Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15/16 февруари 2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.02.2020 - 13:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

15.2.1934 – Роден е Никлаус Вирт

Никлаус Вирт (Niklaus Emil Wirth) е творецот на програмскиот јазик PASCAL, кој на почетокот служеше во едукативни цели. Неговиот следен проект беше Оберон – комбинација на програмски јазик и оперативен систем за работните машини (workstations). CADtools, наменет за хардверски дизајн. Имаше за цел да го премости јазот меѓу софтверот и хардверот.

Роден е во Швајцарија. По завршувањето на факултетот магистрираше на Универзитетот Лавал во Канада во 1960, а докторираше на Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД, во 1963 година. Од 1963 до 1967 година предаваше на Универзитетот Стенфорд, а од 1967 до 1975 беше професор по компјутерски науки на Универзитетот во Цирих, Швајцарија. Од 1975 до 1999 година, Вирт беше професор по компјутерски науки на Федералниот институт за технологија, Цирих. Добитник е на наградите ACM's A.M. Turing Award и на IEEE Computer Society's Computer Pioneer Award. (З. И.)

 

15.02.1858 – Роден е Вилијам Пикеринг

Роден е американскиот астроном Вилјам Пикеринг (William Henry Pickering), најпознат по откритието на Сатурновата месечина Феба (деветта по ред) која била прва дотогаш откриена месечина со ретроградно движење во однос на матичната планета. Покрај тоа откритие, Пикеринг е познат и по навистина деталното набљудување и истражување на планетата Марс. Како и Ловел пред него, во 1892 година тврдел дека пронашол промени на површината на Марс со што ја поддржал теоријата за можност од живот на Марс. Тој дури отишол чекор подалеку, кога станува збор за вознземски живот, кога во 1903 година тврдел дека постои живот и на Месечината. До ова тврдење дошол со споредба на скиците на Месечината направени од страна на Џиовани Рикиоли во 1651 година и тврдел дека во тој момент има промени коишто можат да настанат при присуство на вегетација на Месечината. (Г. П.)

 

15.2.2013 – Експлозија на метеор над Челјабинск

Во 2013 година, жителите на Челјабинск, град со околу 1 милион жители сместен на 1500 километри источно од Москва, беа сведоци на најголемата експлозија на метеор по 1908 година (за ова пишувавме во ЕМИТЕР 2/2013Метеор експлодираше над Русија ).

За потсетување токму таа година се случила познатата експлозија на метеор во ретко населената сибирска област Тунгуска (за ова сме пишувале во ЕМИТЕР 7-8/2003Енигмата на Тунгуската експлозија од 1908 година, ЕМИТЕР 9/2008100 години од тунгуската експлозија и Емитер 10/2013Енигмата на тунгуската експлозија разрешена?). Разликата е и тоа што како индиректна последица од експлозијата во Чeлjабинск беа пријавени околу 1500 повредени лица, претежно од искршено стакло и други секундарни случувања, што го прави настан од ваков тип со најмногу повредени лица.

Метеоритот со дијаметар од 20 метри и тежина од 12 000 тони, во Земјината атмосфера влегол околу 9:20 утрото, по локално време, движејќи се со брзина од околу 68 400 км/час. При експлозијата се ослободила енергија од 440 килотони, што било доволно да се оштетат преку 7000 околни објекти, или, колку за илустрација, се ослободила енергија со јачина од 26 до 33 пати поголема од атомската експлозија во Хирошима.  (Г. П.)

 

15.2.1564 – Роден е Галилео Галилеј

Галилео Галилеј (Galileo Galilei), италијански физичар и астроном, е првиот човек којшто насочил телескоп кон ноќното ѕвездено небо. Првите негови откритија биле во областа на физиката, а неговата дејност во астрономијата започнала кога тој самиот конструирал телескоп во 1609 год. Помеѓу неколку други откритија, неговото најважно откритие се 4-те најголеми Јупитерови сателити: Јо, Европа, Ганимед и Калисто. Имено, во фактот што тие орбитираат околу Јупитер, а не околу Земјата, тој видел индиректен доказ на Коперниковиот хелиоцентричен систем, па станал негов поддржувач. Поради тоа дошол во конфликт со католичката црква, која го обвинила за ерес (кривоверство), и за да ја избегне судбата на несреќниот Џордано Бруно, кого католичката црква жив го запалила на клада поради неговите напредни идеи, Галилеј бил принуден на понижувачки начин клечејќи на колена во покајничка кошула, да се откаже од своите научни сфаќања, но, сепак бил осуден на доживотен затвор, подоцна заменет со куќен притвор. Починал на 8.1.1642. (П. Л.)

 

16.2.1946 – Формална церемонија за ENIAC

Два дена по официјалното претставување на ENIAC е одржана формална церемонија со цел на демонстрирање на лидерската позиција на Муровото училиште  на полето на електронските дигитални компјутери, и армијата која стоеше зад финансирањето на целиот овој проект.

Шест месеци по оваа церемонија, Екерт и Маучли дадоа отказ во Муровото училиште. Со оглед дека не беа вољни да се откажат од авторските права, во Муровото училиште сметаа дека нивната поврзаност со Универзитетот мора да се прекине. (З. И.)

Вилијам Хенри Пикеринг

Вилијам Хенри Пикеринг

Портрет на Галилео Галилеј

Портрет на Галилео Галилеј

Николаус Вирт

Николаус Вирт

Фотографија од моментот на експлозијата во Челјабинск

Фотографија од моментот на експлозијата во Челјабинск

Свеченото пуштање во употреба на ENIAC

Свеченото пуштање во употреба на ENIAC