Во саботата најновиот салон за аудио опрема во Македонија – Слушална, сместен во деловниот центар Алуминка, ги отвори ширум вратите за сите намерници чијашто ултимативна цел е врвното аудиофилско искуство. Понудата за промотивно бесплатно аудио ‘семплирање’ на дел од уредите од понудата од брендот Rega, беше повеќе од примамлива па секако не ја пропуштивме можноста да видиме, пардон, да слушнеме за што се работи.
Британскиот аудио бренд Rega Research е препознатлив по филозофијата дека добриот звук не мора да доаѓа од претерано комплицирани или прескапи уреди. Од нејзиното основање во далечната 1973 година до денес, компанијата со седиште во Саутенд-на-Море (Southend-on-Sea) изгради завидна репутација помеѓу љубителите на аналогниот звук, а најголеми ‘ѕвезди’ во понудата на Rega се токму нивните грамофони.
Mоделите како Rega Planar 1, Rega Planar 2, Rega Planar 3 и Rega Planar 6, кои со својот минималистички дизајн и аналогна прецизност се сметаат за референтни уреди во своите ценовни класи, сега се достапни и во Македонија преку застапникот Слушална. Покрај грамофоните, понудата на Rega вклучува и засилувачи, CD плеери, звучници и фоно-предзасилувачи од кои најпознати се интегрираниот засилувач Rega Brio, CD плеерот Rega Apollo и high-end моделите од серијата Aethos и Osiris, наменети за посериозни аудиофили.


Репродукцијата на звукот од Rega Planar 6 одеше преку Vintage Classic VII SM поддржани со SuperTrax
Почестени бевме со можноста да го слушнеме репродукцискиот опсег на винилската перфекција на Rega Planar 6 (P6), поддржана од засилувачот исто така од понудата на Rega и звучниците од Fyne Audio.
Серијата Planar речиси редовно се појавува на листите за најдобри грамофони во светот во својата класа, нудејќи одличен баланс меѓу цената, едноставноста и аудиофилскиот квалитет, во што се уверивме на лице место. Звукот беше богат и репродукциски јасен – природен и динамичен, со поддршка што овозможи речиси амбиентално доживување на перформансот запишан во снимката.
Па не залудно и британскиот What Hi-Fi? со години им доделува награди на овие грамофони и засилувачи, при што неколку модели од понудата на Рега ја добија етикетата Производ на годината (Product of the Year).


Дел од атмосферата во салонот
Репродукцијата на звукот одеше преку два сета звучници од Fyne Audio – F703 и Vintage Classic VII SM поддржани со SuperTrax (360º супер твитер), од коишто имавме можност да слушнеме како го пренесуваат аналогниот звук но и како звучат при пренос на дигитализиран звучен запис.
Сѐ на сѐ одлично искуство и го препорачуваме. Од Слушална нѐ информираа дека настанот бил полн погодок – посетеноста на презентацијата мошне добра и успешна. Па, затоа ветуваат дека вакви промотивни прилики ќе се организираат и понатаму.
За повеќе информации за производите од Rega и Fyne Audio, како и следните вакви промотивни настани ве упатуваме да се информирате во slusalna.mk и, секако, преку Емитер ;-)