Рубрика: Аудио и видеотехника
Слеп слушен тест: Jamo, JBL, Mirage и Mission
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 5/1997.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Ми претставува особена чест и задоволство да ви го презентирам првиот слеп слушен тест во Македонија и во континентална Европа. Ова не е претерување! Колку што ми е познато, од сите популарни Хи-Фи списанија во светот, единствено британскиот Hi-Fi Choice rедовно го применува слепиот слушен тест (го применуваат и некои професионални списанија). Останатите популарни списанија не го користат слепиот слушен тест заради очигледни финансиски причини - не во смисол дека е скапо тестирањето, туку дека резултатите од тестот можат скапо да чинат. Имено, фирмите чии Hi-Fi уреди се лошо оценети можеби нема да дадат пари за реклами во списанието, а списанијата живеат од рекламите. Од друга страна, резултатите од слепиот слушен тест можат да покажат премногу мала разлика во звукот помеѓу некои уреди, а тоа исто така не оди во прилог на тиражот на списанието. Сигурен сум дека редовните читатели на ЕМИТЕР ќе ја поздрават идејата за организирање на најобјективното можно тестирање на hi-fi уредите, па претпоставувам дека тиражот на списанието нема да се намали. Напротив, очекувам дека тоа ќе привлече и поширок круг на читатели. Затоа можам да си го дозволам луксузот да организирам слеп слушен тест.

Науката ги признава субјективните впечатоци само ако се добиени при контролирани услови, а тоа е можно само при слеп слушен тест, изведен со научна методологија. Напатствијата како би требало да се изведува слушен тест за звучници се дадени во препораката AES 20-1996 (AES Recommended practice for professional audio - Subjective evaluation of loudspeakers). Како член на Audio Engineering Society (AES) и на Institute of Electrical and Electronic Engineers (IEEE), имам обврска секогаш да ги употребувам научните методи и да ги запазувам пропишаните професионални стандарди. Јас се придржував до препораката AES 20-1996, колку што ми дозволуваа околностите. Овие страници докажуваат дека и овде во Македонија може да се направи вистински професионален слеп слушен тест, кој со својата научна методологија е пообјективен од сите слушни тестови кои можете да ги прочитате во странските Hi-Fi списанија (со исклучок на Hi-Fi Choice).

Просторијата во која се изведуваат слушните тестови треба да биде обична, просечна соба. Меѓутоа, таа просторија треба акустички да се дотера, во интерес на поголемата резолуција на тестот. Жирито го сочинуваа четворица слушатели: еден професионален тон мајстор, двајца големи познавачи на класичната музика (башка и одлично свират клавир) и еден аудиофил, љубител на џез музика. Сите тие редовно одат на концерти (тон мајсторот - сакал или не... ), така што одлично го познаваат звукот на секој инструмент. За да се изведе тестот како слеп, на секој слушател пред да влезе во просторијата му беше ставена црна непроѕирна маска преку очите. На слушателите не им беше соопштена цената на звучниците, ниту произведителите.

Ѕвездите на првиот слеп слушен тест организиран во Македонија но и во континентална Европа

За овој тест беа избрани четири пара звучници со слични цени: Jamo 477, JBL TLX 171, Mirage M 390 is и Mission 734. Дистрибутерите на Tannoy искажаа спремност да ми обезбедат за тестот еден пар Tannoy 637, но за жал тие веќе беа распродадени, а новата пратка уште не беше дојдена. Во овој опсег на цени немаше сличен модел од B&W. Сите тестирани звучници се од типот на floorstander - висока кутија на која не и треба статив. Од овој тест извлеков драгоцени искуства и сознанија. Во наредните тестови ќе ги елиминирам воочените слабости, па тестовите ќе бидат уште подобри и построги.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 5/1997. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.