Рубрика: Аеронаутика
ПАК ФА – руски ловечки авион од петтата генерација
Автор: Александар Тошоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 9/2010.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


ПАК ФА ќе биде прв руски ловечки авион од петтата генерација. Сегашниот прототип, Т 50, е конструиран во компанијата Сухој, а кога ќе влезе во употреба во руското воено воздухопловство ќе ги замени сегашните авиони МиГ 29 и Су 27. Авионот ќе биде основа и за индискиот ловец од петта генерација кој ќе се развива и ќе се произведува во соработка меѓу руската компанија Сухој и индиската Хиндустан аеронаутикс (HAL).

Кога се зборува за млазните ловечки авиони тие се грубо поделени на пет "генераци", во зависност од тоа во кое време се произведени, од нивните технички карактеристики и филозофијата која стои зад начинот на нивната примена.
Како прва генерација се сметаат млазните ловечки авиони кои се појавиле при крајот на Втората светска војна, до приближно 1950 година. Тие биле до неколку стотини километри на час побрзи од клипните ловечки авиони од Втората светска војна, но како и кај нив главно оружје било стрелачко оружје: топови и митралези. Втората генерација на млазни ловечки авиони веќе биле побрзи од звукот, а главно вооружување биле ракети воздух–воздух со инфрацрвено или радарско наведување. Оваа генерација ги опфаќа авионите кои се појавиле во педесеттите години. Третата генерација ги опфаќа авионите кои се појавиле од 1960 година до почетокот на седумдесеттите години на 20 век. Повеќето од овие авиони можеле да се користат и за воздушни борби и за бомбардирање, а за двете намени можеле да користат наведувани оружја. Четвртата генерација на ловечки авиони се карактеризира на воведување FBW и HOTAS системи, како и со дигитална контрола на моторите, а традиционалните аналогни инструменти се заменети со повеќефункционални дигитални дисплеи. Овде спаѓаат авиони кои се појавиле од 1980 година до средината на деведесеттите години. Петтата генерација на авиони ја карактеризира намалената радарска и инфрацрвена "видливост", способност за крстосување со надзвучна брзина, интеграција на податоците од различни сензори, како и мрежа за измена за податоци меѓу пријателските авиони, земски радари, бродски радари и друго. Засега единствен ловечки авион од петтата генерација кој се наоѓа во оперативна употреба е американскиот Ф 22 Раптор. Прототипот на Рапторот полетал во 1997 година, а авионот влегол во употреба во 2005 година.
Во меѓувреме, тајно, во 2002 година е распишан конкурс за нов руски ловечки авион со стелт карактеристики. Како носител на проектот е избрано конструкторското биро Сухој. Постоењето на авионот е објавено во 2007 година кога командантот на Руското воено воздухопловство Александар Зелин објавил дека развојната фаза на ПАК ФА е готова и почнува изградбата на прототиповите. По неколку одложувања, првиот прототип полетал на 29 јануари оваа година. Вториот прототип се очекува да полета при крајот на оваа година. Овие два прототипа немаат вграден радар и систем за контрола на оружје. Овие два система ќе бидат вградени во следните два прототипа кои се очекува да полетаат следната година. Освен трупот, останатите компоненти на ПАК ФА се базираат на соодветните компоненти на Су 35 БМ.

Технички карактеристики:

Екипаж: 1;
Должина: 19,8 m;
Распон на крилата: 14 m;
Височина: 16,05 m;
Маса на празниот авион: 18500 kg;
Максимална полетна маса: 37000 kg;
Маса на горивото: 10300 kg;
Мотори: 2 Сатурн 117С (АЛ41Ф1А) со по 147 kN потисок;
Максимална брзина: 2,45 маха (2600 km/h);
Крстосувачка брзина (процена): 1300 - 1800 km/h;
Максимална височина: 20000 m;
Однос потисок/маса: 1:1,4;
Максимално g оптоварување: +11 g;

 
Клучни зборови:

Првиот лет на Сухој Т 50 (ПАК ФА).

Скица на Сухој Т 50 (ПАК ФА).

Споредба на Сухој Т 50 (ПАК ФА) покрај Су 30.

Рускиот премиер Владимир Путин, инаку квалификуван пилот, го разгледува кокпитот на Сухој Т 50.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 9/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.