Јас сум ваш редовен читател и вљубеник во науката и технологијата. Претпоставувам дека веќе ги знаете одговорите на дел од моиве прашања:
1. Свирам бас-гитара, па ми треба помош околу изградба на звучна кутија за бас-звучникот Eminence Delta 15. Би било добро ако би можеле да ми испратите нацрт за проектот.
2. Го изработив 150 W засилувачот за да го користам како бас-засилувач. Направив исправувачка секција слична на 200 W High End High End засилувачот, па се прашувам како да ја подобрам целата конструкција без поголеми зафати, ако се употреби универзалниот предзасилувач, петпојасниот регулатор на бојата на тонот и звучникот Eminence Delta 15?
3. Може ли да ми ги кажете карактеристиките на бас-звучникот од Ei HSR 180 системот и неговата можна замена?
4. Имам некои транзистори со следниве ознаки: F601, F 748, MJ 900, 2N6365... (следи список на МНОГУ транзистори). Дали би можел да употребам некој од нив како замена за 2N3055, 2N3773, 2N2955, TIP 142, TIP 143 или за некој друг?
Однапред благодарам,
Мирко Никодиноски,
од Скопје
Иако ни е мило што барате помош од ЕМИТЕР, сепак, поради вашата нетрпелива реакција "зошто нема одговор" (упатена само 3-4 дена по приемот на ова писмо, кога веќе овој одговор се подготвуваше), мораме да ве потсетиме на текстот отпечатен во негатив, што стои во секој број на ЕМИТЕР во рубриката "Писма", а чија последна реченица гласи: "Мораме да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак не сме во можност да одговориме на сите писма, туку само на дел од оние писма кои се однесуваат ... за некој напис објавен во ЕМИТЕР...". Иако ниту едно од вашите прашања не е директно поврзано со некој напис објавен во ЕМИТЕР, сепак, речиси веднаш, ви одговараме на повеќето прашања:
1. За бас-звучникот Eminence Delta 15 препорачувам бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 100 литри (100 dm³), на пример, кутија со внатрешни димензии 65x43x36 cm. Материјалот за изработка на кутијата може да биде медиапан дебел 16 или 18 mm, но ако сакате кутијата да биде полесна (што е од голема важност при носење од еден концерт на друг), употребете водоотпорна шперплоча дебела околу 18 mm (шперплочата е нешто поскапа од медиапанот). Спојувањето треба да биде со доволна количина на лепак за дрво ("Дрвофикс" или слично) и со релативно тенки шрафови за дрво со навој до главата (не оние старите, конусни, со горниот дел од телото без навој!). Ако употребите материјал дебел 18 mm, тогаш надворешните димензии на кутијата ќе бидат: 656x466x396 mm. Внатрешните страници во кутијата треба да се вкрутат со летвички кои треба да се залепат и зашрафат на нив. Бас-рефлекс цевката може да се изработи од стандардна пластична цевка за канализација со надворешен Ø 110 mm (т.е. внатрешен дијаметар 106 mm), долга 55 mm, која треба да се постави во предната плоча од звучната кутија, под звучникот – но не точно под него, туку малку лево или десно, а притоа да не биде премногу блиску до бочните страници или до дното. Мислам дека не е потребен детален нацрт, бидејќи нема ништо критично, само што треба да се држите точно до димензиите на бас-рефлекс цевката и до внатрешниот волумен, а пропорциите на кутијата можат да бидат и поинакви. Пожелно е предната плоча да е вовлечена некои 25 mm внатре во кутијата, за да се заштити бас-звучникот (притоа внатрешниот волумен мора да остане 100 литри, па затоа зголемете ја длабочината на надворешните димензии на кутијата за тие 25mm!). Исто така, препорачувам да се постави заштитна метална мрежа пред бас-звучникот. Среќна свирка!
2. Квалитетот на звукот на гитарски засилувач (или комбо) е многу субјективна работа – нешто што за некого е супер, за друг е катастрофа. Така, ќе морате прво да ги изработите и споите сите компоненти, па дури откако ќе отсвирите нешто, ќе дознаете дали ќе има потреба да се подобрува нешто, или не.
3. Не ми се познати Thiele-Small карактеристиките на тој бас-звучник, но ако имате исправен оригинален непрегоруван и непремотуван примерок (претпоставувам дека се пар звучни кутии, каде втората е исправна), донесете го во редакцијата на ЕМИТЕР за да го измерам со професионалниот уред за аудиомерења CLIO. Дури тогаш би можел (евентуално) да предложам некоја замена, но во тој случај најверојатно би требало да се изврши промена и во свртницата. Морам да ве предупредам дека ваков сличен, високоефикасен 4-омски hi-fi бас-звучник тешко дека ќе се најде, дури и на светскиот пазар. Автомобилските (4-омски) бас-звучници обично имаат пониска ефикасност.
4. Како што веќе повеќе пати имаме напишано досега (последен пат во минатиот број, во рубриката Писма, на страна 79), ниту едно списание во светот не практикува на своите читатели да им наоѓа еквивалентни транзистори, па така и ние во ЕМИТЕР немаме време да пребаруваме по каталозите. Од друга страна, вие самите тоа можете многу поедноставно и побрзо да го направите со посета на која било продавница за електронски делови, каде што сигурно располагаат со по неколку каталози и книги со табели на еквивалентни транзистори или нивни замени.
Владимир Филевски
Почитувани,
Јас сум ваш редовен читател и голем љубител на филмот. Сум забележал дека на DVD некои филмови се на еден двослоен диск од 9,5GB, други на еднослоен диск од 4,7GB, а има и по два-три филма на еден еднослоен диск од 4,7GB. Знам дека тоа е можно поради различен квалитет на снимката, но ме интересираат техничките детали за тоа колку различни стандарди на DVD-снимки постојат во поглед на форматот и квалитетот на видеото и звукот. Со тоа ќе знам што точно купувам кога во иднина ќе купувам DVD. Се надевам дека наскоро ќе ми одговорите или ќе објавите поширок напис за тоа.
Однапред благодарам,
Митко Тодоровски
На почеток една мала корекција. Двослоен диск (DVD-9) е со капацитет од 8,54 GB (7.950.000 Bytes). Капацитет од 9,4 GB (8.740.000 Bytes) имаат двостраните дискови (DVD-10). Разликата е во тоа што кај двослојниот записот е само од едната страна на дискот, меѓутоа на две нивоа (слоја). Кај двостраниот, записот може да биде и од двете страни на дискот (на овој диск нема лице и опачина, т.е. простор за отпечатување на етиката за производот). Со комбинација на двослоен и двостран диск (DVD-18) може да се дојде до максимален капацитет од 17,08 GB (15.900.000 Bytes).
Што се однесува до стандардот за квалитетот на снимката, такво нешто не постои, туку најчесто според расположливиот простор на дискот и должината на филмот се дефинира со која брзина на проток (bit-rate) ќе се кодира снимката. Обично кога се снима во MPEG-2 форматот (што е стандард за DVD) се оди со брзини од околу 6 Mbit/s. Ако се оди со брзини под 4,5 Mbit/s, кај некои брзодвижечки сцени ќе се појави ефект на пикселизација. Максималната брзина на битски проток е 9,8 Mbit/s.
За сместување на 2 или повеќе класични филмови (со траење од околу 100 мин. и да не се анимирани филмови) на еден стандарден DVD (едностран, еднослоен) не може да стане збор, ако се употребува MPEG-2 компресијата. Ваква ситуација е можна само ако се употребува постарата MPEG-1 компресија (проток од 1,856 Mbit/s) или понапредните компресиони техники, како што се MPEG-4 (AVC) или VC-1 (Windows Media Video). MPEG-1 е веќе многу застарена технологија кај која многу често е видлива пикселизацијата, додека понапредните технологии можат да понудат солиден квалитет на сликата и звукот. Поширок напис на оваа тема ќе објавиме во некој следен број на ЕМИТЕР.
Дарко Мајстороски
Здраво,
Би сакал да ве прашам нешто поврзано со радиотехниката, зашто знам дека добро ја познавате. Се работи за осцилатор за 76kHz. Проблемот е што не може да се најде кристал овде кај нас за таа фреквенција, па затоа дали може да ми помогнете да дизајнирам коло за од 456kHz да добијам 76kHz и тоа коло да го поврзам на местото каде што треба да стои кристалот за 76kHz. Знам само дека треба да користам делител со) 6.
И уште еден проблем е тоа што долго време не можам да најдам пригушници од 1mH, дали може вие да ми помогнете. И, за крај, калемите со фиксна вредност што личат на отпорници, која е вредноста на секоја од боите, дали е слична како кај отпорниците.
Поздрав
Мики Ристовски
Заменувањето на кристалот понекогаш може да е болна работа. Сепак, тоа зависи од начинот на којшто е дизајниран осцилаторот, т.е. неговиот тип, повратна врска итн. За да можам да ви дадам прецизен одговор би морал да ги знам и деталите околу тоа, а можеби би било потребно и малку експериментирање.
Како и да е, делењето со 6 наједноставно можете да го изведете доколку употребите интегрирано коло 4017. Колото може да работи со сигнали поголеми од 2MHz, што е далеку над вашите потребни фреквенции. Искористете некоја од шемите објавени во ЕМИТЕР за да го поврзете кристалот од 456kHz, а потоа добиениот сигнал со таа фреквенција поврзете го на такт-влезот на 4017. Од изводот каде интегрираното коло 4017 дели со 6 (извод 5) извадете го потребниот сигнал. За ова исто може да ви послужи некоја шема од некој склоп објавен во ЕМИТЕР.
Добре Блажевски – Доц
Немаме информација каде може да се набават пригушници од 1mH, ама претпоставувам дека ги има во подобро снабдените продавници за електронски материјали. Означувањето со бои на фабричките калеми со фиксна вредност е по истиот систем како кај отпорниците, со тоа што вредноста се добива во µH. За ова повеќе можете да прочитате во ЕМИТЕР бр. 7-8/98.
Слободан Таневски
Здраво на сите!
Планирам да купам гитарски засилувач Чајавец GA 104 A 150W, па ме интересира дали оваа серија е за бас или соло гитара (мене ми треба за соло)? Овој засилувач е старо производство, можеби знаете и сами, manufactured in Banja Luka! Јас читав по разни интернет форуми, претежно српски, на огласи гледам, не пишува дали е за бас или не, само цена и моќност, значи ништо... па ако имате да видите од некаде, тоа би било супер!
Дали постои оваа серија со горенаведените ознаки и дали е бас верзија или соло? Ако е за бас-гитара, дали можам да го трансформирам за соло гитара (менување звучник, промена на електрониката внатре... што да се смени?) И ако можете да ми ги кажете сериите за соло гитара, доколку ги има?
Благодарам однапред!
Иван Илиевски-Ходак,
од Скопје
Изборот на гитарски засилувач (или комбо) е многу субјективна работа! Воопшто не ни помислувајте да го купите тој засилувач, ако претходно не сте го слушнале и испробале (со свирење)! Бојата на тонот на засилувачите и особено на звучниците се разликуваат, а дали конкретниот уред ќе Ви се допадне - тоа не може однапред да се знае, бидејќи е прашање на личен избор и вкус.
Моделите на Чајавец не ги познавам, но во принцип секој гитарски засилувач за бас-гитара може да се користи за свирење на соло гитара (обратното не важи!). Од Вашето писмо не е јасно дали конкретниов модел е само засилувач, или комбо (со интегриран звучник). Ако е комбо, тогаш лесно можете да процените дали е наменет за бас-гитара, или не. Прво погледнете дали бас-звучникот е од 15 инчи (38 цм) - ако е, тогаш сигурно е наменет за бас-гитара. Како и да е, и без овие податоци мислам дека овој Чајавец е наменет за бас-гитара, бидејќи моќноста на засилувачот е 150 вати, што би било премногу за кој било звучник за соло гитара (освен ако станува збор за засилувач а не комбо, па во тој случај веќе не е сигурно).
Но, не знам зошто воопшто инсистирате на (ептен) локален засилувач Чајавец, кога за навистина поволна цена (околу 250 евра) можете да купите ново, ВИСТИНСКО комбо (12 инча, 60 W) за соло гитара, од светски познати фирми! Иако старите социјалистички производи биле правени многу солидно (на невидено можам да се обложам дека во Чајавец комбоата биле вградувани вистински Celestion гитарски звучници), сепак, станува збор за многу стар производ, кај кого сигурно се исушени сите електролитски кондензатори.
А ако Ви се допадне звукот и јачината, можете да купите и мал Behringer Vintager AC 108 комбо (8 инчи, со електронска ламба ECC 83 и засилувач од 15 W) за само 105 евра! Behringer има и поевтин модел, без електронска ламба, за само 80 евра!!!
Мојот совет е: заборавете го Чајавец и купете ново гитарско комбо од светски позната фирма! Гитарски комбоа од светски фирми можете да купите во МИМИ (тел. 3232-355) или во АРТИСТ СИСТЕМИ (тел. 3216-640). Или, купете на старо некое такво комбо, по уште пониска цена. Или ако преферирате самоградба, почекајте го проектот за гитарско комбо (12 инчи Celestion, 100 W) во еден од следните броеви на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски