Во врска со серијата под наслов "Мистеријата наречена НЛО", сметам за своја обврска, како долгогодишен соработник на ЕМИТЕР токму од областа на астрофизиката, да реплицирам по однос на обвинувањата упатени кон науката, од страна на уфологот г. Стојмир Симјановски.

Немам намера да се повторувам со тоа што е веќе кажано во речиси долготрајна полемика за или против "вонземното потекло на НЛО", мојот став по тоа прашање го изнесов уште на почеток на серијата (ЕМИТЕР бр. 12/07: "Не постои мистерија наречена НЛО"). Намерата ми е да се произнесам во врска со некои, според мене, чудни обвиненија упатени кон науката од страна на уфологот г. Симјановски. Основното обвинение се однесува на наводното "сокривање на вистината" од страна на науката за "вонземното потекло на НЛО", кои "перманенто се појавуваат веќе 60-тина години"! Чудно обвинение, кога се знае дека по тоа прашање науката го кажала својот став, чија суштина е: "НЛО немаат вонземно потекло". Но, ваквиот став на науката, не се совпаѓа со неговата "теза" (јас би ја нарекол желба) за "вонземно потекло на НЛО", па тој го прогласил за "грешка на науката, која со тек на време таа ќе ја увиди и ќе ја исправи". Можеби, доколку се најдат валидни докази. Но, она што следува натаму во неговиот текст, цитирам: "Науката е многу повеќе напор да се исправуваат грешките отколку само напор да се стекнуваат нови сознанија", завршен цитат, според мене не е точно, па создава погрешна слика за науката, особено кај недоволно упатените читатели во оваа сфера. Тоа ме наведе да ја објаснам методологијата со која науката се служи во својата дејност за откривање на знаењето, и на тој начин да ја покажам неоснованоста на тоа негово тврдење.
Појдовна точка во науката за објаснување на некоја непозната природна појава е хипотезата. Што е тоа хипотеза? Тоа е грчки збор, кој значи "подлога", а според Њутн, тоа е поставка, која е погодна за разрешување на некоја непозната појава, но сè уште недокажана како единствено можно решение. Според тоа, хипотезата е само патоказ кој покажува во која насока треба да се насочат натамошните научни истражувања, за таа или да се промовира во природен закон, или да се отфрли. Науката признава само такви хипотези кои произлегле од логични заклучоци, и кои можат да издржат конструктивна и реална критика. Многу теории, пред да влезат во проверениот состав на науката беа хипотези, а многу хипотези беа отфрлени без да станат теории, бидејќи беа побиени во второстепената постапка, наречена "научен доказ".
Сметам дека тука не е на одмет да објаснам и што е тоа логика. Според дефиниција, таа е наука за формите во кои мора да се одвиваат мисловните процеси, за да се дојде до вистинит заклучок. Уште во античко време логиката била поим кој значел исправно размислување и заклучување.
А сега следува најбитното: секое ново откритие отвора нова енигма, но за да го објаснам тоа подобро, еве малку хронологија. Кога Кеплер ја формулирал кинематиката на орбитирање на планетите во Сончевиот систем, се отвори енигмата за причината, која ги принудува планетите на орбитирање. Енигма ја разрешил Њутн со откривање на силата на гравитацијата, но со тоа се отвори нова енигма: зошто сите тела во вселената не се збијат на едно место поради нивното меѓусебно привлекување? Решението се обидел да го даде Ајнштајн со воведување во игра на антигравитациска космолошка константа, која држи рамнотежа на гравитацијата. Но, вистинското решение дојде подоцна, кога Едвин Хабл открил дека вселената не е статичка, туку дека таа експандира. Но, ете нова енигма: која е причината за експанзијата на вселената? Енигмата ја разрешува експлозија на космосот наречена Биг Бенг од пред 13,5 милијарди год., на самиот старт на простор-времето. Но, според тоа сценарио вселената започнала од точка со бесконечно голема густина и висока температура т.н. точка на сингуларитет, за која физичките закони не важат, па ете нова енигма: каде тогаш беа содржани почетните услови кои довеле до креација на вака погодена и униформна конфигурација на вселената? Тоа прашање остана отворено и денес.
Во најново време стаса и откритието дека експанзијата на вселената не е ретердациска (не забавува), како што до пред десетина години се мислеше, туку таа е акцелерациска (забрзува)! И ете нова енигма: која сила ја турка акцелерациската експанзија? Таа енигма повторно ја актуелизира Ајнштановата одбојна космолошка константа, но со изменета функција: не како рамнотежа на гравитацијата, туку како причина за акцелерациската експанзија. Физичарите го бараат решението во таинствена сила содржана во космосот, која тие ја нарекле темна енергија, но од каде таа доаѓа науката сè уште нема одговор. Постојат и други крупни енигми пред науката, помеѓу кои најактуелен е проблемот на некомпатибилноста на двете клучни теории на современата физика: квантната теорија и теоријата за релативитетот, па научниците трагаат по обединувачка теорија.
Можеме да одиме и натаму со набројување на енигми, но доволно е за да се види дека сето денес познато научно знаење не дошло наеднаш, туку низ еден долг процес на постепено откривање сè нови и нови сознанија, кои како повратна спрега перманентно отворале нови енигми за решавање. Ете тој процес г. Симјановски го нарекол "исправување на грешки", но дали тоа има некаква основаност, може да се заклучи од сето досега овде изложено. За волја на вистината, постои и погрешна логика, кога мисловниот процес се движи надвор од адекватните форми, но типичен пример за тоа е токму тезата на уфолозите за "вонземно потекло на НЛО", бидејќи таа не произлезе од релевантни аргументи или логични заклучоци, туку е плод на евтин новинарски сензационализам, широко распространет во САД. Имено, не навлегувајќи во техничките и другите можности за меѓуѕвездени патувања, нималку не е логично науката, која голем дел од своите истражувања ги насочила кон откривање живот надвор од нашата планета Земја, да прикрива така сензационално откритие, како што е евентуалното откривање на вонземјани во НЛО! Некој би рекол: "крие поради безбедносни причини, за да не се создава паника", но и во тоа нема логика, кога се знае дека науката предупредува на перманентна опасност од судир со талкачки небески тела (астероиди), дури и обелоденува проекти за одбрана од нив!
Со тоа мислам дека е кажано сè, па ќе завршам со исказот на Филип Клас, автор на книгата "Летачките чинии мит на 20 век": "Убеден сум дека фотографиите на летачките чинии се 90% автентични и 10% лажни: автентичниот дел го сочинуваат планините, дрвјата, грмушките…, а лажниот дел се самите летачки чинии.

Петар Лагудин


Здраво Емитерци,
Јас сум еден ваш редовен читател и сакам да ви кажам дека има грешка во декемврискиот број на ЕМИТЕР. Поточно во напојувањето за CD ROM, во поврзувањето на излезот за +5V, +12V и за заземјувањето. Заземјувањето кај Molexs конекторот се наоѓа во средина, +5V се наоѓа на левата страна, а на десната страна се наоѓа +12V, па сакам да кажам дека има грешка, бидејќи три пати проверив и на крај открив дека грешката се наоѓа кај поврзувањето.
Поздрав,
Стефан Василевски.

Пред да одговорам на писмото, најнапред морав повеќепати да го препрочитам и писмото и текстот во ЕМИТЕР за да откријам дека грешката која ја спомнувате се наоЃа на фотографијата на изработениот уред прикажана на слика 3. Значи, за Molex конекторот да биде правилно поврзан потребно е жолтата и црната жица да ги заменат местата и да се вкрстат како што е претставено на новоприложената слика.
Како и да е, спомнатата грешка на фотографијата не верувам дека може да предизвика забуна кај градителите, бидејќи на цртежот на ППК јасно се означени излезните изводи (+5V, +12V и GND), а во текстот (при крајот) јасно е кажано како треба да се поврзат излезните изводи на плочката со изводите на Molex конекторот. Со други зборови, ако градителите се придржуваат до упатствата дадени во текстот нема шанси да ја направат грешката која јас ја направив брзајќи да го фотографирам изработениот прототип.
Во секој случај, благодарност до Вас и секоја пофалба за Вашето бистро и остро око кога на слика бр. 3, која не е во боја, сте забележале дека има грешка во конекцијата на Molex конекторот со конекторот на плочката.
Петар Аврамовски


Здраво Емитер
Најпрвин голем поздрав до редакцијата и до сите читатели на ова единствено списание за електроника во нашава држава. Во некои од минатите броеви имаше објавено написи за регулација на број на вртежи на мотори за еднонасочна струја и на колекторски мотори. Најчесто во практика се среќаваат асинхрони мотори, па добро би било доколку сте во можност да објавите некој проект за регулација на број на вртежи на асинхрон мотор (монофазен или трофазен). Најмногу ме интересира, ако може да ми кажете, како се создава PWM за 3 фази (секоја фазно поместена за 120 степени). Секаде кај што сум сретнал трифазен фреквентен регулатор тој е изведен со некој наменски микроконтролер, кој кај нас речиси и да е невозможно да се најде, а и неговото програмирање е посебна прикаска.
И би ви предложил за рубриката "Школа за Електроника" да обрнете повеќе внимание на енергетските електронски елементи (IGBT, SIT, SITh, енергетски диоди, MOS и др.).
Однапред благодарам.
Жарко Костадиновски

Регулацијата на DC и колекторските AC-мотори е едноставна и токму тоа е нивната најголема предност над асинхроните електромотори, кои, пак, се наједноставни и бараат најмалку одржување. Колата за регулација на бројот на вртежи кај DC и колкекторските мотори се многу поевтини од самиот мотор. Кај асинхроните мотори може слободно да се рече дека е обратно. Брзината на овие мотори се регулира преку фреквенцијата на наизменичниот напон со кој се напојува моторот за разлика од колекторските каде што се регулира со ефективната вредност на напонот.
Наизменичен напојувачки напон со промена на фреквенцијата може да се добие на два начина од електричната мрежа. Првиот најчесто користен начин е преку инвертори. Наизменичниот напон од мрежата се исправува, при што се добива еднонасочен напон. Понатаму, тој напон преку моќни прекинувачки транзистори повторно се претворува во наизменичен напон со друга фреквенција и амплитуда, па така се регулира и бројот на вртежите на асихрониот мотор. Добиениот бранов облик на новиот напон воопште не е синусоидален туку најчесто правоаголен. Поради тоа загубите кај моторот се зголемуваат. Кај вториот начин, од трите фази на мрежниот напон со прекинувачки транзистори се добива една синусоида со фреквенција различна од мрежната. Трите фази на мирниот напон по посебен редослед се приклучуваат на моторот, така што напонот кој се добива на моторот личи на синусоида со фреквенција различна од мрежната. Овие уреди се познати под името циклоконвертори.
И двата типа на претворувачи бараат сложено водење на прекинувачките елементи и затоа за нивно водење секогаш се користи микроконтролер. Во поново време на пазарот може да се најдат вакви уреди кои имаат прифатливи цени за мотори со помала моќност (до еден киловат). Цената на овие уреди е околу 100 евра. Некои од овие уреди имаат можност и да генерираат побуда за трифазен мотор само од една фаза на мрежниот напон. Самоградба на вакви уреди во домашни услови е неисплатлива поради нивната сложеност.
Што се однесува до електронските елементи од енергетска електроника идејата ја прифаќам и такви текстови ќе има во иднина, а започнувајќи со ГТО-тиристорите во овој број.
Кирил Крстевски