Здраво почитувана Редакцијо,
Најубави зборови за списанието ЕМИТЕР кое го следам од првите броеви како студент на ЕТФ, па и ден денес како професор по Електроника во ДЕМАУ "Ѓошо Викентиев" – Кочани.
Имено, сакам да предложам во наредните броеви да објавите нови серии написи, како што беше серијата "Сервисирање на ТВ-приемници", која потоа ја купив и како книга - навистина е нешто драгоцено, и често ја користам при изведувањето на наставата како дополнителна литература. Би предложил да продолжи оваа пракса со следниве теми: Програмирање на PIC16F84 и слични; Влегување во сервисен мод на работа на ТВ и ДВД и слично (како што имам сретнато во некои списанија од Србија); Декодирање на мобилни телефони и авто-радиокасетофони; Програмирање на EEPROM-и; Инсталација на сателитски интернет; Сервисирање на печатачи; Изработка на ППК со фотопостапка. За крај, морам да ве пофалам, бидејќи веќе ме израдувавте со серијалот за дизајнирање на ППК со Eagle 4.12.
Со надеж дека моите предлози ќе бидат сериозно разгледани и прифатени со некоја динамика, однапред ви се заблагодарувам и ви пожелувам и понатамошна успешна работа.
Поздрав,
Горан Манасиев од Кочани

Почитуван колега Манасиев,
Ви благодарам за пофалбите. Предлозите кои ги давате одамна се дел од плановите на Редакцијата, ама, за жал, некои од нашите планови тешко се остваруваат. Таков беше и случајот со серијалот и книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање". План за издавање на таква серија написи и книга имавме уште во 1997-98, ама успеавме да ја реализираме дури сега. Еден од главните проблеми зошто некои теми не се застапени во ЕМИТЕР е немањето соработници, кои, од една страна, добро ја владеат таа материја, а, од друга страна, би имале желба тоа да го објават во ЕМИТЕР или во некоја книга или брошура во наше издание. Втора поголема причина е презафатеноста на нашите сегашни соработници, така што и областите и темите кои тие добро ги владеат често пати не стигнуваат да ги подготват за објавување. Такви примери се долго планираните серијали или брошури за звучници, микроконтролери и програмот Протел, кои којзнае кога ќе го видат светлото на денот.
Сите овие проблеми драстично би се намалиле кога поголем број на инженери повремено би соработувале со ЕМИТЕР, нешто што е доста раширена пракса секаде во светот, па и кај нашите соседи во Србија. Затоа во нивните списанија има секакви теми од електрониката, дури и за некои тесноспецијализирани области од електрониката. Кај нас, електроинженерите редовно ни даваат само предлози што би сакале да читаат во ЕМИТЕР, а речиси никој не сака да ја прифати нашата понуда да напише некој напис за она што самиот добро го владее. Простата математика кажува дека кога секој електроинженер само еднаш во својот живот би објавил само еден стручен напис од областа која добро ја владее, тогаш ЕМИТЕР ќе успее да ги "покрие" сите области на електрониката и тоа со квалитетни и интересни написи. Значи, секој инженер треба нешто и да даде од своето знаење, а не само да очекува некој друг да му го даде знаењето што во тој момент му е потребно. Ако се очекува сите теми од електрониката да излезат од нас неколкумина во ЕМИТЕР, тогаш секогаш ќе има области и теми кои ќе останат необјавени.
Сепак, ова не значи дека ние се откажуваме од нашите планови и дека нема да се потрудиме да ги "покриеме" сите предлози од читателите, туку само е информација на какви проблеми наидуваме и зошто некои теми не се доволно застапени во ЕМИТЕР.
А сега малку конкретно: најголеми шанси во скоро време да објавиме напис за некои од вашите предлози имаат темите: Влегување во сервисен мод на ТВ (колегата Зоран Тасиќ веќе го подготвува написот) и Сервисирање на печатачи, додека за изработка на ППК со фотопостапка ве упатувам на написот во ЕМИТЕР 4/98. Другите теми којзнае кога би дошле на ред, во зависност од причините за кои погоре зборував.
На крај, како и до секој инженер кој се јавил кај нас, и вам ќе ви го упатам повикот да објавите напис за некоја тема од електрониката која вие добро ја познавате. Дајте нешто од своето знаење за и другите да ви дадат :-).
Поздрав,
Слободан Таневски

Почитуван г-не Таневски,
Еве, во знак на добра волја веднаш ќе подготвам еден напис од областа на "Програмирање на сериски EPROM-и и декодирање на авто-радиокасетофони", па ве молам да ми објасните во кој формат истиот да биде подготвен и, се разбира, доколку го објавите колку изнесува хонорарот за вложениот труд.
Многу поздрави и со надеж дека ќе соработуваме,
Горан Манасиев од Кочани.

Ова, навистина е за пофалба :-). Сите информации во врска со соработката со ЕМИТЕР ќе ги најдете во упатството кое ви го испраќам во прилог на ова писмо. Ви стојам на располагање за натамошни консултации околу подготовката на написите.
Се надевам дека успешно ќе соработуваме и дека вашиот пример ќе го следат и други инженери.
Поздрав,
Слободан Таневски


Здраво Емитер,
Пак јас, но сега со поинакво прашање!
Ми треба шема која многу долго ја барам и на крај решив да се обратам кај вас.
Се работи за MIDI кабел (поточно на едната страна 1 или 2 петполни DIN-џекови, а на другата, не сум баш најсигурен ама мислам дека беше 12-пински конектор (или нешто сл.) за влез во звучна карта на PC за приклучување на џојстик или некои слични периферни уреди.
Потребен ми е начинот на поврзување на пиновите, па ако може да ми пратите таква шема. Барав ваков кабел и најдов во Логинг електроникс, но само од 2 метра, а мене ми треба нешто подолг, па сакам сам да го направам со ваша помош.
Однапред ви благодарам,
Влатко Попоски преку e-mail

За поврзување на MIDI (Musical Instrument Digital Interface) со 15-пински game-порт на компјутер може да се искористи шемата прикажана на слика 1. За жал, до сега не сум имал потреба да направам ваков кабел и не би можел да ви пренесам практични детали за тоа. Ако сакате да дознате повеќе работи околу оваа проблематика ви ја препорачувам веб-адресата
http://www.midi.org/ , односно
http://www.midi.org/about-midi/electrical.shtml.
Ако немате големо практично искуство во изработка на вакви кабли и работа со вакви електронски елементи, можеби сепак ќе ви биде подобро да набавите готов кабел. Распрашајте се во Логинг електроникс, бидејќи таму ги изработуваат сите видови кабли по желба на корисникот, сигурно ќе можат да одговорат и на ова ваше барање. Ако најдете кабел со поволна цена, но со недоволна должина, размислете како варијанта да ги преместите компјутерот и MIDI уредот поблиску еден до друг.
Објаснување за сликата:
1. За оптоизолатор се препорачува 6N137. Системот би функционирал и со 6N138, но би работел побавно.
2. Отпорниците се со толеранција од 5%.
3. Инверторите можат да бидат направени со IC или транзистор.
4. Важно е да не се заземјува пинот 2 на MIDI IN конекторот. Ова може да предизвика внесување на шум во системот. Пинот 2 од MIDI OUT конекторот се заземјува. Оклопот на MIDI кабелот се заземјува само од една страна, по желба.
Дарко Мајстороски


Здраво Емитер!
Се одлучив да го изработам Теслиниот трансформатор. Ме интересира кој напон се добива на секундарот на трансформаторот и дали тој може да се зголеми. Би сакал да направам трансформатор со поголема моќност и напон и ме интересираат пресметките за истиот. Дали може да се зголеми напонот на секундарот со зголемување на фреквенцијата на осцилаторот?
Однапред благодарам,
Заре Костадиновски, преку e-mail.

На секундарниот дел на трансформаторот, според должината на продуцираниот волтин лак (околу 5 cm) емитуван од антената, се проценува дека напонот изнесува најмалку околу 50 илјади волти. Продуцирањето на повисоки напони на овој принцип е лимитирано од неколку фактори. Во прв ред е температурната дисипација (загревање на платинските контакти) на искричарот. Оваа дисипација во нашиот проект е на граница на прифатливото, па за досег до повисок напон се отвора проблем за конструкција на поголем искричар со дополнителен систем за ладење на контактите. Потоа следи проблемот за обезбедување високонапонски кондензатор, надвор од стандардните кои можат да се набават во малопродажната трговија и уште неколку други проблеми, кои сметаме се надвор од можностите на аматерската практика и поради тоа не се впуштаме во тоа подрачје. На крај, фреквенцијата (околу 150 kHz) на која работи Теслиниот трансформатор е оптимална, гледано од аспект на нужното време за целосно полнење и празнење на кондензаторот во примарниот дел, па зголемување на фреквенцијата над оптималната вредност води кон намалување на амплитудата на напонот на секундарниот дел.
Сметаме дека предложените два мини-модела на Теслиниот трансформатор, сепак, импресионираат со својот ефект и се доволен предизвик за секој конструктор.
Петар Лагудин


Почитувана Редакцијо,
Голем поздрав од ваш редовен читател. Имам неколку прашања од областа на електрониката.
1. Дали може Step up конверторот од ЕМИТЕР број 1/04 да го искористам како самополнач на акумулатор и доколку не може ме интересира кој од операциските засилувачи би одговарал на место постоечкиот, затоа што за IC1 (KA34063A) стои дека може да работи од 100Hz до 100 KHz, а за полначот мислам дека треба да е 50 Hz.
2. Дали може намотка на звучник која е намотана во два реда (еден врз друг) со жица со дебелина од 0,2mm да ја намотаме со 0,35mm во еден ред, со тоа што на влезот или на излезот ќе ја надоместиме отпорноста со отпорник.
3. Ме интересира дали во проектот метал-детектор од ЕМИТЕР број 10/96 во осцилаторно коло наместо BC560C можам да ставам дарлингтон транзистор BC516, со што би добил поголема снага на истиот.
4. Пред неколку денови ви испратив писмо со проект за транзисторски метал-детектор. Се надевам дека во некој од наредните Емитери ќе биде објавен, а заедно со него и ППК што ќе можеме да ја купиме, а со тоа и да го реализираме проектот.
Однапред ви благодарам,
Гоце од Струга.

1. Пред да одговорам на прашањето би сакал да обрнам внимание на сите читатели кои поставуваат прашања околу проектите од електроника во ЕМИТЕР. Најчесто одговорот на поставените прашања се наоѓа во самиот текст и описот на проектот, а читателите поради недоволно проучување на проектите, не го согледале одговорот. Многу од прашањата произлегуваат од недоволните познавања од областа на електрониката, а читателите со помало искуство се зафаќаат со изградба на проекти кои се пресложени за нивното знаење и практично искуство од електрониката. Затоа прашањата некогаш знаат да бидат нелогични, да не речам и смешни.
Сепак, ќе одговорам на ова малку нелогично прашање околу step up конверторот:
Која е смислата еден вака релативно сложен уред, претворувач на напон, да се користи како полнач на акумулатор? Зошто еден напон би се подигнувал за да биде искористен како извор на напон за полнење на акумулатор, кога за тоа постојат други поедноставни решенија? Опишаната верзија на конвертор нема решение ниту цел за полнење на акумулатори или друг вид на батерии. За тоа постојат специјализирани и за тц:аа цел наменети уреди, повеќепати објавувани на страниците на Емитер.
Интегрираното коло употребено во проектот не претставува операциски засилувач, што може да се дознае со внимателно читање на текстот од проектот. Тоа е специјализирано коло кое во себе содржи повеќе функционални единици: компаратор, осцилатор, контролна логика, излезни транзистори итн.
Работната фреквенција на осцилаторот на колото има влијание во степенот на искористување, при евентуалната работа на колото како полнач. Од каде идејата дека за да функционира еден полнач треба да има работна фреквенција од 50Hz (можеби асоцијација со фреквенцијата на мрежниот трансформатор)? Напонот на полначот за полнење на акумулатор треба да биде еднонасочен, а не наизменичен со фреквенција од 50Hz.
Резиме: Step up конверторот нема намена да се користи како полнач на акумулатори. Неговата примена во ваква цел сепак не е исклучена - тој може да ги полни батериите на еден лап-топ кој го напојува. Директното вклучување на конверторот како полнач на батерии не е дозволено, поради непостоење на електронско коло за соодветно струјно и напонско ограничување и исклучување на наполнетата батерија. Интегрираното коло IC1 не може да се замени со ниту еден вид на операциски засилувач.
Петар Аврамовски

2. Ова што го предлагате не би ве советувал да го направите, освен ако не се работи за некој експеримент или слично. Која било измена во намотката на звучникот би значела промена на сите клучни параметри, вклучувајќи ја ефикасноста и, се разбира, номиналната импеданса. Вметнувањето на сериски отпорник како "замена" за изгубената импеданса само дополнително ќе ги влоши работите. Затоа, ако сакате да ги задржите колку толку истите параметри на звучникот, премотувањето на намотката треба да биде со иста жица како и оригиналната. Освен тоа, бројот на навивки, бројот на слоеви и начинот на кој истите се мотани мора да биде идентичен. Ако го сторите сето она што е наведено во писмото, многу е извесно дека по премотувањето, нема да можете да го препознаете вашиот звучник.
3. Што се однесува до ова прашање работите стојат малку поинаку. Во моментов, не би можел со сигурност да ви кажам дали со замената на оригиналниот транзистор со некој дарлингтон ќе се добие нешто во поглед на осетливоста или моќноста на детекторот. Но, сепак едно е сигурно. Замената нема значително да го поремети принципот на работа на колото. Затоа, слободно направете ја замената, а за добиените резултати и стекнатите искуства ве поканувам да нe известите и нас и останатите читатели.
Дејан Трпески

4. Шемата што сте ни ја испратиле е тотално нечитлива, а прикажаното решение за метал-детектор е застарено, така што вашиот предлог нема да го реализираме. Но, како што веќе имаме најавено, ние подготвуваме неколку проекти за современи метал-детектори и тие ќе бидат објавени во следните броеви. Тогаш ќе можете да си изработите некој од предложените модели, за кои секако дека ќе обезбедиме плочки преку нашиот ППК сервис.
Слободан Таневски