Почитувана Редакцијо,
Голем поздрав од ваш редовен читател. Имам неколку прашања од областа на електрониката.
1. Дали може Step up конверторот од ЕМИТЕР број 1/04 да го искористам како самополнач на акумулатор и доколку не може ме интересира кој од операциските засилувачи би одговарал на место постоечкиот, затоа што за IC1 (KA34063A) стои дека може да работи од 100Hz до 100 KHz, а за полначот мислам дека треба да е 50 Hz.
2. Дали може намотка на звучник која е намотана во два реда (еден врз друг) со жица со дебелина од 0,2mm да ја намотаме со 0,35mm во еден ред, со тоа што на влезот или на излезот ќе ја надоместиме отпорноста со отпорник.
3. Ме интересира дали во проектот метал-детектор од ЕМИТЕР број 10/96 во осцилаторно коло наместо BC560C можам да ставам дарлингтон транзистор BC516, со што би добил поголема снага на истиот.
4. Пред неколку денови ви испратив писмо со проект за транзисторски метал-детектор. Се надевам дека во некој од наредните Емитери ќе биде објавен, а заедно со него и ППК што ќе можеме да ја купиме, а со тоа и да го реализираме проектот.
Однапред ви благодарам,
Гоце од Струга.
1. Пред да одговорам на прашањето би сакал да обрнам внимание на сите читатели кои поставуваат прашања околу проектите од електроника во ЕМИТЕР. Најчесто одговорот на поставените прашања се наоѓа во самиот текст и описот на проектот, а читателите поради недоволно проучување на проектите, не го согледале одговорот. Многу од прашањата произлегуваат од недоволните познавања од областа на електрониката, а читателите со помало искуство се зафаќаат со изградба на проекти кои се пресложени за нивното знаење и практично искуство од електрониката. Затоа прашањата некогаш знаат да бидат нелогични, да не речам и смешни.
Сепак, ќе одговорам на ова малку нелогично прашање околу step up конверторот:
Која е смислата еден вака релативно сложен уред, претворувач на напон, да се користи како полнач на акумулатор? Зошто еден напон би се подигнувал за да биде искористен како извор на напон за полнење на акумулатор, кога за тоа постојат други поедноставни решенија? Опишаната верзија на конвертор нема решение ниту цел за полнење на акумулатори или друг вид на батерии. За тоа постојат специјализирани и за тц:аа цел наменети уреди, повеќепати објавувани на страниците на Емитер.
Интегрираното коло употребено во проектот не претставува операциски засилувач, што може да се дознае со внимателно читање на текстот од проектот. Тоа е специјализирано коло кое во себе содржи повеќе функционални единици: компаратор, осцилатор, контролна логика, излезни транзистори итн.
Работната фреквенција на осцилаторот на колото има влијание во степенот на искористување, при евентуалната работа на колото како полнач. Од каде идејата дека за да функционира еден полнач треба да има работна фреквенција од 50Hz (можеби асоцијација со фреквенцијата на мрежниот трансформатор)? Напонот на полначот за полнење на акумулатор треба да биде еднонасочен, а не наизменичен со фреквенција од 50Hz.
Резиме: Step up конверторот нема намена да се користи како полнач на акумулатори. Неговата примена во ваква цел сепак не е исклучена - тој може да ги полни батериите на еден лап-топ кој го напојува. Директното вклучување на конверторот како полнач на батерии не е дозволено, поради непостоење на електронско коло за соодветно струјно и напонско ограничување и исклучување на наполнетата батерија. Интегрираното коло IC1 не може да се замени со ниту еден вид на операциски засилувач.
Петар Аврамовски
2. Ова што го предлагате не би ве советувал да го направите, освен ако не се работи за некој експеримент или слично. Која било измена во намотката на звучникот би значела промена на сите клучни параметри, вклучувајќи ја ефикасноста и, се разбира, номиналната импеданса. Вметнувањето на сериски отпорник како "замена" за изгубената импеданса само дополнително ќе ги влоши работите. Затоа, ако сакате да ги задржите колку толку истите параметри на звучникот, премотувањето на намотката треба да биде со иста жица како и оригиналната. Освен тоа, бројот на навивки, бројот на слоеви и начинот на кој истите се мотани мора да биде идентичен. Ако го сторите сето она што е наведено во писмото, многу е извесно дека по премотувањето, нема да можете да го препознаете вашиот звучник.
3. Што се однесува до ова прашање работите стојат малку поинаку. Во моментов, не би можел со сигурност да ви кажам дали со замената на оригиналниот транзистор со некој дарлингтон ќе се добие нешто во поглед на осетливоста или моќноста на детекторот. Но, сепак едно е сигурно. Замената нема значително да го поремети принципот на работа на колото. Затоа, слободно направете ја замената, а за добиените резултати и стекнатите искуства ве поканувам да нe известите и нас и останатите читатели.
Дејан Трпески
4. Шемата што сте ни ја испратиле е тотално нечитлива, а прикажаното решение за метал-детектор е застарено, така што вашиот предлог нема да го реализираме. Но, како што веќе имаме најавено, ние подготвуваме неколку проекти за современи метал-детектори и тие ќе бидат објавени во следните броеви. Тогаш ќе можете да си изработите некој од предложените модели, за кои секако дека ќе обезбедиме плочки преку нашиот ППК сервис.
Слободан Таневски