Рубрика: Астрономија и астронаутика
Втор обид на НАСА за лансирање на Артемида 1
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.09.2022 - 12:15

SLS ракетата и капсулата Орион на лансирната платформа во Кенеди центарот на НАСА во Флорида

Откако поради повеќе технички проблеми лансирањето закажано за 29 август беше откажано, од НАСА уверуваат дека сите потребни поправки се направени и  вториот обид за лансирање треба да биде успешен. Лансирањето е закажано за денес во 20 часот по македонско време, а времето за вклучување во директниот пренос е два часа порано.

Процесот на лансирање на 29 август беше прекинат поради неколку околности и дефекти меѓу кои: малите временски одлагања и паузи поради молњи што придонесоа за доцнење на полнењето на горивото, потоа слабиот проток на водород и проблем со вентилот. Но, како главна причина беше посочен проблемот со еден од главните мотори на ракетата, којшто не се ладеше како што треба и не можеше да ја постигне температурата потребна за лансирање. На крај се покажа дека и ако сиве овие проблеми беа решени, промената на временските услови за време на прозорецот за лансирање значеше дека ризикот сепак е преголем и целиот процес беше презакажан.

Мисијата Артемида 1 треба да биде прво лансирање за “месечевата мега ракета “ на НАСА, најмоќната ракета досега. SLS ракета во себе инкорпорира нова технологија и погонски системи коишто се наследени од ерата на вселенскиот шатл. Нејзината употреба е еднократна, па лансирањето и текот на секоја од мисиите Артемида (Artemis), барем на почетокот, ќе чини околу 4 милијарди американски долари.

Моторите од SLS ракетата всушност се пренаменети мотори од спејс-шатл (извор: НАСА)

Зошто се враќаме на Месечината? Сме биле таму, нели? Нашето разбирање за Месечината денес е многу поразлично од она до ерата на мисиите Аполо. Некогаш се мислеше дека е таа претставува неизмерно сув, пистински свет, но последниве две декади научниците открија дека Месечината има огромни наслаги на воден мраз, особено на јужниот пол, во близина на локацијата на којашто е планирано слетувањето на Артемида 3. Таму, водениот мраз се акумулирал со милијарди години од различни извори, и се одржува стабилен во трајно засенчените региони.

Имајќи предвид дека работ на некои од кратерите во поларниот регион се постојано изложени на сончева светлина, оваа локација е идентификувана како совршена комбинација што ќе овозможи добивање енергија од соларни панели, но и вода за пиење, за производство на кислород и водород за ракетно гориво, за астронаутите од идните мисии. Овие мисии треба да овозможат трајно присуство на човекот на Месечината, присуство во коешто астронаутите ќе учат како да преживеат, опстојат и напредуваат во средина со многу радијација, огромни температурни разлики, сеприсутна ситна прашина и каде ќе се обучуваат за живот на Марс.

Некои научници сметаат дека хабитатот на астронаутите треба да биде сместен во јами од лунарната лава, коишто ќе пружат заштита за многу од овие опасности. Ова би претставувало враќање на високата технологија кон корените на нашиот вид – животот во пештери, во коишто ќе се планира освојувањето на Црвената планета, потпомогнато од ресурсите на лунарниот мраз што би се преточил во кислород за екипажот и во потребното ракетно гориво за овие долготрајни мисии.

'Екипажот' на мисијата Артемида 1 вклучува една 'машка' кукла со сензори (од НАСА) и две делумно 'женски' кукли (од ЕСА). Куклите од Европската вселенска агенција се наменети за проучување на влијанијата на зрачењето, особено имајќи предвид дека изложеноста на радијација ги зголемува ризиците за развој на рак на дојката и рак на јајниците (извор: NASA)

Но, целите за враќање на Mесечината не се само практични, туки и научни. Водата на Месечината може да пружи одговори за минатото на нашиот Сончев систем, а површината на нашиот сателит нуди единствени услови за истражувачка работа. Така, на пример, далечната страна на Месечината се смета дека би била совршена за поставување инструменти за радиоастрономски набљудувања.

НАСА не е осамена со своите планови за враќање на Месечината. повеќе приватни компании испраќаат сопствени роботски мисии на нејзината површина, а недоамна Русија и Кина најавија соработка за воспоставување на заедничка база и вселенска станица на Месечината (за ова во некоја наредна статија).

Многумина веруваат дека мисиите Артемида може да бидат зачеток за остварувањето на нашите амбиции да станеме мултипланетарен вид, но и дека истовремено ќе донесат низа благодети за нашата матична планета со поттик на низа иновации и развој на нови технологии, како што тоа го направија мисиите Аполо.

Денешното лансирање може да се проследите директно на јутјуб каналот на НАСА (NASA TV), или останете на сајтот на ЕМИТЕР – вклучете се час-два порано од закажаниот термин (20 часот) и следете го преносот во живо на видеолинкот даден во прозорецот подолу

Повеќе за мисијата Артемида на порталот на ЕМИТЕР може да најдете тука, тука, тука, тука и тука

 

Најнови информации: По проблемите што настанаа поради протекување на горивото НАСА го откажа и вториот обид за лансирање. Информации со повеќе детали се најавени за подоцна

Клучни зборови:
SLS ракетата и капсулата Орион на лансирната платформа во Кенеди центарот на НАСА во Флорида

SLS ракетата и капсулата Орион на лансирната платформа во Кенеди центарот на НАСА во Флорида (извор: НАСА)

Моторите од SLS ракетата всушност се пренаменети мотори од спејс-шатл

Моторите од SLS ракетата всушност се пренаменети мотори од спејс-шатл (извор: НАСА)

Екипажот' на мисијата Артемида 1 вклучува една 'машка' кукла со сензори (од НАСА) и две делумно 'женски' кукли (од ЕСА).

'Екипажот' на мисијата Артемида 1 вклучува една 'машка' кукла со сензори (од НАСА) и две делумно 'женски' кукли (од ЕСА). Куклите од Европската вселенска агенција се наменети за проучување на влијанијата на зрачењето, особено имајќи предвид дека изложеноста на радијација ги зголемува ризиците за развој на рак на дојката и рак на јајниците (извор: NASA)