Емитер 3/2011.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Лаптопи за скијачи; Quantum Dot LED (QLED) дисплеј; Ротацијата на црните дупки се гледа од Земјата?; Презентација на CorelDraw X5; MICROSOFT: интероперабилност и cloud computing; Adobe ден во Скопје; Elite 1000 GreenPower енергетско ефикасни ТВ-предаватели; Безбедност на децата на интернет – вторпат; Studer OnAir 3000 – аудиоконзола за PTB апликации; Што се наоѓа зад границата на универзумот? INTEL разви систем за супербрз пренос на податоци; Нашиот измешан предок; Миле Секуловски - најстар радиоаматер во Македонија; Програма за поефикасно и подобро образование
Радиоаматеризмот кај нас своите почетоци ги бележи пред 65 години кога е основан Радиоаматерскиот сојуз на Македонија. Една од живите легенди на македонското радиоаматерско движење е 85-годишниот Миле Секуловски од Скопје, кој сè уште е активен на радиоаматерските фреквентни опсези.
Роден во 1926 год. во с. Лисолај, Битолско, од поодамна жител на Скопје, Миле Секуловски, Z31JY, е најстар радиоаматер во Македонија кој непрекинато е активен на радиоаматерските опсези речиси шест децении. Бил учесник во НОБ од 1944 година кога по ослободувањето на Скопје посетува воен радиотелеграфски курс. По завршувањето на воениот рок во 1947 година, се вработува како телеграфист и телепринтерист во поштата во Битола каде што службува 12 години. Во 1958 година преминува со работа како радиотелеграфист во цивилното воздухопловство, а од средината на 60-тите години специјализира контрола на летање. Две години бил раководител на контролата за летање на Приштинскиот цивилен аеродром од каде што во Скопје се враќа во 1968 година.
Миле Секуловски со радиоаматеризам започнал да се занимава уште додека живеел и работел во Битола. Бил член на битолскиот Радиоклуб од каде што во средината на 50-тите години ја одржал првата радиоврска со клупскиот повикувачки знак YU5CEF. Во 1958 година добива личен повикувачки знак YU5JY, кој е прв личен радиоаматерски знак во Македонија. Во почетокот на 60-тите години поставува радиоматерска станица во својот дом во Скопје и оттогаш во континуитет е активен до денешен ден.
Освен со радиооператорство, Миле Секуловски се занимава и со конструирање радиоаматерски предаватели, приемници, линеарни засилувачи, електронски морзеови тастери, антени и др. Во 2011 год. неговата домашна радиоаматерска станица во скопската населбата Козле се состои од преку три децении стар YAESU FT-101 B кусобранов примопредавател и две самоизградени вертикални антени за кусобрановите опсези. До пред скоро време користел и мултибанд жичена дипол-антена која, исто така, самиот ја изработил. Претходно долги години работел со стар радиопредавател YAESU FL-50 B и самоизграден радиоприемник. Во неговата гаража сè уште чува неколку стари линеарни засилувачи, кусобранови приемници, електронски морзеов тастер од 1968 година и други негови самоградби, како и колекција од рачно исцртани електронски шеми за неговите самоградби. На поодмината возраст од 85 години, Миле Секуловски и натаму има планови за идни самоградби и унапредување на неговата лична радиоаматерска станица.
Тој и натаму секојдневно е активен на 80 m и 40 m радиоаматерски опсези со неговиот омилен тип на работа-телеграфијата. За тастување користи самоизградена комбинирана верзија на механички пешак и полуавтоматски тастер. Миле Секуловски шест децении е во брак со Даница Секуловска (78) од Битола со која имаат син авиопилот и две ќерки од кои едната, по стапките на својот татко, исто така е контролор на летање.
Владимир Ковачески, Z35M
Граница на универзумот по дефиниција е најдалечен предмет кој ние можеме да го видиме во просторот. Но, тоа не значи дека тој е најдалечен предмет кој ние можеме да го почувствуваме. Имено, според Александар Кашлински (Aleksander Kashlinsky) од Goddard Space Flight Center на НАСА се чини дека некоја сила од зад работ на универзумот ги влече галаксиите од нашиот универзум во насока која не може да се објасни со ништо досега познато во универзумот!
Овој феномен Кашлински и неговиот тим го забележале додека ја студирале радијацијата од заднинското космичко микробраново зрачење, останато по Биг Бенгот. Тие забележале како огромните јата галаксии ја "растураат" нивната радијација во чудна, невообичаена насока. Според таа насока истражувачите ја детерминирале насоката на движење на секое поединечно јато галаксии.
Кога Кашлински ги прикажал тие движења графички заклучил дека галаксиите се движат во чудна насока, која како да потекнува од некоја постоечка "искривеност" на простор-времето во универзумот. Ова чудно движење тој го нарекол "темен тек" ("dark flow"). Феноменот беше толку неочекуван така што Катлински го проширил истражувањето на други посветли јата галаксии. Резултатот, објавен во месец март минатата година, не само што го потврдил "темниот тек" туку и индицирал продолжување на тој тек и понатаму од граничниот препознатлив досег. "Ова движење продолжува подалеку отколку што ние можеме да гледаме" вели Кашлински.
Како да се објасни причината за феноменот "темен тек"? Ништо во познатиот универзум не може да ја објасни неговата причина, па Кашлински смета дека галаксиите се влечени од материја и енергија, кои се наоѓаат подалеку од космичкиот хоризонт, границата до која ние можеме да гледаме. "Таа невидлива материја можеби е најмалку илјадапати подалеку од космичиот хоризонт и предизвикува извесно мало искривување на простор-времето на нашиот универзум, кое ги принудува галаксиите на таквото движење", теоретизира тој.
За подобро разбирање на причината за "темниот тек" на јатата галаксии, Кашлински планира да ги "пречисти" резултатите од направените мерења така што во натамошните набљудувања ќе го употреби новиот телескоп на ESA (European Space Agency), орбиталниот телескоп Планк.
Петар Лагудин
Во четвртокот, на 3-ти март, во хотелот Holiday Inn, во организација на Проектот на УСАИД за основно образование и програмата на "Мајкрософт Партнери во учењето " (Partners in Learning) по втор пат во Македонија се одржа Мајкрософт Иновативен форум на наставници.
Се работи за обемен проект кој ги вклучува поголемиот дел од средните и основните училишта во земјава, а кој има за цел инкорпорирање на најновите технологии и пракси во едукативниот процес. Во него се вклучени наставници кои се охрабрени со употреба на иновативните технологиим, на еден современ и ефикасен начин да им го пренесат знаењето на децата, да поттикнат нивна партиципација и активно вклучување во едукацијата. Станува збор за проекти со помош на кои наставниците успеале на иновативен и современ начин да ја инкорпорираат едукативната пракса, иновативните технологии и вештини на 21 век во средината каде учат и работат учениците. Наставниците имаа простор за изложување на своите проекти, а ова воедно и разменуваа меѓусебни искуства од областа на иновативната настава и учење.
Присутните наставници исто така имаа можност да ги слушнат искуствата на минатогодишни победници на националниот Форум (Аница Петкоска - Професорка по Англиски јазик СЕОУ "Гостивар" - Гостивар и Сатки Исмаили, професор по информатика во О.У. Кирил и Методиј - Тетово), како и од нивното искуството од учеството на европскиот натпревар во Берлин 2010 г. И двајцата беа едногласни во ставовите дека им беше голема чест што учествував во IEF и што можеа на достоен начин да ја претставуваат нашата земја со што покажаа дека и ние во Македонија го пратиме технолошкиот напредок и успешно го применуваме во наставата се со цел да го подигнеме квалитетот на наставата.
На настанот, секако, се обратија Илијанчо Гаговски, директор на Мајкрософт Македонија, Лиана Мар – USAID Education Office Director и Ѓорги Николов, советник во министерството за образование и наука. На форумот беа изложени 46 проекти изработени од повеќе од 100 наставници од 60-тина средни и основни училишта од целата држава.
Првото место го освоија Марина Василева од О.У. Кирил и Методиј - Скопје и Добри Јовевски од О.У. Илинден од Крива Паланка со проектот "Бабини игри", како и Елизабета М. Ставревска од СУГС Владо Тасевски – Скопје со проектот "Online Safety". Второто место го поделија тројца учесници и тоа: Рејмонда Пиперку и Арлинда Шарофи од СУГС Саид Најдени – Дебар со проектот "Let’s help to be helped"; Реџеп Алили од О.У. Дитурија – Сарај со проектот "Ученички тимови за техничка поддршка" и Дарко Талески од О.У. Кирил и Методиј – с. Канатларци со проектот "Анимација во образованието". И третото место го поделија тројца професори, а тоа беа Катерина Митевска од О.У. Јан Амос Коменски со проектот "Кариерна брошура", Татјана Иванова од О.У. Кирил и Методиј – Скопје со проектот "MATHEM’ ALPHABET" и Павлина Карова од О.У. Кирил и Методиј – Велес со проектот "Спроведување на вода низ ксилем". Оваа година, двајцата првонаградени наставници ќе бидат поканети да ја претставуваат Република Македонија на Европскиот Иновативен форум за наставници, кој ќе се одржи во Москва, 21-ви до 25-ти март 2011 г. Двата второнаградени проекти ќе добијат награди обезбедени од страна на УСАИД/ПЕП и Microsoft. Учесниците на форумот имаа и можност самите да изберат најдобар проект, а тоа беше Викторија Попоска од ОУ Браќа Миладиновци од Струмица со "Проекти со програми за цртање – графити".
На крај, можеме само да се сложиме со организаторите и присутните дека манифестацијата е одлична и да се надеваме дека учеството во програмата ќе биде сè помасовно, бидејќи проектот претставува вистински поттик за чекор понапред во образованието воопшто.
Сашко Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 3/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.