Рубрика: На граница на науката
Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (3)
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 11.07.2021 - 21:30

Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој трет дел од серијата зборуваме за темата: „Дали ракетите и сателитите можат да ја преживеат термосферата“?

Стотина луѓе го следат во живо лансирањето на Аполо 11 на местото на настанот

3. Дали ракетите и сателитите можат да ја преживеат термосферата?

Темата за термосферата и „неможноста“ за патувањето низ неа во вселената не сум ја сретнал претходно кај странските извори на глупави теории на заговор. Ја најдов тука кај нас, во коментарите на фејсбук страницата на ЕМИТЕР. Со оглед на пасивноста и неинвентивноста на повеќето Фејсбук корисници во Македонија, сепак мислам дека таа идеја оригинално потекнува од бившојугословенските простори, па со copy-paste и со отсуство на какво било критичко размислување од домашните корисници на Фејсбук, била увезена тука кај нас. Уште повеќе, убеден сум дека во Македонија никогаш не се родила некоја оригинална идеја од областа на теориите на заговор – не нè бидува дури ни за тоа! Но таа пасивност и отсуство на логичко размислување е општа одлика на 99,999 % од корисниците на Фејсбук низ светот. Истражувањата покажале дека вистинските автори на сите можни глупави теории на заговор и лажни вести се само неколку десетина луѓе на број (во светски рамки!), а сите останати познати Фејсбук и YouTube канали само ги шират нивните (не)дела, како втор чекор. Најштетното и најмасовно ширење (по експоненцијален закон!) се случува во третиот чекор, кога наивните Фејсбук корисници меѓусебно ги споделуваат и лајкнуваат тие глупости. Несвесните робови бесплатно ја вршат сета голема и нечиста работа!

Во што е наводниот проблем со термосферата? Теоријата на заговор вели дека во термосферата владеат температури од 2000 ºC, а на таа температура ниту еден познат материјал не може да ги издржи физичките напрегања на кои се изложени ракетите и сателитите – тие веднаш би се распаднале. А особено не може да ги издржи алуминиумот (и неговите легури), кој е главен конструктивен материјал за градба на ракетите и сателитите. Така што, ако ракетата не може да ја пројде термосферата, нема да може да пројде понатаму, до Месечината! За разлика од повеќето други теории на заговор, оваа започнува со еден точен и неспорен факт – дека температурата во термосферата се движи од 500 до 2500 ºC (средната вредност нека биде 2000 ºC), што навистина е многу висока вредност. Но тука мозоците на повеќето Фејсбук корисници веднаш „се исклучуваат од работа“, хипнотичко фиксирајќи се само на бројката од 2000 ºC. Но тука во игра се и некои други, многу (по)важни фактори – на кои овие наивни Фејсбук корисници не им обрнуваат должно внимание!

Слика 1: Атмосферските слоеви.

Да разгледаме подетално што се случува во атмосферата на Земјата. На сликата 1 е даден шематизиран пресек на земјината атмосфера, која е составена од повеќе слоеви. Единствена заедничка особина на атмосферските слоеви е што со покачувањето на висината опаѓа густината и притисокот на составните гасови. Во најнискиот слој е тропосферата, кој почнува од површината на океаните (а некаде и малку пониско) и се протега до средна височина од 12 km (7 km над половите, 20 km над екваторот). Во тропосферата се случуваат сите климатски манифестации (облаци со врнежи) и комерцијалните авионски летови. Со покачувањето на височината опаѓа температурата, сè до -55 ºC. Над тропосферата е стратосферата, до височина од 50 km – во неа можат да летаат воените извидувачки авиони и метереолошките и останатите истражувачки балони. Во стратосферата се случува повторно покачување на температурата, сè до 0 ºC, под дејство на апсорбираната ултравиолетова сончева енергија која предизвикува раскинување (фотолиза) на молекуларната врска на кислородот О2 и негово претворање во два атома кислород О. Атомскиот кислород О многу ефикасно го апсорбира сончевото ултравиолетово зрачење во опсегот од 100 – 200 nm бранова должина. Притоа апсорбираната сончева енергија ја загрева стратосферата, особено во нејзините повисоки слоеви. Поради својата висока реактивност атомскиот кислород лесно стапува во врска со молекулот на кислородот О2, творејќи ново соединение О3, наречено озон. При тоа формирање на озонот се ослободува термичка енергија, која повторно дополнително ја загрева стратосферата. Озонот во голем дел го апсорбира сончевото ултравиолетово зрачење во опсегот од 200 – 280 nm бранова должина, распаѓајќи се на еден молекул О2 и еден атом О, при што повторно се ослободува термичка енергија и циклусот пак почнува од почеток. Озонскиот слој е важен дел од стратосферата, кој го штити го живиот свет на Земјата.

Слика 2: Зависност на температурата во однос на височината. 

Ако се прашувате врз основа на што е извршена поделбата на атмосферските слоеви, погледнете ја сликата 2 – на неа е даден дијаграмот на промената на температурата во однос на височината. Гледаме дека постојат нагли инверзни промени во трендот на опаѓањето или порастот на температурата – токму таму се поставени границите на атмосферските слоеви. Строго поставените граници на термичките промени се диктирани од сложени хемиско-физички процеси во атмосферата, како што видовме кај примерот со стратосферата. Независно од тие температурни промени, со искачување во висината континуирано и експоненцијално опаѓа густината на атмосферските гасови и нивниот притисок. Атмосферскиот притисок (густината на гасовите), на височина од 50 km е 1200 пати помал од оној на морското ниво (1 бар)! Тоа е практично вакуум, со „притисок“ од само 0,00083 бари (0,83 милибари), кој во техниката се нарекува „среден вакуум“, односно „фин вакуум“.

Над стратосферата, од 50 до 85 km се протега мезосферата, каде составот на гасовите практично е идентичен со оној што го дишеме во тропосферата: 78% азот, 21% кислород, 0,9% аргон и 0,04% CO2, сметано волуменски. Температурата во мезосферата континуирано опаѓа со височината и на 85 km ја досегнува најниската вредност од -90 ºC. Амосферскиот притисокот на таа височина е само 0,01 милибар – тоа е точно во средината на опсегот на т.н. „висок вакуум“, кој лабораториски може да се постигне само со специјални вакуум пумпи.


 

Слика 3: Тенките линии се температурите во термосферата при слаба активност на Сонцето, полните линии се при силна активност. Јонизираните атоми (црвена боја) имаат поголема апсорбирана енергија и следствено на тоа и поголема температура.

 

Над мезосферата, од 85 до 700 km (всушност, од 500 до 1000 km во зависност од активноста на Сонцето) се протега термосферата, каде настанува нагла промена на составот на гасовите во неа (под дејство на сончевото зрачење) и континуирано покачување на температурата сè до огромните 2000 ºC на височина од 700 km – слика 3. Густината на гасовите во термосферата на 200 km височина (слика 4) е само 10–10 kg/m3 (на морско ниво е 1,225 kg/m3), такашто таму притисокот е во рангот на т.н. „ултрависок вакуум“ – нешто што е постигнато само во неколку светски истражувачки центри. Во термосферата се одвива апсорпција на сончевото X и UV зрачење, што доведува до голема апсорбирана енергија и брзо движење на атомите од таму присутните гасови. А брзото движење на атомите и молекулите по дефиниција е температура. Дали тоа значи дека ако ја измериме температурата на тело (сателит) кое орбитира околу Земјата на височина меѓу 200 и 700 km, термометарот ќе покаже 2000 ºC? Не, туку термометарот ќе покаже меѓу – 10 и +30 ºC!!! Речиси целата енергија што ја прима сателитот доаѓа од директното сончево инфрацрвено зрачење кое паѓа на осветлената страна од сателитот, додека дисипацијата на таа енергија се одвива на страната на сателитот што е во сенка – еквилибриумот е приближно меѓу -10 и +30 ºC, во зависност од коефициентот на апсорпција на употребените материјали (бојата е важен параметар). Во Интернационалната вселенска станица (ISS – International Space Station), која орбитира среде термосферата на височина од 420 km, со постојан човечки екипаж, внатрешната температура е 22 ºC.

 

Слика 4: Густина на гасовите во атмосферата во зависност од височината.

 

Зошто реално измерената температура на сателитот е толку ниска, во споредба со оние 2000 ºC на гасовите во термосферата? Затоа што густината на гасовите во термосферата е екстремно мала, па тие не можат да предадат на сателитот (ракетата) некоја мерлива количина енергија која би можела да ја зголеми температурата на сателитот. Но зошто „верниците“ во теориите на заговори не ја сфатиле неопходната врска меѓу брзината на молекулите (т.е. „температурата“) на медиумот и потребната густина на тој медиум – за да може ефикасно да се предаде таа енергија на некое друго тело? Затоа што тие „верници“ се типичен производ на неквалитетното школско образование кое се задоволува со папагалско повторување на бројките и фактите, без ни малку да се обрне внимание на логичкото размислување и поврзувањето на различните факти во една заедничка целина. Така, тие „верници“ добро запомниле дека температурата во термосферата е 2000 ºC и дека густината таму е речиси чист вакуум, но тие не се способни да ги поврзат тие две работи! Затоа, не треба да изненадуваат глупавите изјави на тие „верници“ дека ракетата не може да пројде низ термосферата, бидејќи материјалот од кој е изработена ракетата ќе се стопи на тие 2000 ºC. Но не е само тоа, кај тие „верници“ се појавува и еден интересен психолошки феномен, наречен когнитивна дисонанца. Тие „верници“ се едноставно слепи и глуви на сè она што може да ја сруши нивната верба – тие не сакаат да го прифатат фактот дека досега се лансирале неброено многу ракети, дека постојат огромен број сателити кои со години орбитираат токму во термосферата (ISS орбитира веќе 22 години и лесно може да се види со аматерски телескоп!), дека сателитските ТВ канали што со задоволство ги гледаат доаѓаат од комуникациски сателити лансирани со ракети што морале да пројдат низ термосферата, итн. Уште кога од тие „верници“ неизоставно ќе еруптира Данинг-Кругеровиот ефект (појава некој да е убеден дека е „Ајнштајн“ а всушност е далеку под просекот), како краен производ се добиваат нивни арогантни коментари на Фејсбук (што ги прочитавме), во кои се трудат да докажат дека се „освестено“ малцинство кое блика од „знаење“, кое е недостапно на останата раја која „слепо верува“ на науката.
Дали има некој начин сепак да им се докаже на тие „верници“ дека грешат? Има, ги предизвикувам да направиме еден заеднички експеримент: под надзор на „верникот“ прво јас ќе одам во некоја „финска“ сауна на третман. Третманот во финската сауна, според универзално прифатената пракса, се извршува на температура од 80 до 90 ºC, во траење од 10 минути. Потоа, релаксиран од сауната, ќе го предизвикам „верникот“ да ги брцне рацете во тенџере врела вода загреана на 80 ºC, исто во траење од 10 минути. Па со истите тие сварени раце нека се обиде да напише еден Фејсбук коментар дали сè уште верува дека ракета не може да ја мине „врелата“ термосфера и дека не е важно што во термосферата владее практично чист вакуум. Поентата е дека водата својата енергија (температура од 80 ºC) многу поефиксно ќе ја предаде на изложеното тело (рацете), бидејќи има многу поголема густина во однос на воздухот (од финската сауна, исто на 80 ºC) – иако тој однос не е ни приближно толку голем како меѓу густината на гасовите во тропосферата во однос на термосферата.

Линкови со дополнителни информации:

https://angeo.copernicus.org/articles/39/189/2021/

https://amentum.space/

https://en.wikipedia.org/wiki/NRLMSISE-00

 

Повеќе за мисијата Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.

Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid02uYAT8JvXzr2nSCh2qUz...

Клучни зборови:
Слика 1: Атмосферските слоеви.

Слика 1: Атмосферските слоеви.

Слика 2: Зависност на температурата во однос на височината.

Слика 2: Зависност на температурата во однос на височината. 

Слика 3: Тенките линии се температурите во термосферата при слаба активност на Сонцето, полните линии се при силна активност. Јонизираните атоми (црвена боја) имаат поголема апсорбирана енергија и следствено на тоа и поголема температура.

Слика 3: Тенките линии се температурите во термосферата при слаба активност на Сонцето, полните линии се при силна активност. Јонизираните атоми (црвена боја) имаат поголема апсорбирана енергија и следствено на тоа и поголема температура.

Слика 4: Густина на гасовите во атмосферата во зависност од височината.

Слика 4: Густина на гасовите во атмосферата во зависност од височината.

Стотина луѓе го следат во живо лансирањето на Аполо 11 на местото на настанот

Стотина луѓе го следат во живо лансирањето на Аполо 11 на местото на настанот