Здраво Емитерци!
Јас сум ваш редовен читател и сакам да ве прашам нешто во врска со мојата гитара. Сакам да знам дали може акустична гитара да се преправи во електрична гитара. Можеби ова е смешно прашање, но сакам да знам дали може така, бидејќи немам пари за електрична гитара. Мојата акустична гитара е стара и беше многу скапа кога ја купив, па да не трошам пари за нова електрична гитара.
Ве прашувам вас како познавачи за секакви работи.
Поздрав, Стефан Василевски.
Препорачувам три начини за да добиете електрична гитара од акустична:
1. Да ѝ вградите микрофон и предзасилувач на акустичната гитара. За оваа намена постојат посебни пиезо-микрофони кои се лепат на телото на гитарата, но за проба може да експериметирате и со обичен (поквалитетен) електрет микрофон. Предзасилувачот можете да го купите или, пак, да го направите самите (во ЕМИТЕР имало проекти кои би можело да се употребат за оваа намена).
2. На акустичната гитара да ѝ вградите пик-ап, потенциометар и џек од електричната гитара, а наместо пластичните/месинганите жици да поставите челични жици (жици за електрична гитара). Овие делови може да се купат посебно во продавниците за музикалии. Пикапот (магнетот) може да го направите и самите ако на плоснат правоаголен магнет му намотате неколку илјади навивки од тенка бакарна жица.
3. Од акустичната гитара да го извадите вратот и кобилицата, од даска или иверица да направите тело за електрична гитара, па сите делови да ги монтирате на него. Тука треба да се внимава да се запази истото растојание од кобилицата до првиот праг на гитарата (во спротивно гитарата нема да може да се наштима), а секако и да се употребат челични жици, соодветни пикапи, преклопник, потенциометар и џек за електрична гитара поврзани на правилен начин. Од вашата умешност во изработката на телото, прицврстувањето на вратот и поставувањето на останатите елементи ќе зависи колку убаво ќе изгледа и како ќе звучи вашата гитара.
Користејќи го токму последниов метод јас пред повеќе од 20 години имам изработено неколку електрични гитари кои изгледале и звучеле повеќе од солидно. Со тие гитари рок-бендот на брат ми стигна до полуфинале на Рок фестот :-)).
Ви посакувам успех.
Слободан Таневски
Здраво,
Правам едно мало експериментче - се работи за звучници што сакам да ги искористам за PC. Звучниците ги најдов на автопазар, фирмата е US Blaster коишто некогаш се користеле за сараунд систем (еден вуфер и 4 сателити), од кои најдов само два сателита, кои се во добра состојба и исправни. Ме интересира како можам да направам од нив да се слуша само басот – дали треба да направам некоја намотка, бидејќи сакам да ставам и мали високотончиња. Би ви бил благодарен да ми објасните како да добијам само бас на звучниците.
Поздрав,
Дејан – deki21.excite
Не можете да добиете доволно басови од тие два сателитски звучника, бидејќи тие според самата своја конструкција не можат да дадат басови. Но, високите тонови можат да се исфилтрираат од секој бас/среднотонски (па и сателитски) звучник со помош на филтер-пропусник на ниски тонови. Наједноставниот таков филтер се нарекува филтер од прв ред и се состои од само една намотка (калем). Индуктивноста на намотката (во хенри) се одредува според формулата L=R/(2·π·f3), каде што R е импедансата на звучникот, а f3 е фреквенцијата на која амплитудата на сигналот е ослабена за 3 dB. На пример, за R = 8 Ω и за f3 = 3 kHz се добива L = 0,4 mH. Ако сакате да користите и дополнителен високотонец, тогаш пред високотонецот мора да се постави филтер-пропусник на високи тонови. Наједноставниот филтер-пропусник за високи тонови (од прв ред) се состои од само еден кондензатор. Капацитивноста на кондензаторот (во фаради) се одредува според формулата C=1/(2·π·R·f3), каде што R е импедансата на звучникот, а f3 е фреквенцијата на која амплитудата на сигналот е ослабена за 3 dB. На пример, за R = 8 Ω и за f3 = 3 kHz се добива C = 6,6 µF.
Наведениве формули важат само за теоретски идеален случај на звучници со потполно рамна амплитудно-фреквенциска карактеристика и со потполно рамна импеданса. Во пракса, вредностите на елементите од филтрите се одредуваат преку измерената вистинска (а не номинална!) импеданса на звучникот на фреквенцијата потребна за свртницата. Ако импедансата на звучниците претходно се линеаризира со помош на сериски RC-компензациски (Зобелов) склоп поставен паралелно на бас/среднотонскиот звучник, тогаш формулата е апсолутно точна.
Ваквите филтри (и компензации) се составен дел на секоја свртница за звучници. Сè за свртниците можете да најдете во двете продолженија на текстот "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/1996 и 3-4/1996 и во текстот "Како до квалитетни звучни кутии?" во ЕМИТЕР 5/2007. Овие постари броеви на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР.
Што се однесува до вашиот случај, мислам дека воопшто не се исплати да се "подобруваат" тие два сателитски звучника за да се користат како звучници за PC. Цената и ангажманот за таа модификација се преголеми: потребни се најмалку две намотки и два кондензатора, плус два високотонци, еден сабвуфер и три засилувачи. За истите пари (или помалку) можете да купите потполно нови звучници за PC (два сателита и сабвуфер, со вградени засилувачи) од некоја позната фирма. Единствено ако веќе имате два високотонци, сабвуфер и три засилувачи со кои не знаете што да правите, тогаш можеби вреди со сопствени раце да направите нешто и да ги искористите и тие два сателитски звучника. Но, ако располагате само со тие два сателитски звучника, ви предлагам да не ги дополнувате со високотонци и сабвуфер, туку да го извадите од нив и она малку бас којшто може да го дадат, така што ќе им направите по една нова звучна кутија од типот на бас-рефлекс, или трансмисиона линија. Повеќе за овие типови звучни кутии можете да прочитате во постарите броеви на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски
Почитувани,
Имам неколку прашања во врска со програматорот од брошурата "Микроконтролери за почетници 1" Сакам да го изработам PIC програматорот, ме интересира дали е можно тој да се приклучи на компјутерското напојување и од таму да се снабдува со потребните 5 волти и 12 волти кај регулаторите 7805 и 7812 или мора да се гради и напојувањето со двата регулатора? Дали со овој програматор може да се програмираат микроконтролери со 8 пина (eeprom)?
Поздрав
Горан Веловски
Компјутерското напојување може да се искористи, доколку соодветно и исправно го поврзете на потребните места. Но, не гледам потреба за таква компликација кога напојувањето на целиот програматор може да се реши со обичен грецов насочувач, направен со трансформаторче за 15V/0,3A, грец за 1A и електролитски кондензатор од 1000 до 4700 µF/35V.
Што се однесува до тоа што сè може да програмира програматорот, објавено е во самата брошура. Она што вие го прашувате не може да се програмира.
Добре Блажевски
Здраво.
Имам мал проблем околу правењето на програмата за контрола на релеи, проект од број 01/05, па Ве молам за помош.
Дадениот пример е многу краток и не покажува како се иницијализира читањето и запишувањето од дата-регистерот. Јавува грешки за променливата Value, како и за наредбите кои ги овозможува inpout32.dll библиотеката. Како оваа библиотека се вклучува во програмата за да може да се користи? И ме интересира зошто Check4_Click кога ова би требало да биде код за настанот "копчето 4" е кликнато, Button4_Click, или ова е функција за "копчето 4" која се користи при кликање на "копче 4"?
Поздрав,
Орде Вељаноски
Се надевам дека следниве појаснувања ќе ви помогнат во изработка на програмата.
Најнапред, како што е наведено на почетокот на текстот, написот е надополнување на претходно објавен напис, па заради тоа некои од објаснувањата се кратки или изоставени.
1) Што се однесува до користењето на DLL библиотеката, за да направите иницијализација како што велите вие и таа да може да се користи, во нашата програма е искористен модул преку којшто се декларираат In и Out како функции. Ви го испраќаме во прилог (Inpout32.bas). Внесете го во вашата програмата преку Project-AddModule. На прозорот што ќе се појави изберете ја картичката Existing и посочете го (најдете го) модулот што ви го испраќаме.
Ќе забележите дека во модулот е посочена променлива PortAddress како Integer. Зависно од тоа како ја пишувате програмата, истата ќе мора да ја дефинирате, односно димензионирате како таква променлива во некој дел од програмата (во Option Explicit или во General, на пример). Не заборавајте и дека променливата Value мора, исто така, да ја дефинирате.
2) Што се однесува за вашето наредно прашање зошто Check на место Button, тоа е поради тоа што копчињата што се гледаат на формата не се објекти од типот Копче (Button), туку од типот Квадрат со штиклирање (Check box). Значи, поставени се Check Box, но во полето Style во Properties на секој Check Box избрано е Graphical. Со ова нагодување, Check Box добива изглед на копче кое може да се вклучи (остане притиснато) и исклучи (испакнато), но тоа останува да си биде Check Box. Штосно нели? Обидете се.
Останатото во програмата е избор на изглед, потреби и фантазија.
Пријатна работа и многу успех.
Добре Блажевски-Доц
Бидејќи ќе правам кутии за звучници 6x9 инчи, ме интересира дали на кутиите треба да оставам дупка за издув или да бидат затворени. Звучниците се за во кола. И ако треба да имаат дупка, кое место би било најпогодно за тоа.
Благодарам однапред.
Петар Спасевски преку e-mail
Работите не се така едноставни... Ви препорачувам прво да ги прочитате текстовите "Како до квалитетни звучници" во Емитер 1/07 до 7-8/07, "Компресиони звучни кутии" во ЕМИТЕР 5/1995 и "Бас-рефлекс звучни кутии" во ЕМИТЕР 1/1998, 2/1998, 4/1998 и 6/1997. Овие постари броеви на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР.
Но, со оглед на тоа дека станува збор за автозвучници кои редовно имаат многу висок Qts параметар, најдобро решение во вашиот случај е да не правите звучни кутии, туку да ги поставите звучниците на задната хоризонтална "даска", зад задните седишта. Најголемиот број автомобили со фабрички вградени 6х9 звучници имаат токму вакво решение.
Претходно треба прецизно да направите отвори на "даската" за звучниците. Внимавајте, бидејќи "даската" е направена од пластика и лесно може да се оштети или скрши. Звучниците треба добро да налегнуваат на отворите и добро да дихтуваат.
Пријатно слушање!
Владимир Филевски
На интернет најдов шема за функциски генератор. Сакам да го направам бидејќи е прилично едноставен, а освен тоа, може да најде место во мојата аматерска работилница. Ја нацртав плочката ама кога го побарав интегралецот 8038PCD во продавниците за електроника немаа таков, па купив 8038ACP произведен од фирмата EXAR. Моето прашање е дали може да се искористи тој интегралец без да се прават промени во шемата или, пак, ќе треба да се користи сосема друга шема.
Поздрав од вашиот верен читател,
Бојан Јаневски
Се работи за истото коло само од друг производител. Тоа значи дека колото што сте го купиле можете да употребите во вашиот проект. Вообичаено, при означувањето на интегрираните кола префиксот (буквите пред бројот) го покажува производителот, додека суфиксот (буквите после бројот) го означува типот на куќиштето, температурниот опсег на работа и намената.
Само како мало потсетување да спомнам дека во претходните броеви на ЕМИТЕР во два наврати е објавен проект на функциски генератор и тоа во ЕМИТЕР 9/97 и ЕМИТЕР 11 и 12/2002. Во првиот проект се користи токму ICL8038, додека во вториот XR2206. Јас ви препорачувам добро да ги проучите и двете статии бидејќи во нив се содржани многу корисни информации кои ќе ви помогнат успешно да го реализирате вашиот проект.
Дејан Трпески