Рубрика: Архитектура и градежништво
Композитни системи за надворешна топлинска изолација (1)
Автор: Петар Николовски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/2010.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Композитните системи за надворешна топлинска изолација (КСиНТИ) се состојат од повеќе поединечни материјали - компоненти, кои меѓусебно се компатибилни, што се докажува со институтски извештаи. Во Македонија, со мали исклучоци, масовно се применуваат "квази-системи" со произволна комбинација на материјали од различни производители, без тие да бидат испитани во системот и за тоа да биде издаден соодветен атест. Како последица на ова, на ваквите фасади се јавуваат градежни штети и тие имаат краток век на траење.

Во изминатите броеви на ЕМИТЕР детално ги опишавме разликите помеѓу топлинската изолација поставена однадвор, во средина, одвнатре и низ целата дебелина на ѕидовите и констатиравме дека предностите на надворешната изолација се апсолутно доминантни над останатите случаи. Во принцип, постојат два начина за изведба на фасадна топлинска изолација од надворешна страна.
Првиот е т.н. "вентилирана фасада" или "обесена фасада", каде што материјалот за топлинска изолација механички е прицврстен за ѕидната конструкција, а преку ваквата континуирана изолација се поставува завршна фасадна облога на одредена оддалеченост од неа, со што меѓу нив се формира воздушен слој. На најниската кота на фасадната облога, преку рамномерно распоредени отвори, се овозможува влез на надворешниот воздух во просторот помеѓу изолацијата и облогата, а низ отвори на највисоката кота на облогата, излез на тој воздух во атмосферата. Ова природно гравитациско вентилирање има многу позитивни ефекти и во зима и во лето. Во зима, при дифузија на водената пареа од внатрешноста, пареата наидува на овој вентилиран воздушен слој и без задржување излегува во атмосферата. Во лето, фасадната облога претставува чадор кој фрла сенка врз ѕидната конструкција и со истовремено вентилирање значително го намалува загревањето на ѕидот. Вкупната површина на отворите во фасадната облога за влез и за излез на воздухот, како и дебелината на вентилираниот воздушен слој, се димензионираат во зависност од височината на воздушниот столб, односно од височината на фасадата.
При вториот начин на изведба на надворешна фасадна изолација, изолацискиот материјал однадвор се лепи врз основната ѕидна конструкција и преку него, на лице место, по мокра постапка, се нанесува повеќеслојна заштита на изолацијата. Вакви системи порано беа познати под името надворешна контактна фасадна топлинска изолација, но од 2002 година, со појавување на европските стандарди, усвоен е називот композитни системи за надворешна топлинска изолација (External Thermal Insulation Composite Systems, или скратеноо - ETICS). Аналогно на тоа, и според праксата во другите земји, македонската кратенка треба да биде КСиНТИ, којашто, како ваква ќе биде употребувана во наредните текстови во ЕМИТЕР.

Детаљ од КСиНТИ

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.