Емитер 2/2011.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Наножици детектираат присуство на гас;
Сателитот Планк го одбележа 500-от ден на скенирање на небото;
Признание "Најмлад научник за 2010 година";
Сондата Хајабуса донесе примероци од астероидот Итокава на Земјата;
ВИКИПЕДИЈА прославува десет години од постоењето;
The STRETCH слушалки на Philips;
Италијански научници тврдат дека ја совладале ладната фузија;
Полета прототипот на првиот кинески стелт авион;
3 GB меморија за неприкосновено графичко уживање!;
3 TB за USB 3.0;
Нова метода за операција на катаракта;
Пенкало = A/V рикордер + камера + MP3 плеер + flash drive + пишува;
Kee4 – тастатура со 4 типки;
Кеплер ја откри својата прва карпеста планета;
Програми кои ја штитат приватноста на Фејсбук;
Добра вест за пушачите;
Service pack 1 за Windows 7 и Windows Server 2008 R2;
Radeon HD 6770 и HD 6750;
GeForce GTX 560 Ti;
SNOWBALL – прв професионален USB микрофон во светот
Признание "Најмлад научник за 2010 година"
Веќе подолго време научната мисла беше на маргините на фокусот на општествените интереси. Повремено срамежливо, речиси незабележително, се случуваше понекој успех - меѓународна награда за македонски пронајдок или научен труд на наш млад научник.
Во насока на зајакнување на научната мисла и поттикнување на младите кои се занимаат со наука уште повеќе да истражуваат и придонесат во севкупниот развој на научната мисла и истражувачкиот дух во Република Македонија, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов востанови признание "Најмлад научник".
За таа цел, во ноември 2010 г. беше објавен конкурс за избор на "Најмлад научник" за 2010 година. Во конкурсот можеа да земат учество млади луѓе до 30 години што се занимаваат со наука и научни истражувања, кои во досегашната научна работа имаат постигнато одреден научен резултат и кои имаат желба преку нивните научни истражувања да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Притоа, покрај плакетата за "Најмлад научник", на победникот од конкурсот ќе му биде доделена и парична награда.
Проектот е реализиран од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, г. Ѓорѓе Иванов, кој се залага за поддршка на науката, научните установи и младиот научен кадар, како и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката.
Идејата е преку овој проект да се воспостави традиција за избор на најмлад научник и во наредните години со што ќе се даде соодветен поттик на научната мисла и творештво во нашава држава.
Согласно со конкурсните барања, учество можеа да земат кандидати кои ги задоволуваа следните услови:
- добиена меѓународна награда за научно-истражувачка дејност;
- добиено меѓународно признание за научно-истражувачка дејност;
- добиено домашна награда за научно-истражувачка дејност;
- добиено домашно признание за научно-истражувачка дејност;
- објавени резултати од научно истражување во релевантно меѓународно списание;
- објавени резултати од научно истражување во релевантно домашно списание;
- степен на апликативност (применливост) на резултатите од научното истражување.
Изборот на најдобриот кандидат ќе го направи петнаесетчлената Комисија составена од претставници од факултетите, МАНУ и бизнис-секторот во Р. Македонија.
Се очекува изборот да биде извршен по затворањето на овој број и дека во наредниот број веќе ќе бидеме во можност да го објавиме интервјуто со добитникот на признанието Најмлад научник за 2010 година.
Невенка Стојановска
Википедија прославува десет години од постоењето
Википедија и нејзините корисници со помош на страницата ten.wikipedia.org организираа повеќе од 300 прослави низ светот по повод десетгодишнината на слободната мрежна енциклопедија, која стана интернет гигант.
Во десетте години на своето постоење, Википедија го измени начинот на кој се приоѓа до информациите на интернет и учествува во нивното создавање. Википедија е во врвот на резултатите за речиси секое пребарување на Google со своите 17 милиони страници од кои 3,5 милиони се на англиски јазик. Џими Вејлс, основачот на Википедија, остана одлучен во својата определба на сајтот да нема реклами и тој да живее само од донации и покрај огромната популарност.
Но, за овие десет години Википедија беше и напаѓана и критикувана, ја следеа и бројни контроверзии. Иако основната цел е секој да може да ја менува содржината на написот, често се менуваа нивоата на заштита и тоа им е дозволено само на проверените корисници.
Сепак според истражувањето на списанието Nature, научните написи на Википедија се на приближно исто ниво со написите на иста тема кои можат да се најдат на Енциклопедија Британика и процентот на грешки во написите и во двете енциклопедии е речиси ист.
Еднодецениското постоење на слободната електронска енциклопедија Википедија се обележа и во Скопје. Македонската Википедија денес има над 43000 статии, а за нив се најзаслужни десетици уредувачи кои постојано ентузијастички ги надополнуваат и ги коригираат содржините. Тие успеаја и формално да се организираат во Здружението на граѓани "Викимедија Македонија", кое е признато како локален разгранок на Фондацијата Викимедија.
Калина С. Андонова
Кее4 – тастатура со 4 типки
Постојат голем број на уреди со разни тастатури или со екрани кои функционираат со допир. Во пописот на тастатури ќе најдете и тастатури поврзани или не со кабел, еколошки тастатури од материјал што се рециклира итн. Кај сите постои еден заеднички проблем, а тоа е немање доволно простор за копчињата или целата тастатура да бидат доволно големи за удобна работа или за сместување на уредот, на пример, в џеб. И така доаѓаме до Kee4 Bluetooth тастатурата на Citta Consulting, тастатура која ви овозможува внесување на сите букви од абецедата со само четири типки.
Секако, за овој интересен гаџет да функционира употребена е една сосема нова филозофија на функционирање. Морате да стискате повеќе типки одеднашš или на различен начин и да ги научите многуте комбинации на броевите 1, 2, 3 и 4 – броеви кои се означени на типките и со кои се пишуваат сите големи и мали букви од абецедата, разни знаци од разни јазици, математички и други знаци и симболи. И сето тоа е овозможено со два вида на движење на овие четири типки. Така на пример отчукувањето на некој знак или буква е со едно притискање, исклучувањето со друго притискање. Некои функциии се со "лулање" на типката, некои со едноставно притискање, со удирање, а притоа палецот е сместен во кесичка, а четирите прста на типките. Исклучок од сето ова се А, Е, празен простор и CTRL кои се генерираат само со едно притискање.
Ви звучи комплицирано? Всушност, не само што звучи туку тоа и навистина е комплицирано, а дури е и тешко да се замисли ситуацијата во која би се користел ваков уред - тастатура. Сепак, бидејќи Kee4 е сè уште во рана фаза од развојот, а неговите креатори бараат инвеститори, во овој момент ја нудат Kee4 тастатурата на испробување за да соберат мислења и забелешки.
Којзнае, можеби никогаш нема ни да научиме како да ја типкаме целата азбука на само четири типки. Иднината ќе покаже што ќе се случи со оваа иновативна мала водоотпорна и лесна мини-тастатура.
Калина С. Андонова
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 2/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.