Емитер 4/2003.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Швајцарија, исто како и Македонија, има убави планини, нема море и нема автомобилска индустрија, но ја има Женева со традиционалниот саем на автомобили. Долгата традиција на Швајцарците оваа година продолжува по 73-ти пат. Женева 2003 потврди дека останаа многу малку работи во автомобилската индустрија што би можеле да изненадат. На пример, ако Rolls Royce или Bentley се решат да направат помали или поевтини автомобили (што не може да се случи) или ако Ferarri направи теренец (што можеби и не би било изненадување со оглед дека Porsche го направи тоа, а Lamborghini го најавува) или, пак, ако Американците почнат масовно да ги користат дизел моторите што со оглед на актуелната политичка ситуација во светот не е исклучено.
Неутралниот швајцарски терен е многу значаен за автомобилските фабрики и поради тоа што во Женева нема привилегирани марки, туку на ограничениот простор (годинава проширен за уште една хала) секој се претавува најдобро што може. Годинава во Женева учествуваа 265 изложувачи претставувајќи се со околу 900 модели од кои 70 имаа светска или европска премиера. Во ова време од годината половинамилионската Женева и нејзината околина угостува околу 700.000 посетители. Саемот во Женева е познат и по тоа што во негови рамки традиционало се прогласува кабриолет на годината. Престижната титула оваа година му припадна на Citroën за моделот C3 Pluriel.
Женева 2003 само потврдува дека речиси и да не останаа непополнети дупчиња во автомобилските сегменти или такви кои бројат само еден или два члена. Се чека само еден да повлече нога и другите веднаш го следат.
Генерално гледано, воочливи се два тренда. Едниот е вклучување на сè повеќе брендови во сегментот на теренски, односно SUV возила (последна во редот е Alfa Romeo со концептот Kamal), а вториот е омасовувањето на сè популарниот тврд склоплив покрив прифатен од многу фирми, започнувајќи од малите Daihatsu Copen и Nissan Micra C+C, преку компактните Peugeot 307 CC и Renault Megane купе-кабрио па сè до големиот и луксузен Cadillac XLR . Друг впечаток е дека автомобилската индустрија е забрефтана како никогаш досега.
ПОПЛАВА ОД НОВИТЕТИ
Сè почестото прикажување нови автомобили е резултат на постојаната тенденција на автомобилските фабрики да ги задржат, подобрат и во крајна линија да не ги загубат стекнатите позиции на светскиот автомобилски маркет. Се чини дека во последно време токму ова последното станува примарна задача. Притоа, од една страна фирмите стандардно ги претставуваат редизајнираните или новите модели на етаблираните и успешните автомобили (оние кои всушност и им го носат главниот профит), но од друга страна навлегуваат во сегменти во кои до пред некое време не ни помислувале дека ќе “запливаат” во нив. За оваа ситуација народот одамна рекол: “Нов бунар копај, ама во стариот не плукај!”.
Можеби најсликовит пример е случајот со Mercedes Benz и Volkswagen. Првиот, реномирана марка автомобили чиј заштитен знак во прв ред се луксузот и престижот, во програмата ја има А класата, а да не ја заборавиме и минијатурата Smart, кој после првичните проблеми мошне успешно си го најде своето место на пазарот, а исто така е дел од концернот DaimlerChrysler. Вториот, кој својот имиџ го стекна токму правејќи “народни автомобили”, од неодамна во својата прозводна програма ја има луксузната петметарска лимузина Phaeton, директен ривал на S класата на Mercedes Benz.
Сите останати случувања се деривати на овој најеклатантен пример. Затоа и сè поголемиот број премиерно претставени автомобили не е нешто што посебно изненадува. Саемот на автомобили во Женева е само едно од местата кое е идеално и токму создадено за тоа. Ако кон ова се придодаде тоа дека автомобилските фабрики мошне активно работат и се на добар пат да ја решат иднината на автомобилизмот и после престанувањето со користењето на нафтата како погонско гориво, самите на автомобили даваат убава надеж во светла иднина на автомобилизмот.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 4/2003. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.