Рубрика: Омнибус
Технома и Макинова 2010
Автори: Кирил Крстевски, Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11/2010.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Традиционалниот саем за техника Технома и оваа година се одржа на старото место. Во рамките на саемот ТЕХНОМА традиционално се одржуваат и манифестациите МАКИНОВА и ЕКОНОВА - саем на пронајдоци, иновации и нови производи, каде што покрај македонските иноватори настапуваат и иноватори од странство. Овојпат беа присутни и иноваторите од Словенија, Босна и Херцеговина и Украина. Во продолжение проследете ги нашите импресии од посетата на саемот, како и наградените пронајдоци и иновации на Макинова.

Прво што можеше да се забележи е дека на саемот претежно беа застапени домашните фирми. Оние кои традиционално настапуваат на саемот излегоа само со новитети од нивните производи. Така, за разлика од годините наназад, нивните штандови не беа оптоварени со купишта производи кои можеа да се најдат секаде. Генерално, можеме да бидеме задоволни од овогодишната Технома - во однос на ланската имаше повеќе излагачи, повеќе опрема и повеќе публика. Нашиот краток преглед ќе го направиме според следните тематски целини: рачен електричен алат, мерни инструменти и електротехника, алтернативни извори на енергија и заштеда на енергија, автоматика и електроника, видеонадзор и контрола на пристап и останато.

МАКИНОВА И ЕКОНОВА 2010
Оваа година квантитетот на иновации и патентирани пронајдоци прикажани на МАКИНОВА не донесе некој поголем квалитет. Особено разочараа патентите од украинските гости - тие претставија некакви (прилично обични) предмети кои наводно вршат некаква "хармонизација" на живите организми (луѓето) со околината. Се разбира, ништо од тоа всушност не функционира - едноставно, не постојат никакви "биоенергетски полиња" или "биопатогени зрачења".
Пронаоѓачите од Босна и Херцеговина и Словенија прикажаа неколку вистински пронајдоци, од кои најинтересен ми се виде бастунот со вградена ламба во дршката (за осветлување на патот ноќе), кој би можел да биде од помош за старите или хендикепираните лица. На бастунот има ставено и мала кука за закачување кеса, торбичка или несесер, потоа има вградена електрична свирка (за сигнализација), па дури и GPS уред за лоцирање и следење, кој работи цело време или само кога бастунот е во хоризонтална положба (ако човекот падне, GPS уредот ја јавува неговата позиција). Можеби премногу работи на едно место и можеби не се сите толку потребни, но сепак идејата е симпатична, па затоа редакцијата на ЕМИТЕР ги награди авторите Миленко Савановиќ, Милош Убовиќ и Небојша Жутиќ од Бања Лука со Пофалница и укоричен комплет ЕМИТЕР.
Македонските иноватори прикажаа неколку патентирани пронајдоци и иновации, од кои посебен впечаток ми остави Влатко Стефановски со "Мултифункционални повеќенаменски садови". Идејата е пластичните шишиња (садови) да имаат на дното оформен "женски" дел во кој може да се навртува "машкиот" горен дел - грлото на друго шише. На тој начин, со едноставно навртување на отпадните шишиња едно во друго, можат да се добијат градивни блокови кои можат да се користат за топлотна изолација во ѕидовите, како елементи за градење "стакленици" или помали конструкции, потоа за соларни концентратори и за многу други намени. Еве добра идеја како светот да се ослободи од огромна количина на пластични отпадни шишиња кои не можат да се рециклираат! Нормално, ваквата добра идеја заслужено беше наградена од редакцијата на ЕМИТЕР со Диплома и објавување на патентот во рубриката ЕУРЕКА.
Вангел Димановски и Иван Поповиќ од фирмата АЦ/ДЦ претставија навистина одличен производ за пренапонска заштита кој, според нивните зборови, е единствен во Европа по својата сеопфатност. Во некој нареден број на ЕМИТЕР детално ќе ја разгледаме оваа пренапонска заштита бидејќи таа е еден од петте пронајдоци/иновации кои редакцијата на ЕМИТЕР ги награди со Диплома и објавување во рубриката ЕУРЕКА.
Професорите и постдипломците од Факултетот за електротехника и информатички студии од Скопје и Електротехничкиот факултет од Радовиш претставија решенија на две практични проектни задачи: "Уред за испитување вибро-сензори" (д-р Јосиф Ќосев и Лазе Димитриевски) и "Модул за фазно контролиран резонантен конвертор" (Гоце Стефанов, Дејан Миличевски и д-р Љупчо Караџинов), како и "е-Дома" концептот за потполна електронска регулација на греење, вентилација и осветлување на домот (Ристо Цветковски, Драган Аврамовски и Александар Цветановски). Како што и би можело да се очекува од луѓе од вакви институции, реализациите на проектните задачи беа беспрекорни, а проектот "е-Дома" реално ветува заштеда на електричната енергија, така што редакцијата на ЕМИТЕР ги награди со дипломи и објавување на иновациите во рубриката ЕУРЕКА.
Студентите од Одделот за индустриски дизајн од Машинскиот факултет во Скопје пријатно изненадија со прекрасни дизајни на машина за перење алишта (Јана Докузовска), фотелја за масирање (Елена Крстева), рачен часовник (Тамара Даневска), помагало за болнички кревет (Игор Ивановски) итн. Притоа, тие не го решавале само дизајнот, туку вршеле и подлабока анализа на функционалноста и ергономичноста на овие уреди. Нивниот труд редакцијата на ЕМИТЕР го награди со пофалници и укоричени комплети од ЕМИТЕР.
Најмладите иноватори од средните училишта прикажаа огледален елемент во облик на коцка (Никола Мирчевски од СУГС "Георги Димитров" од Скопје) и постапка за рециклирање на отпаден алуминиум (Димитар Цеков од УСО "Јане Сандански" од Струмица) за што добија пофалници и укоричени комплети од ЕМИТЕР. Но, ниеден ученик не доби никакво признание од организаторите на МАКИНОВА, по што се поставува прашањето: која е целисходноста на ваквото пријавување ученици на МАКИНОВА?! Ако треба да се поттикнат најмладите на иноваторство, а МАКИНОВА не е заинтересирана за тоа, тогаш Народна техника мора комплетно да го преземе целиот процес на организација, претставување и наградување на (нај)младите иноватори. Всушност, мислам дека тоа е најдоброто решение - МАКИНОВА да биде насочена кон сериозните пронајдоци и иновации, а Народна техника кон креативните трудови на учениците. Инаку ќе се повторат нелогичните сцени од минатите години на МАКИНОВА - исти златни медали да добијат и сериозни патентирани пронајдоци од доктори по науки и обични куклички направени од ученици од основно училиште.
Гран при на МАКИНОВА 2010 и пехар на Стопанската комора на Македонија освоија Вангел Димановски и Иван Поповиќ од АЦ/ДЦ за "Осумстепен интегриран систем за пренапонска заштита", а Државниот завод за индустриска сопственост им додели и награда за пријавен патент. Наградата од Државниот завод за млад иноватор ја доби Јана Докузовска за "Машина за перење алишта за големо семејство". Наградата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство ја доби м-р Марјан Георгиев за "Автономни потрошувачки системи - подобрување на енергетската ефикасност". Наградата на градоначалникот на Скопје ја добија Гоце Стефанов, Дејан Миличевски и д-р Љупчо Караџинов за "Модулот за фазно контролиран резонантен конвертер".
Гран при на ЕКОНОВА 2010 и пехар на Стопанската комора добија Славе Андев, Здравко Костов и Кире Андески за "МедТартуф" - природен еколошки мед, а наградата на градоначалникот на Скопје ја доби Трајчо Донев од Кочани за "Сончев параболичен панел" за греење вода.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.