Рубрика: Омнибус
Кратки информации
Автор: Н Н
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2011.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Експлодираше супернова во галаксијата M51;
CEDAR - екомобилен од линијата greenhart на Sony Ericsson;
LG-V300 десктоп компјутер "сè во едно";
WinGroup – Отворен ден;
Office 2010 достапен на македонски јазик - бесплатно!;
MKH 8060 на Sennheiser;
Конкурс за избор на ново лого на Скопско астрономско друштво;
Нова терапија за хепатит C;
Астрономи од Нотингем го открија најдалечниот квазар досега;
Лаптоп за сениори;
Електричен велосипед;
Како материјата ја победила антиматеријата;
Кемет електроникс отвора фабрика во Бунарџик;
РобоЗемја - Википедија за роботи;
Cambio CA002 – и куфер и сталка за камера;
Создадени синтетски антитела;
P.Audio во Македонија

WinGroup – Отворен ден
На 24 јуни во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) – Скопје се одржа Отворен ден на Научно-истражувачката група WinGroup, под раководство на проф. д-р Лилјана Гавриловска.
WiNGroup е истражувачка група во рамките на Институтот за телекомуникации (ИТК) при ФЕИТ – Скопје. Формално постои од септември 2007 година и се занимава со истражувања во областите на когнитивно радио, динамички пристап кон спектар, управување со ресурси во хетерогени мрежи, управување со полиси во безжични системи и развој на апликации за сензорски мрежи во возила, интелигентни домови, земјоделство и лозарство, заштита од шумски пожари, телемедицина итн. Групата има најголемо и најзабележително учество во меѓународните истражувања и проекти во Република Македонија.
Директен повод за конкретниот настан беше добиената награда на членовите на WiNGroup за најдобро демо на најпрестижната светска телекомуникациска конференција од областа на динамички пристап кон спектар IEEE DySPAN 2011, одржана во Ахен, Германија, 3–6 мај 2011 година (http://www.feit.ukim.edu.mk/mk/news/bestDemoAwardWinGroup.html).
Со пригодно обраќање кон присутните, меѓу кои и заменик-министерот за информатичко општество и администрација д-р Мирјана Секуловска, претставници на повеќе образовни и научни институции, регулативни тела и домашни компании, настанот го отворија продеканот за наука и меѓународна соработка на ФЕИТ проф. д-р Александар Ристески и деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски. Раководителот на WinGroup, проф. д-р Лилјана Гавриловска, го презентираше награденото демо "Constructing Radio Environment Maps with Heterogeneous Spectrum Sensors" заедно со останатите достигнувања на членовите од оваа Истражувачка група.
Покрај презентацијата на активностите на Групата, членовите на WiNGroup одржаа практична демонстрација на дел од развиените демо платформи:
- креирање динамички мапи на радиопокриеност за примена во когнитивни радиомрежи;
- управување со ресурси базирано на полиси во когнитивни радиомрежи;
- прототип на реконфигурабилен терминал за транспарентна интероперабилност помеѓу Ethernet, WiFi и 3G мрежи;
- апликации на сензорски мрежи (во телемедицина и во возила).
Презентацијата на активностите на WinGroup заедно со развиените демо платформи побудија голем интерес кај присутните гости, особено кај претставниците од домашните компании кои видоа можност за понатамошна соработка со WiNGroup и развој на демо платформите во конкретни продукти.
Н.С.

Создадени синтетски антитела
Истражувачите од University California во Irvine и од Shizuoka во Јапонија создале "пластични антитела" кои можат успешно да запрат ширење на отров од оси и стршлени низ крвта на глувци. Но, за да се сфати и разбере значењето на овој феноменален пронајдок, најнапред неколку збора и објаснување што се, вушност, антитела. Антителата се супстанции кои се познати и под називот имуноглобулини, а ги произведуваат таканаречените Б лимфоцити, вид бели крвни зрнца. Антителата се поврзани со имунолошкиот систем, кој има задача да го штити организмот од сето она што би можело да го наруши здравјето. Постои природен и стекнат имунитет. Антителата се стекнат имунитет бидејќи тие се создаваат како одговор на некоја болест предизвикана од бактерии, вируси, отровни реагенси, тумори и друго. За некои болести се внесуваат антитела во организмот во вид на вакцина.
Кога ќе навлезе "непријателот" во организмот и по неговото препознавање дали е нешто ново или веќе видено и победено Б лимфоцитите создаваат антитела за да го победат непријателот. Ако "непријателот" е познат во организмот, веќе постојат антитела кои можат да се справат со болеста, а во спротивно тие се создаваат и претставуваат еден вид меморирање на прележаната болест. Во организмот постојат повеќе видови антитела кои се разликуваат по својата структура и хемиски состав.
До неодамна постоеја само природни антитела, сега еве вест дека се создадени синтетски, "пластични" или вештачки антитела. Како дошле истражжувачите до овој пронајдок?
Сосема мали полимерни честички со големина од 1/50 000 ширина од човечко влакно биле дизајнирани да го уништат мелитинот, пептид кој го има во отровот на осите и стршлените, кој предизвикува пукање на клетките заради што престанува функционирање на виталните органи и до смрт.
Полимерните наночестички биле создадени со техника позната под називот "молекулски отпечаток", метода како кога се прави отпечаток на некој предмет во глина или гипс. Истражувачите го поврзале мелитинот со мали молекули – мономери здружувајќи ги во мрежа на други синџири на полимери. Потоа откако пластиката ќе се стврднела, тие го ваделе мелитинот, оставајќи во наночестичките од пластика отисоци од мелитинот.
Кога ги инјектирале овие пластични наночестички кои содржат голем број отисоци од мелитин во вид на дупчиња, во тие дупчиња влегувал мелитинот кој го имало во голема доза во крвта на експерименталните глувци, и во нив се заробувал. Заробениот мелитин не можел да направи лом во организмот на глувците и тие преживувале. Значи наночестичките се однесувале како антитела. За разлика од природните антитела, произведените синтетски антитела се произведени во лабораторија, а не во жив организам, поевтини се и имаат подолг животен век. Овој успех на истражувачите објавен е во списанието Journal of American Chemical Society.
К. С. Андонова

Конкурс за избор на ново лого на Скопско астрономско друштво
Скопско астрономско друштво одлучи да го смени своето досегашно лого. За таа цел распиша награден конкурс, кој трае до 20.7.2011 година. За првонаградениот следува парична награда.
Скопско астрономско друштво (САД) одлучи да го смени своето досегашно лого поради што распиша награден конкурс. Конкурсот трае од 29.6.2011 до 20.7.2011 година и е отворен за сите заинтересирани. САД е невладина организацијата, која е формирана во 1998 година. Во него членуваат љубители на астрономијата, аматери и професионалци од градот Скопје.
Логото мора да биде изработено во векторски формат: AI, CDR или EPS формат, а за преглед, сите варијанти да бидат испратени во JPG или PNG формат. Изгледот на логото нема никакви ограничувања, освен следниве технички карактеристики: колор варијантата да нема повеќе од 4 бои, да не го содржи акронимот САД (заради сличност со други акроними), како и да не биде претходно објавувано. Што се однесува до самиот изглед, нема никакви ограничувања, но изборната комисија ќе даде предност на логоа со современ дизајн.
Првонаграденото лого ќе биде наградено со 3000 денари, а второ и третонаградените со курс по астрономија, книга и сувенири од Скопското астрономско друштво. Комисијата е составена од членови на САД, професионален дизајнер и професионален фотограф.
Повеќе информации можете да добиете на kontakt@astronomija.com.mk или на www.astronomija.com.mk.
Васко Цацаноски

Проф. д-р Лилјана Гавриловска ги презентира активностите на WinGroup

Практична презентација на проектите на WinGroup

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.