Емитер 5/1999.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
DCD-1550AR е последниот по ранг CD плеер од горниот дом на Denon-овата CD продукција која ја сочинуваат пет CD репродуктори во опсег од раскошно опремениот транспорт DP-S1 со кој се поставени нови дигитални стандарди, преку ништо помалку возбудливо дизајнираниот интегриран плеер DCD-S1, до три слични по изглед со кои завршува гамата. DCD-1550AR како директен дериват на моделот 1650AR, е комерцијална отстапка на фирмата и плод на настојувањата производите од највисоката дигитална технологија колку што е можно повеќе да се приближат до широката корисничка публика.
Корените на Denon досегаат многу длабоко во почетокот на овој век, а стеблото израснато од нив исклучително е богато со вредни плодови.
Во најмала рака е чудно што производите од една реномирана марка, ценета меѓу овдешните љубители на квалитетната репродукција на звукот, како што е Denon, сѐ до неодамна не можеа да се видат на полиците во нашите специјализирани продавници за аудио уреди. Меѓутоа, овој пат за тоа не треба да ги обвинуваме домашните увезувачи. Причината зошто практично единствена од славните јапонски фирми сѐ до неодамна немаше застапник во Македонија е крајно нефлексибилната пазарна политика на централата и слепилото за минуциозните, но значајни разлики кои ги делат развиените пазари на запад од оние во земјите во транзиција. Но и на тоа конечно му дојде крајот. Корпорациските конгломерати, во кои заради интереси се здружени разни компании од сите краеви на земјината топка, благодарение на својата сегментирана структура денес се организирани така што овозможуваат појасен увид во состојбата на микро-пазарот и разбирање на нивните специфичности. И кога како плод на таквото размислување во Франција е воспоставена европската централа водена од млади и подвижни Европјани, Denon-овите аудио производи станаа секојдневие и во овој дел на Стариот континент.
1550AR во себе има сѐ што содржи и неговиот класно претпоставен модел, но во деминутивна форма. Всушност, 1550AR спаѓа во подобрите примери како врвната техника и технологија можат да се впрегнат во кола која сигурно води во правец на подобрување на репродукцискиот домет, но не по цена достапна само на некои одбрани. Имено, “заштедено” е на квалитетот на шасијата, на количината на D/A претворувачи, на масивноста и на диференцираноста на напојувачката секција, со што цената стана значително поприфатлива и поинтересна за оние кои со исцрпени можности на напредокот внатре во “граѓанската” средна класа, се спремни да направат чекор напред во истражувањето на можностите на дигиталниот аудио-формат.
Сосем невообичаено за CD плеери, особено за оние маспродукциски, 1550AR изваден од кутијата, сѐ уште натопен со карактеристичниот мирис на ново, на премиерата не се претстави со звук од кој првите десетина дена би требало да се бега како што ѓаволот бега од кандилото. Се разбира, не беше веднаш во состојба да ги искаже своите вистински можности, ни да го предочи својот конечен звучен карактер, но голем дел од звукот што се разлеа по собата беше подлога за ставање цврсто уверување дека тука нема нешто многу да се промени. Бидејќи уште од почетокот бројни елементи на музичката репродукција звучеа значително подобро отколку што очекував од уред од таа класа на цена.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 5/1999. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.