Звучници, транзистори...

Јас сум ваш редовен читател и вљубеник во науката и технологијата. Претпоставувам дека веќе ги знаете одговорите на дел од моиве прашања:
1. Свирам бас-гитара, па ми треба помош околу изградба на звучна кутија за бас-звучникот Eminence Delta 15. Би било добро ако би можеле да ми испратите нацрт за проектот.
2. Го изработив 150 W засилувачот за да го користам како бас-засилувач. Направив исправувачка секција слична на 200 W High End High End засилувачот, па се прашувам како да ја подобрам целата конструкција без поголеми зафати, ако се употреби универзалниот предзасилувач, петпојасниот регулатор на бојата на тонот и звучникот Eminence Delta 15?
3. Може ли да ми ги кажете карактеристиките на бас-звучникот од Ei HSR 180 системот и неговата можна замена?
4. Имам некои транзистори со следниве ознаки: F601, F 748, MJ 900, 2N6365... (следи список на МНОГУ транзистори). Дали би можел да употребам некој од нив како замена за 2N3055, 2N3773, 2N2955, TIP 142, TIP 143 или за некој друг?
Однапред благодарам,
Мирко Никодиноски,
од Скопје

Иако ни е мило што барате помош од ЕМИТЕР, сепак, поради вашата нетрпелива реакција "зошто нема одговор" (упатена само 3-4 дена по приемот на ова писмо, кога веќе овој одговор се подготвуваше), мораме да ве потсетиме на текстот отпечатен во негатив, што стои во секој број на ЕМИТЕР во рубриката "Писма", а чија последна реченица гласи: "Мораме да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак не сме во можност да одговориме на сите писма, туку само на дел од оние писма кои се однесуваат ... за некој напис објавен во ЕМИТЕР...". Иако ниту едно од вашите прашања не е директно поврзано со некој напис објавен во ЕМИТЕР, сепак, речиси веднаш, ви одговараме на повеќето прашања:
1. За бас-звучникот Eminence Delta 15 препорачувам бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 100 литри (100 dm³), на пример, кутија со внатрешни димензии 65x43x36 cm. Материјалот за изработка на кутијата може да биде медиапан дебел 16 или 18 mm, но ако сакате кутијата да биде полесна (што е од голема важност при носење од еден концерт на друг), употребете водоотпорна шперплоча дебела околу 18 mm (шперплочата е нешто поскапа од медиапанот). Спојувањето треба да биде со доволна количина на лепак за дрво ("Дрвофикс" или слично) и со релативно тенки шрафови за дрво со навој до главата (не оние старите, конусни, со горниот дел од телото без навој!). Ако употребите материјал дебел 18 mm, тогаш надворешните димензии на кутијата ќе бидат: 656x466x396 mm. Внатрешните страници во кутијата треба да се вкрутат со летвички кои треба да се залепат и зашрафат на нив. Бас-рефлекс цевката може да се изработи од стандардна пластична цевка за канализација со надворешен Ø 110 mm (т.е. внатрешен дијаметар 106 mm), долга 55 mm, која треба да се постави во предната плоча од звучната кутија, под звучникот – но не точно под него, туку малку лево или десно, а притоа да не биде премногу блиску до бочните страници или до дното. Мислам дека не е потребен детален нацрт, бидејќи нема ништо критично, само што треба да се држите точно до димензиите на бас-рефлекс цевката и до внатрешниот волумен, а пропорциите на кутијата можат да бидат и поинакви. Пожелно е предната плоча да е вовлечена некои 25 mm внатре во кутијата, за да се заштити бас-звучникот (притоа внатрешниот волумен мора да остане 100 литри, па затоа зголемете ја длабочината на надворешните димензии на кутијата за тие 25mm!). Исто така, препорачувам да се постави заштитна метална мрежа пред бас-звучникот. Среќна свирка!
2. Квалитетот на звукот на гитарски засилувач (или комбо) е многу субјективна работа – нешто што за некого е супер, за друг е катастрофа. Така, ќе морате прво да ги изработите и споите сите компоненти, па дури откако ќе отсвирите нешто, ќе дознаете дали ќе има потреба да се подобрува нешто, или не.
3. Не ми се познати Thiele-Small карактеристиките на тој бас-звучник, но ако имате исправен оригинален непрегоруван и непремотуван примерок (претпоставувам дека се пар звучни кутии, каде втората е исправна), донесете го во редакцијата на ЕМИТЕР за да го измерам со професионалниот уред за аудиомерења CLIO. Дури тогаш би можел (евентуално) да предложам некоја замена, но во тој случај најверојатно би требало да се изврши промена и во свртницата. Морам да ве предупредам дека ваков сличен, високоефикасен 4-омски hi-fi бас-звучник тешко дека ќе се најде, дури и на светскиот пазар. Автомобилските (4-омски) бас-звучници обично имаат пониска ефикасност.
4. Како што веќе повеќе пати имаме напишано досега (последен пат во минатиот број, во рубриката Писма, на страна 79), ниту едно списание во светот не практикува на своите читатели да им наоѓа еквивалентни транзистори, па така и ние во ЕМИТЕР немаме време да пребаруваме по каталозите. Од друга страна, вие самите тоа можете многу поедноставно и побрзо да го направите со посета на која било продавница за електронски делови, каде што сигурно располагаат со по неколку каталози и книги со табели на еквивалентни транзистори или нивни замени.
Владимир Филевски