Рубрика: Уводник
Крај или нов почеток за ЕМИТЕР?
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2000.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Пред 5 години, некаде во овој период во завршна фаза беше подготовката на првиот број на ЕМИТЕР. Тогаш исполнет со ентузијазам и оптимизам, поддржан од неколкумина блиски пријатели и соработници ја претставив концепцијата и плановите за развој на новото списание во македонскиот информативен простор, прво списание од областа на електрониката и сродните дисциплини. Денес 5 години подоцна пред вас е педесет и вториот број на ЕМИТЕР, број за кој постои голема веројатност да го понесе неславниот епитет последен. Но пред да ги изложам причините кои доведоа до оваа ситуација, накратко да ве потсетам што постигнавме во петгодишното постоење на ЕМИТЕР.

Издадовме 52 броја од списанието во вкупен обем од 2568 страници А4 формат (што одговараат на книга од околу 5000 страници) исполнети со најразлични содржини од сите области на електрониката. Квалитетот на повеќето написи беше на високо ниво, но за жал, некои области од електрониката не беа доволно застапени, пред сè заради немање соработници кои се специјалисти во тие области. Издадовме и една книга - "Обработка на аудио сигналот" од Миле Серафимовски и две брошури - "Операциски засилувачи" од Горан Џамбазов и "Windows 95" од Елица Перчинкова. Растежот на ЕМИТЕР како во поглед на обемот и техничкиот квалитет така и во поглед на содржинскиот квалитет на објавените написи беше повеќе од евидентен. Сето ова им е добро познато на сите редовни читатели. Меѓутоа, тој растеж на ЕМИТЕР во обем и квалитет за жал не беше проследен и со соодветен пораст на приходите. Лошата финансиска состојба на ЕМИТЕР главно се должи на следните фактори:

- малиот тираж кој главно е резултат на малиот пазар, ниското ниво на техничка култура и тесната област на која се базира концепцијата на списанието;

- малиот број на спонзори и огласувачи што се должи на тоа што во Македонија има малку фирми чија дејност е од сферата на електрониката, нивната финансиска состојба е лоша, а многумина од оние што добро стојат мислат дека нив реклама не им е потребна, барем не во ЕМИТЕР;

- никаква финансиска помош од државата, иако ЕМИТЕР остварува значајна едукативна и развојна функција.

Нема потреба да напоменам дека по неколку пати сме се обратиле до неколку министрества (за наука, образование, култура, информации, развој...) и секогаш сме биле одбиени. Единствена помош што ЕМИТЕР ја има добиено е од Институтот Отворено Општество на Македонија кој во текот на 1995 и 1996 година покриваше дел од печатарските трошоци. Поради тоа, и после 5 години постоење ЕМИТЕР остана фирма без ниту еден вработен во неа, сместена во 8 квадратни метри од една стара куќа. Ваквата материјална состојба генерираше низа проблеми во работата:

- неможност да се реализира планираната концепција;

- неможност да се вработат потребните кадри и така да се постигне и да се обезбеди квалитет во работењето;

- ниски хонорари за соработниците кои делуваат одбивачки кај оние со помал ентузијазам;

- голема оптовареност со работа на малата техничка екипа (моја, на техничкиот уредник, одговорниот за маркетинг и секретарка).

За да обезбедиме редовно излегување на списанието и негов квалитет бевме принудени да работиме по 28 дена месечно, често пати и по 12 до 16 часа. Сето ова уште пред 2-3 години јасно укажуваше дека ЕМИТЕР во овие услови не може да опстои на пазарен принцип, но мојот ентузијазам и ентузијазмот на неколкумина најблиски соработници ме одвраќаше од одлуката да се престане со издавање на списанието. Меѓутоа денес после илјадници работни саати, илјадници непроспиени ноќи, многу нервози и многу откажувања од разни ситни и крупни работи што го прават животот убав, таквата одлука изгледа е неизбежна. Од друга страна, заради многу други причини би сакал ЕМИТЕР да продолжи да излегува, како што верувам би сакале и сите читатели. Каква и да било одлука во врска со ЕМИТЕР ќе биде правилна само ако е резултат на една подлабока анализа. Токму поради тоа следните неколку месеци ЕМИТЕР нема да излегува со намера таа пауза да ја искористиме за што пореално согледување на сегашните состојби и перспективите за натамошно излегување на списанието. Гледано од оваа точка постојат само две солуции - едната е да се прекине издавањето на списанието, а другата е да се прошири неговата концепција со надеж дека тоа ќе донесе повеќе читатели и повеќе спонзори. Анализите и активностите што ќе ги спроведеме во текот на следните месеци ќе го дадат одговорот на оваа дилема. Со надеж дека есента ќе ни донесе нешто добро, срдечно ве поздравувам.

Главен уредник

Слободан Таневски

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2000. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.