Здраво,
Ме интересира дали можете да ми најдете информација за гуми од картинг, комплет со се бандаши.
Однапред ви благодарам.
Никола Спиркоски
Прашањето е преопшто. Не знаеме за кои модели на картинзи се потребни овие тркала. Меѓутоа, еве два можни одговори кој се надевам дека ќе ве задоволат.
1. Доколку се работи за картингот ТоГи 1: комплет тркала за картингот (ТоГи 1) кој е објавен за самоградба во ЕМИТЕР, се изработуваат овде во Македонија. Комплет техничка документација и упатства за изработка на картингот ги има во четири продолженија објавени во ЕМИТЕР 1/05 до ЕМИТЕР 4/05. Подетални упатства, коментари и совети за изработка на картингот (вклучително и тркалата за него) ќе најдете во овие броеви на ЕМИТЕР. Единствена измена е во еден податок за нанесената гума: имено, тврдината на гумата не мора да биде 45 – 50 шора како што е наведено во текстот, туку доволно е описно да се дефинира карактеристиката на гумата, а тоа е да таа биде максимално можно отпорна на абење без разлика на нејзината тврдина. Да заклучам: податоци за тркалата на картингот ТоГи 1 имате во наведените броеви на ЕМИТЕР, со единствената измена за карактеристиката на гумата која ја посочив погоре.
2. Доколку се работи за други типови (модели) на картинзи: информации можете да најдете на интернет. Во зависност од сајтот, информациите можат да бидат и детални проследени со адреси и телефони за контакт, димензии на тркалата (тркало = бандаж + гума) поткрепено со фотографија, контакт-адреса, како и нивната цена.
Според моите сознанија, во Македонија нема продавница за делови за картинг. Меѓутоа, може да разговарате со некој од дилерите за овие возила и да се информирате дали може преку нив да се обезбедат тркала за картинзи.
Исто така, во Солун постојат продавници за опрема и делови за картинг, па може и од таму да ги набавите тркалата. И уште повеќе, таму има и сервиси и работилници кои ја третираат оваа проблематика, па може да се купат како нови така и стари (употребувани) делови за картинг, вклучително и тркала.
Томе Скендеровски