Нови предлози и стари планови тешки за реализација

Здраво почитувана Редакцијо,
Најубави зборови за списанието ЕМИТЕР кое го следам од првите броеви како студент на ЕТФ, па и ден денес како професор по Електроника во ДЕМАУ "Ѓошо Викентиев" – Кочани.
Имено, сакам да предложам во наредните броеви да објавите нови серии написи, како што беше серијата "Сервисирање на ТВ-приемници", која потоа ја купив и како книга - навистина е нешто драгоцено, и често ја користам при изведувањето на наставата како дополнителна литература. Би предложил да продолжи оваа пракса со следниве теми: Програмирање на PIC16F84 и слични; Влегување во сервисен мод на работа на ТВ и ДВД и слично (како што имам сретнато во некои списанија од Србија); Декодирање на мобилни телефони и авто-радиокасетофони; Програмирање на EEPROM-и; Инсталација на сателитски интернет; Сервисирање на печатачи; Изработка на ППК со фотопостапка. За крај, морам да ве пофалам, бидејќи веќе ме израдувавте со серијалот за дизајнирање на ППК со Eagle 4.12.
Со надеж дека моите предлози ќе бидат сериозно разгледани и прифатени со некоја динамика, однапред ви се заблагодарувам и ви пожелувам и понатамошна успешна работа.
Поздрав,
Горан Манасиев од Кочани

Почитуван колега Манасиев,
Ви благодарам за пофалбите. Предлозите кои ги давате одамна се дел од плановите на Редакцијата, ама, за жал, некои од нашите планови тешко се остваруваат. Таков беше и случајот со серијалот и книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање". План за издавање на таква серија написи и книга имавме уште во 1997-98, ама успеавме да ја реализираме дури сега. Еден од главните проблеми зошто некои теми не се застапени во ЕМИТЕР е немањето соработници, кои, од една страна, добро ја владеат таа материја, а, од друга страна, би имале желба тоа да го објават во ЕМИТЕР или во некоја книга или брошура во наше издание. Втора поголема причина е презафатеноста на нашите сегашни соработници, така што и областите и темите кои тие добро ги владеат често пати не стигнуваат да ги подготват за објавување. Такви примери се долго планираните серијали или брошури за звучници, микроконтролери и програмот Протел, кои којзнае кога ќе го видат светлото на денот.
Сите овие проблеми драстично би се намалиле кога поголем број на инженери повремено би соработувале со ЕМИТЕР, нешто што е доста раширена пракса секаде во светот, па и кај нашите соседи во Србија. Затоа во нивните списанија има секакви теми од електрониката, дури и за некои тесноспецијализирани области од електрониката. Кај нас, електроинженерите редовно ни даваат само предлози што би сакале да читаат во ЕМИТЕР, а речиси никој не сака да ја прифати нашата понуда да напише некој напис за она што самиот добро го владее. Простата математика кажува дека кога секој електроинженер само еднаш во својот живот би објавил само еден стручен напис од областа која добро ја владее, тогаш ЕМИТЕР ќе успее да ги "покрие" сите области на електрониката и тоа со квалитетни и интересни написи. Значи, секој инженер треба нешто и да даде од своето знаење, а не само да очекува некој друг да му го даде знаењето што во тој момент му е потребно. Ако се очекува сите теми од електрониката да излезат од нас неколкумина во ЕМИТЕР, тогаш секогаш ќе има области и теми кои ќе останат необјавени.
Сепак, ова не значи дека ние се откажуваме од нашите планови и дека нема да се потрудиме да ги "покриеме" сите предлози од читателите, туку само е информација на какви проблеми наидуваме и зошто некои теми не се доволно застапени во ЕМИТЕР.
А сега малку конкретно: најголеми шанси во скоро време да објавиме напис за некои од вашите предлози имаат темите: Влегување во сервисен мод на ТВ (колегата Зоран Тасиќ веќе го подготвува написот) и Сервисирање на печатачи, додека за изработка на ППК со фотопостапка ве упатувам на написот во ЕМИТЕР 4/98. Другите теми којзнае кога би дошле на ред, во зависност од причините за кои погоре зборував.
На крај, како и до секој инженер кој се јавил кај нас, и вам ќе ви го упатам повикот да објавите напис за некоја тема од електрониката која вие добро ја познавате. Дајте нешто од своето знаење за и другите да ви дадат :-).
Поздрав,
Слободан Таневски

Почитуван г-не Таневски,
Еве, во знак на добра волја веднаш ќе подготвам еден напис од областа на "Програмирање на сериски EPROM-и и декодирање на авто-радиокасетофони", па ве молам да ми објасните во кој формат истиот да биде подготвен и, се разбира, доколку го објавите колку изнесува хонорарот за вложениот труд.
Многу поздрави и со надеж дека ќе соработуваме,
Горан Манасиев од Кочани.

Ова, навистина е за пофалба :-). Сите информации во врска со соработката со ЕМИТЕР ќе ги најдете во упатството кое ви го испраќам во прилог на ова писмо. Ви стојам на располагање за натамошни консултации околу подготовката на написите.
Се надевам дека успешно ќе соработуваме и дека вашиот пример ќе го следат и други инженери.
Поздрав,
Слободан Таневски