Новиот соларен телескоп во Хаваи ја направи својата прва фотографија и прв видеозапис од Сонцето. Снимките ја откриваат нашата матична ѕвезда со досега највисока резолуција, покажувајќи детали од површината со големина од 30 километри.
Сончевиот телескоп Дениел К. Иноје (Daniel K. Inouye) е сместен на падините на вулканот Халеакала на островот Мауи. Дијаметарот на неговото примарно огледало изнесува 4 метри, што го прави најголем сончев телескоп на Земјата, овозможувајќи фаќање на извонредно ситни детали од Сонцето. Научниците очекуваат дека напредните инструменти и високата резолуција на овој телескоп ќе им овозможат подобро разбирање на преостанатите мистерии врзани за нашето Сонце.
Зрнестата структура, прикажана на првата слика направена од телескопот, се должи на ќелиите од плазма на површината на Сонцето. Врелата плазма од вратрешноста се пробива на површината каде се лади и одново пропаѓа кон внатрешноста, процес познат како конвекција, слично како вриењето на водата во некој сад.
Поврелите делови каде плазмата “извира” од внатрешноста се најсветлите делови на фотографијата, додека местата каде изладениот материјал тоне кон внатрешноста се видно потемни. Грубо пресметано, секое од зрната од фотографијата зафаќа површина нешто поголема од Франција.
Ова движење на плазмата е поврзано со некои од преостанатите нерешени мистерии за нашето Сонце. Со оглед на тоа што плазмата е наелектризирана, нејзиното движење може да создава магнетни полиња. Магнетните полиња на Сонцето се главниот двигател на голем број од неговите најдинамични појави, како што се сончевите бури, на пример, коишто можат да ја нарушат работата на сателитите во наша орбита, но и на енергетските мрежни системи на Земјата.
Можноста за набљудување на магнетните полиње на Сонцето и разбирањето на овој процес би можело да им помогне на научниците да го предвидат формирањето на потенцијално опасните сончеви бури. Голем дел од инструментите на телескопот се наменети за изучување на магнетните полиња, па со нив можат да се измерат и другите својства, освен бојата на светлината и сјајот, коишто во себе носат информации за магнетните сили во атмосферата на Сонцето. Покрај ова, можноста на овој телескоп да сними досега најситни детали од површината на Сонцето би придонела научниците да ги тестираат некои од нивните теориии во врска со сончевите процеси, нешто што претходните набљудувања не го овозможуваа.