Мистеријата наречена НЛО, измислица!

Во врска со серијата под наслов "Мистеријата наречена НЛО", сметам за своја обврска, како долгогодишен соработник на ЕМИТЕР токму од областа на астрофизиката, да реплицирам по однос на обвинувањата упатени кон науката, од страна на уфологот г. Стојмир Симјановски.

Немам намера да се повторувам со тоа што е веќе кажано во речиси долготрајна полемика за или против "вонземното потекло на НЛО", мојот став по тоа прашање го изнесов уште на почеток на серијата (ЕМИТЕР бр. 12/07: "Не постои мистерија наречена НЛО"). Намерата ми е да се произнесам во врска со некои, според мене, чудни обвиненија упатени кон науката од страна на уфологот г. Симјановски. Основното обвинение се однесува на наводното "сокривање на вистината" од страна на науката за "вонземното потекло на НЛО", кои "перманенто се појавуваат веќе 60-тина години"! Чудно обвинение, кога се знае дека по тоа прашање науката го кажала својот став, чија суштина е: "НЛО немаат вонземно потекло". Но, ваквиот став на науката, не се совпаѓа со неговата "теза" (јас би ја нарекол желба) за "вонземно потекло на НЛО", па тој го прогласил за "грешка на науката, која со тек на време таа ќе ја увиди и ќе ја исправи". Можеби, доколку се најдат валидни докази. Но, она што следува натаму во неговиот текст, цитирам: "Науката е многу повеќе напор да се исправуваат грешките отколку само напор да се стекнуваат нови сознанија", завршен цитат, според мене не е точно, па создава погрешна слика за науката, особено кај недоволно упатените читатели во оваа сфера. Тоа ме наведе да ја објаснам методологијата со која науката се служи во својата дејност за откривање на знаењето, и на тој начин да ја покажам неоснованоста на тоа негово тврдење.
Појдовна точка во науката за објаснување на некоја непозната природна појава е хипотезата. Што е тоа хипотеза? Тоа е грчки збор, кој значи "подлога", а според Њутн, тоа е поставка, која е погодна за разрешување на некоја непозната појава, но сè уште недокажана како единствено можно решение. Според тоа, хипотезата е само патоказ кој покажува во која насока треба да се насочат натамошните научни истражувања, за таа или да се промовира во природен закон, или да се отфрли. Науката признава само такви хипотези кои произлегле од логични заклучоци, и кои можат да издржат конструктивна и реална критика. Многу теории, пред да влезат во проверениот состав на науката беа хипотези, а многу хипотези беа отфрлени без да станат теории, бидејќи беа побиени во второстепената постапка, наречена "научен доказ".
Сметам дека тука не е на одмет да објаснам и што е тоа логика. Според дефиниција, таа е наука за формите во кои мора да се одвиваат мисловните процеси, за да се дојде до вистинит заклучок. Уште во античко време логиката била поим кој значел исправно размислување и заклучување.
А сега следува најбитното: секое ново откритие отвора нова енигма, но за да го објаснам тоа подобро, еве малку хронологија. Кога Кеплер ја формулирал кинематиката на орбитирање на планетите во Сончевиот систем, се отвори енигмата за причината, која ги принудува планетите на орбитирање. Енигма ја разрешил Њутн со откривање на силата на гравитацијата, но со тоа се отвори нова енигма: зошто сите тела во вселената не се збијат на едно место поради нивното меѓусебно привлекување? Решението се обидел да го даде Ајнштајн со воведување во игра на антигравитациска космолошка константа, која држи рамнотежа на гравитацијата. Но, вистинското решение дојде подоцна, кога Едвин Хабл открил дека вселената не е статичка, туку дека таа експандира. Но, ете нова енигма: која е причината за експанзијата на вселената? Енигмата ја разрешува експлозија на космосот наречена Биг Бенг од пред 13,5 милијарди год., на самиот старт на простор-времето. Но, според тоа сценарио вселената започнала од точка со бесконечно голема густина и висока температура т.н. точка на сингуларитет, за која физичките закони не важат, па ете нова енигма: каде тогаш беа содржани почетните услови кои довеле до креација на вака погодена и униформна конфигурација на вселената? Тоа прашање остана отворено и денес.
Во најново време стаса и откритието дека експанзијата на вселената не е ретердациска (не забавува), како што до пред десетина години се мислеше, туку таа е акцелерациска (забрзува)! И ете нова енигма: која сила ја турка акцелерациската експанзија? Таа енигма повторно ја актуелизира Ајнштановата одбојна космолошка константа, но со изменета функција: не како рамнотежа на гравитацијата, туку како причина за акцелерациската експанзија. Физичарите го бараат решението во таинствена сила содржана во космосот, која тие ја нарекле темна енергија, но од каде таа доаѓа науката сè уште нема одговор. Постојат и други крупни енигми пред науката, помеѓу кои најактуелен е проблемот на некомпатибилноста на двете клучни теории на современата физика: квантната теорија и теоријата за релативитетот, па научниците трагаат по обединувачка теорија.
Можеме да одиме и натаму со набројување на енигми, но доволно е за да се види дека сето денес познато научно знаење не дошло наеднаш, туку низ еден долг процес на постепено откривање сè нови и нови сознанија, кои како повратна спрега перманентно отворале нови енигми за решавање. Ете тој процес г. Симјановски го нарекол "исправување на грешки", но дали тоа има некаква основаност, може да се заклучи од сето досега овде изложено. За волја на вистината, постои и погрешна логика, кога мисловниот процес се движи надвор од адекватните форми, но типичен пример за тоа е токму тезата на уфолозите за "вонземно потекло на НЛО", бидејќи таа не произлезе од релевантни аргументи или логични заклучоци, туку е плод на евтин новинарски сензационализам, широко распространет во САД. Имено, не навлегувајќи во техничките и другите можности за меѓуѕвездени патувања, нималку не е логично науката, која голем дел од своите истражувања ги насочила кон откривање живот надвор од нашата планета Земја, да прикрива така сензационално откритие, како што е евентуалното откривање на вонземјани во НЛО! Некој би рекол: "крие поради безбедносни причини, за да не се создава паника", но и во тоа нема логика, кога се знае дека науката предупредува на перманентна опасност од судир со талкачки небески тела (астероиди), дури и обелоденува проекти за одбрана од нив!
Со тоа мислам дека е кажано сè, па ќе завршам со исказот на Филип Клас, автор на книгата "Летачките чинии мит на 20 век": "Убеден сум дека фотографиите на летачките чинии се 90% автентични и 10% лажни: автентичниот дел го сочинуваат планините, дрвјата, грмушките…, а лажниот дел се самите летачки чинии.

Петар Лагудин