Од денес, 24-ти октомври, па сè до недела 28-ми, во Спортскиот центар “Борис Трајковски” во Скопје, ќе се одржат 44-тото издание на Технома – меѓународниот саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита, 15-тото издание на меѓународниот Саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација придружен со 8-миот саем за недвижности и инвестиции – Realexpo. Истовремено ќе може да се посети и 39-тата изложба пат на пронајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки и младинско истражувачко и креативно творештво – Макинова 2018, заедно со 16-тата изложба ЕКОНОВА 2018.
Манифестациите во фокус ја ставаат енергетиката, заштедата на енергија, користењето на материјали за енергетска ефикасност, заштитата на околината и рециклирањето. Според Валентина Димитрова, оперативен директор на проектот на Скопски Саем, спојот на манифестациите ќе придонесе за да се направи единствен настан од голема важност за изложувачите и за посетителите. Програмски партнер на саемските манифестации е Програмата за поддршка на зелена економија на Европската банка за обнова и развој преку која се обезбедуваат средства за инвестиции во енергетски ефикасни технологии.
Програмски партнер на саемските манифестации е Програмата за поддршка на зелена економија на Европската банка за обнова и развој преку која се обезбедуваат средства за инвестиции во енергетски ефикасни технологии.
Над четири децении ТЕХНОМА е еден од најзначајните настани за презентација на националните економии од многу земји и региони, место за остварување на значајни деловни средби и директно претставување на производите на компаниите на купувачите.
МАКИНОВА и ЕКОНОВА секоја година ги организира СПАТУМ – Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, во соработка со Народна техника на Македонија. На СПАТУМ мора да му се оддаде признание што веќе 39 години по ред успева да организира ваква манифестација, што е навистина долга традиција и реткост дури и во светски рамки. Изложбите се извонредна прилика за сите домашни, но и индустриски мајстори, иноватори и дизајнери да ја промовираат и афирмираат нивната идеја, иновација, пронајдок, нов производ, техничко унапредување, дизајн или трговска марка до пошироката стопанска заедница и јавноста во Република Македонија.
Саемските манифестации ќе бидат отворени од 10 до 19 часот, а цената на влезниците ќе биде 80 денари. За групни посети влезницата ќе чини 40 денари.