативните погони кај автомобилите. Во подготовка ни е и серијал на написи за енергетската иднина на Земјата, во контекст на класичните и алтернативните и еколошки извори на енергија. Пред неколку години понудивме соработка до ЕСМ, но тогаш не наидовме на разбирање. Можеби новото раководство ќе има повеќе разбирање за соработка со ЕМИТЕР?
Слободан Таневски
Здраво,
Ме интересира дали можете да ми најдете информација за гуми од картинг, комплет со се бандаши.
Однапред ви благодарам.
Никола Спиркоски
Прашањето е преопшто. Не знаеме за кои модели на картинзи се потребни овие тркала. Меѓутоа, еве два можни одговори кој се надевам дека ќе ве задоволат.
1. Доколку се работи за картингот ТоГи 1: комплет тркала за картингот (ТоГи 1) кој е објавен за самоградба во ЕМИТЕР, се изработуваат овде во Македонија. Комплет техничка документација и упатства за изработка на картингот ги има во четири продолженија објавени во ЕМИТЕР 1/05 до ЕМИТЕР 4/05. Подетални упатства, коментари и совети за изработка на картингот (вклучително и тркалата за него) ќе најдете во овие броеви на ЕМИТЕР. Единствена измена е во еден податок за нанесената гума: имено, тврдината на гумата не мора да биде 45 – 50 шора како што е наведено во текстот, туку доволно е описно да се дефинира карактеристиката на гумата, а тоа е да таа биде максимално можно отпорна на абење без разлика на нејзината тврдина. Да заклучам: податоци за тркалата на картингот ТоГи 1 имате во наведените броеви на ЕМИТЕР, со единствената измена за карактеристиката на гумата која ја посочив погоре.
2. Доколку се работи за други типови (модели) на картинзи: информации можете да најдете на интернет. Во зависност од сајтот, информациите можат да бидат и детални проследени со адреси и телефони за контакт, димензии на тркалата (тркало = бандаж + гума) поткрепено со фотографија, контакт-адреса, како и нивната цена.
Според моите сознанија, во Македонија нема продавница за делови за картинг. Меѓутоа, може да разговарате со некој од дилерите за овие возила и да се информирате дали може преку нив да се обезбедат тркала за картинзи.
Исто така, во Солун постојат продавници за опрема и делови за картинг, па може и од таму да ги набавите тркалата. И уште повеќе, таму има и сервиси и работилници кои ја третираат оваа проблематика, па може да се купат како нови така и стари (употребувани) делови за картинг, вклучително и тркала.
Томе Скендеровски
Голем поздрав до вас и пофалби за новиот број кој е супер, само како млад електроничар кој сега навлегува во водите на електрониката мислам дека треба да ги давате и нацртите за плочките, бидејќи ние можеме да ги изработуваме на часовите по пракса. Најдобро би било цртежите на ППК да се отпечатат на посебен А4 лист и да бидат како додаток во бројот.
Сега едно прашање за вас: на интернет-сајтот www.lehigh.edu/.../projects/jlsubs2/jlsubs2.html наидов на еден интересен проект со кој се овозможува аудиозасилувач од автомобил да работи дома. Имено, имам моќен засилувач за во кола, а моите не ми даваат да свири повеќе во неа и затоа би сакал да објавите сличен проект за напојување.
Знам дека имам уште многу да учам за електрониката, но мислам дека овој проект не е mission imposible.
Ненад Јакимовски
P.S. Јас ја сакам електрониката.
Цртежите на водовите на ППК не ги објавуваме заради заштеда на простор, но и затоа што ние произведуваме и продаваме готови ППК за прикажаните електронски конструкции. Со купонот готовата ППК од нашиот ППК сервис чини речиси исто колку и празна плочка, па нема некоја цел (освен едукативна) некој да ја прави сам, нели? Печатењето на плочките на посебен лист од паус хартија исто така нема некоја логика, бидејќи, од една страна, тоа чини многу, а од друга страна, тоа ќе им биде од полза само на малкумина читатели.
Постои можност засилувачот што го имате, предвиден за работа во автомобил, со напојување на 12V да работи надвор од автомобилот, т.е. во домашни услови. Иако не наведувате колкава е неговата моќност, за да може напојувањето да се димензионира, тоа лесно може да го проверите доколку ја прочитате вредноста на топливиот осигурувач на главниот вод на напојување. Во зависност од моќноста на засилувачот, неговата вредност може да се движи од 5 до 30 ампери, така што некогаш и ја надминува вредноста на топливите осигурувачи во самиот автомобил, на разводната табла со осигурувачи.
Значи, за засилувачот да работи во домашни услови, потребно е да се обезбеди напон од 12 V и струја од 20 до 30A, доколку засилувачот е со моќност од 200 до 350W. За да се утврди вредноста на струјата која треба да ја даде насочувачот, моќноста на засилувачот треба да се подели со 12V. Најчесто, произведувачите ја декларираат максималната моќност на засилувачот за напон на напојување од 14,2 V.
Значи, потребен е трансформатор 230/15V, целобранов насочувач со диоди или Грецов спој, електролитски кондензатори со вредност од 1000µF за секој ампер на струја и стабилизатор на напон со струјно ограничување. Ваквиот уред, со класичен трансформатор кој е тежок и скап, не е едноставно да се изгради. Ако засилувачот е со моќност до 50 до 100W, некако се исплати ваквата реализација, да се изгради извор на напојување со максимална струја од 4 до 8 ампери.
Имајќи го предвид вашето мало искуство за самоградба, наједноставно решение кое можеме да ви го предложиме е комерцијално напојување за персонален компјутер од 300W. Истото идејно решение е применето и на линкот кој го посочивте.
На предложениот линк ќе најдете информации како напојување за компјутер да претворите во насочувач кој може да напојува различни уреди. Истиот уред, освен за напојување на засилувачот, може да го користите како лабораториски извор на напојување во текот на експериментирањето:
http://web2.murraystate.edu/andy.batts/ps/POWERSUPPLY.HTM.
С. Таневски и П. Аврамовски
Имате ли некои Thiele-Small карактеристики за бас-драјверот NEW RETONE W250RS1 и доколку имате дали ќе може да ми ги кажете?
Поздрав,
Герче Костадинов,
преку е-маил.
За овој звучник дури ни јас не сум чул (а тоа доволно зборува, нели? :-)). Препорачувам да ги измерите неговите параметри со методите објаснети во ЕМИТЕР 2/07. Доколку немате можност за тоа, тогаш би можел јас (за скромен надомест) да ги измерам со компјутерскииот мерен уред Clio.
Владимир Филевски
Прво, на интернет фирмата "NEW RETONE" воопшто не е позната. Потоа се заинатив, па пребарувајќи по стопанските комори на разни земји наидов на фактот дека фирма со такво име има во Shenzhen областа во Кина. Набрзо им пратив допис да ми дадат повеќе податоци за нивниот производ "W250RS1". Дури вчера добив одговор во кој велат дека во нивниот асортиман нема таков производ.
Инаку, Thiele –Small параметрите на повеќето познати драјвери можете да ги најдете на овој сајт:
http://www.thielesmall.com/database.asp.
Емилијан Иљоски