Емитер 10/2011.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
За 10 до 15 години суперкомпјутери од ИБМ колку коцка шеќер;
АТЛАС – систем за поддршка и стабилизација на камкордер;
Електричен авион победник во CAFE предизвикот за еколошки авион;
Дали некој сателит може да има свој сопствен сателит?;
Лек за подобрување на меморијата;
Сивус стана сертифициран партнер на Cisco;
NIKON ME-1 стереомикрофон за на камера;
IDF 2011 – поглед кон иднината;
NASA ги објави елементите за пилотираните бродови Орион/MPCV;
15 години Yamaha во Македонија;
Протонски диоди;
Нова продавница на Алфа-аудио;
Професионални засилувачи Lexon Pro;
Крави кои даваат човечко мајчино млеко;
Во австралија откриен нов вид делфини;
За виното и кока-колата;
Toshiba Camileo S30 камкордер за во џеб
Електричен авион победник во CAFE предизвикот за еколошки авион
На натреварот наречен CAFE Green Chalenge организиран од страна на фондацијата CAFE, (Comparative Aircraft Flight Eficiency) непрофитна фондација чија цел е да развива енергетски ефикасни летала и НАСА се исплатени веројатно највисоки награди за кое било авионско натпреварување во историјата. Според правилата, авионот морал да прелета 200 милји (320km) со брзина од 100 милји на час (160km/h) за помалку од два часа и притоа да потроши помалку од еден галон (3,78 литри) гориво по патник, или, бидејќи се натпреварувале и авиони со електричен мотор – еквивалент во електрична енергија. Фондот за награди бил обезбеден од НАСА и информатичкиот гигант, Гугл. Конкурсот бил објавен пред две години, а на него се пријавиле четиринаесет тима. Условите за учество во натпреварот го исполниле три тима. Натпреварувањето се одржало на аеродромот Чарлс М. Шулц (Charles M. Schultz) во близина на градот Санта Роза (Santa Rosa), Калифорнија, САД, на втори октомври. Победник во натпреварувањето бил тимот Pipstrel - USA.com од Државниот колеџ на Пенсилванија, а наградата што ја добил изнесувала 1,35 милиони долари.
Нивниот авион бил придвижуван од електричен мотор, а бил со доста неконвенционална конструкција: двотрупен авион со по еден кокпит во секој труп и еден мотор поставен меѓу двата трупа. Втората награда во износ од 120 000 долари ја добил тимот eGenius со седиште во Рамона, Калифорнија. Победничкиот авион потрошил електрична енергија еквивалентна по цена на нешто повеќе од половина галон гориво. Тимовите кои учествувале во натпреварот потрошиле преку четири милиони долари за развој на авионите, но и организаторите и учесниците на натпреварувањето се надеваат дека оваа сума ќе се врати повеќекратно доколку технологијата развиена за натпреварувањето се примени во производство на лесни елисни авиони со електрични мотори. На сликата е претставен победничкиот авион развиен од тимот Pipstrel - USA.com.
Александар Тошоски
Протонски диоди
Откриен е нов вид на органска диода со протони благодарение на мултидисциплинарно истражување со помош на молекуларна биологија, кристалографија со X - зраци и спектрографија. Новата диода е слична на диодата кај која електроните се тие кои го одредуваат правецот на протокот на електричната струја, само што кај оваа диода истражувачите тврдат дека протоните ја создаваат "струјата" кога поминуваат низ мембраните на клетките на одредени протеини. Според нив, во овој процес молекулите на водата ја имаат главната улога како активна компонента. Протоните, велат тие, функционираат како протонски турбини.
Протонските диоди се резултат на создавање енергија во самите ќелии. Кога ќе се уфрлат протони во клетките низ нивната мембрана, се ослободува енергија која се трансформира во светлина. Процесот е сличен на процесот кога водата наидува на препрека, појаснува проф. д-р. Клаус Герверт кој го предводи истражувачкиот тим. Исто така, вели тој дека ова е еден вид на архаичните фотосинтези кои се одвиваат во клетките од растенијата.
Тимот на истражувачи не ги открива другите детали, но тие веруваат дека и овој пронајдок спаѓа во феноменалните особини на молекулите на водата. Водата и нејзините молекули се предмет на истражување на многу научници. Не случајно Мартин Ежен добил Нобелова награда за хемија кога успеал да објасни зошто водата и протоните од мраз под одредени услови се однесуваат како спроводници. Можно е и во овој случај да станува збор за истите механизми. Научниците им предвидуваат иднина на овие протонски диоди и на светлината добиена од клетките на протеин, бидејќи добиената светлина може да се мери и да се анализира како и секоја друга светлина.
К. С. Андонова
За виното и кока-колата
Многумина од постарите читатели на Емитер, а посебно оние кои имаат сто и еден изговор зошто се физички неактивни, ќе се израдуваат кога ќе ја прочитаат информацијава за најновите истражувања кои ги објави списанието "Science Daily" во која се тврди дека црвеното вино може да послужи како замена за физичката активност.
За што станува збор? Сигурно се прашувате какви се тие "вежби" во чаша?! Најновите студии покажале дека ресвератролот, супстанција која ја има најмногу во црвеното вино, а нешто помалку и во црното грозје, може да ги намали последиците од недоволна физичка активност, тврдат американските експерти.
Овој тим на истражувачи го испитувал ефектот кој го има ресвератролот врз мускулатурата на човечкото тело во целина. Испитувањето било спроведено во услови на бестежинска состојба, во какви што се наоѓаат астронаутите за време на летот во вселената. Се покажало дека мускулите кои се потхрануваат со ресвератрол се поздрави, коските не страдаат од намалување на минералите, зголемена е отпорноста на инсулин во организмот и друго. Оние на кои не им била вбризгана оваа супстанција во крвта биле во многу полоша здравствена кондиција. Научниците предупредуваат дека на човечкото тело му е неопходна физичка активност, но во исклучителни ситуации ресвератролот може да послужи како замена.
Кога сме кај пијачките и астронаутите еве уште една интересна вест за помладите читатели кои не консумираат вино, но со задоволство пијат кока-кола. Астронаутите при своите експедиции, меѓу другото, можат да консумираат гел од кока-кола, месо од мисирка и некаков зеленчук кој го произведуваат во самото леталото. За кока-колата и не е чудно бидејќи таа најнапред била лек создаден од аптекар, а и денес помага при дијареја или повраќање.
К. С. Андонова
15 години Yamaha во Mакедонија
На 3-ти овој месец, на платото пред МКЦ, фирмата До-Ре-Ми направи прослава по повод 15-те години застапништво на Yamaha музичките инструменти, со што заокружи една убава бројка на присуство на овој значаен бренд на полето на музички инструменти во Македонија. На самата прослава земаа учество голем број музичари (Леб и Сол, Тумбао Салса Бенд, Вај нот, Владимир Чадиковски, Маротови, Филип квартет, Венко Серафимовски и др.), кои главно свиреа на Yamaha инструменти, со што многубројната публика во живо можеше да го слушне звукот на овој бренд. 15 години е значајна бројка, а до следниот јубилеј посетете ја продавницата на До-Ре-Ми во МКЦ, лично испробајте го инструментот кој ви е потребен и уверете се во неговиот квалитетен звук.
Сашко Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.