Емитер 11/2003.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Телескопот можеби е најзначајниот пронајдок за човештвото, после огнот и тркалото. Луѓето отсекогаш мечтаеле да имаат некаков уред со кој ќе можат да ги гледаат далечните објекти како да се блиску пред нив, но поминало долго време додека тој сон не се остварил – дури во 1608 година холанѓанецот ханс липерхе го конструирал првиот телескоп. Додека сите останати луѓе од тоа време го дочекале телескопот како една занимлива играчка која служи за ѕиркање во прозорците на оддалечените куќи и откривање на разни скокотливи, но приземни тајни, големиот галилео галилеј во 1609 година го насочил телескопот високо горе кон небото и ја открил најскриената и најголемата тајна на природата: величествената вселена. Адам и Ева го вкусиле јаболкото на спознанието и биле избркани од рајот. Галилео Галилеј преку телескопот ја вкусил вселената и на луѓето им ја отворил вратата од рајот на спознанието.
Првиот теоретски, но совршено точен опис на конструкцијата на телескопот го дал Роџер Бејкон (Roger Bacon, 1214-1294) во своето дело Opus Maius (1268 год.): “Можеме да обликуваме транспарентни тела и да ги поставиме на таков начин во однос на нашиот поглед и на објектот кој се набљудува, што зраците ќе се свиткаат во која насока сакаме, и под кој агол сакаме, па ќе можеме да гледаме објекти блиски и далечни. Така, ќе можеме од огромна далечина да читаме најмали букви ... Ќе можеме да направиме Сонцето, Месечината и ѕвездите да ни изгледаат како спуштени овде долу...”. За жал, Роџер Бејкон не можел во пракса да го оствари ова свое размислување – технологијата на изработка на стаклени леќи во тоа време не била на потребното ниво, иако леќите веќе почнале пошироко да се користат за очила.
Италијанецот Џамбатиста дела Порта (Giambattista della Porta, 1535-1615) во своето дело Magia Naturalis издадено во 1558 год. вели: “Ако направите две стакла (конвексно и конкавно) и ако знаете како исправно да ги поставите, ќе видите и далечни и блиски објекти поголеми отколку што инаку се, и многу појасни”. По сѐ изгледа дека Џамбатиста дела Порта прв успеал да направи телескоп, но тоа не оставило некој поголем ефект ниту на него, ниту на читателите на неговата Magia Naturalis.
Леонард Диџис (Leonard Digges) во своето дело Pantometria (1571 год.) пишува: “Чудесни работи можат да се направат со конкавни и конвексни стакла, со кружна или параболична форма ...”, после кое следува опис на зголемувањето кое се добива со леќи или огледала. Неговиот син Томас Диџис (Thomas Digges) во делото Stratioticus (1579 год.) пишува дека Леонард, со помош на манускрипт напишан од Роџер Бејкон, “пронашол метод со леќи, правилно поставени, со кои се гледаат сите далечни објекти од околината..”.
Двата зачувани телескопи од Галилео Галилеј
Вистинското раѓање на телескопот се случило во 1608 година, во Холандија. Во речиси исто време, тројца пронаоѓачи истапиле со тврдење дека го откриле телескопот: Ханс Липерхе (Hans Lipperhey) и Захарија Јансен (Zacharias Jansen), оптичари од Миделбург (Middelburg), и Јакоб Адрианзон (Jacob Andrianzoon) од Алкмар (Alkmaar). Како и да е, фактите со кои располага историјата се следниве: на 2 октомври 1608 година Собранието на Холандија ја разгледувало патентната пријава од Ханс Липерхе, роден во Весел (Wesel), кој на 25 септември 1608 пријавил пронајдок: инструмент со кој може да се гледа на далечина. Оригиналниот документ е сочуван во Државниот архив во Хаг и од потписот на патентната пријава може убаво да се види дека презимето е Липерхе (Lipperhey), а не Липерше (Lippershey)! На 6 октомври 1608 Собранието одлучило на Липерхе да му се дадат 900 форинти (монети) за да го изработи неговиот инструмент и да го презентира пред Собранието. На 17 октомври 1608 Јакоб Андрианзон (кој Декарт го нарекува со презимето Метиус) исто така поднел патентна пријава до Државниот правен одбор. Некаде во тоа време Захарија Јансен го нудел својот телескоп на продажба на Саемот во Франкфурт (тој не поднел пријава за патент). На 15 декември 1608 Собранието го испитало изработениот инструмент од Липерхе и, задоволно од резулататите, му нарачало да направи уште два такви инструменти – за кои му дало уште 1.800 форинти, но не му доделило на Ханс Липерхе ексклузивни права за пронајдокот, бидејќи веќе повеќемина знаеле како да го направат тој инструмент. Тие први телескопи имале зголемување од само 3 пати.
Првиот телескопот што го користел Галилео Галилеј (1564-1642) не му бил донесен од Холандија, туку самиот тој го направил во јули 1609, според описот кој дошол до него. Тој направил повеќе од 60 телескопи, од кои два се сочувани (еден со дијаметар на објективот од 27 mm и зголемување од 14 пати и еден со објектив од 52 mm и зголемување од 22 пати)
Во текстот "Телескопи – историјат и видови" од минатиот број на ЕМИТЕР, се поткрадна една грешка: на страница 14, во третата колона, втор ред, испуштен е еден дел од реченицата – со што битно се менува смисолот. Наместо "Флинт стаклото има поголем индекс на рефракција (посилно ја прекршува светлината) и со тоа ја коригира хроматската аберација на краун стаклото.", реченицата треба да гласи: "Флинт стаклото има поголем индекс на рефракција (посилно ја прекршува светлината), но всушност единствено важно е што тоа има поголема дисперзија (посилно ја распрснува светлината) и со тоа ја коригира хроматската аберација на краун стаклото."
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2003. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.