Емитер 6/2004.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Ако успешноста на Автоекспо 2004 се оценува според бројот на премиерно прикажаните автомобили, квантитетот на излагачите и според убавината присутна на изложбените простори, тогаш тој заслужува навистина добра оцена. Најважно од сè е што тој успева да го одржи континуитетот и покрај сè помалубројниот купувачки аудиториум.
На почетокот мора да се истакнат и пофалат ажурноста и агилноста на увозниците кои се потрудиле навреме да ги обезбедат новитетите на фирмите кои ги претставуваат. Тоа покажува дека македонскиот пазар, и таков каков што е, мал и сиромашен со само пет-шест илјади продадени автомобили годишно, сепак, има некакво значење. Дваесетината премиерно прикажани автомобили подразбираа дека речиси и немаше изложбен простор со барем еден нов модел и беше сосема доволен предизвик да се посетат халите на Скопскиот саем.
“Сонот на секое големо дете” - “макстерот” на група студенти на МФС
Вредеше халите да се изодат до крај, меѓу другото и затоа што во последната хала можеше да се види првиот македонски автомобил, дело на група студенти од Машинскиот факултет. Името на “макстерот” дополнително ќе се избере од предлозите пристигнати до тимот. На атрактивниот автомобил, обоен во портокалова боја, има уште да се работи, затоа што тој засега има само атрактивно дизајнирана каросерија и тркала, а неговите творци се надеваат дека останатите компоненти ќе успеат да ги обезбедат до есенскиот Саем на иновации кој се одржува во рамките на “Технома”. Според нивните зборови автомобилот е базиран на Тојота MR2, што значи дека би требало да ги има карактеристиките на еден типичен родстер со централно поставен мотор и погон на задните тркала.
БАРЕМ ЗАРАДИ УБАВИНАТА НА НЕГО - АВТОЕКСПО ТРЕБА ДА ПОСТОИ И ОПСТОИ
Генерално, впечатокот за Автоекспо беше позитивен, што најдобро се манифестираше преку задоволниот изглед на посетителите при напуштањето на саемските хали. Впечатокот сигурно ќе беше уште посилен ако се најдеа сили за организирање наградна игра за посетителите. Манифестацијата за која секогаш постои голема заинтересираност секако дека може да си дозволи една таква акција со пристоен награден фонд (автомобил како главна премија се подразбира), па и по цена на поскапа влезница. Придружните акции на коминтентите на Автоекспо (Стопанска банка и Кјуби осигурување) и индивидуалните наградни игри на некои од изложувачите се за поздравување, но не и неочекувани активности. Сепак, една голема, атрактивна, ама и активна наградна игра, секако дека на Саемот би му дала дополнителна тежина. Оваа акција би можела да ги анимира посетителите и со тоа што би им се овозможило да изберат најдобар изложбен простор, најљубезен персонал, најхостеса на Саемот, а зошто да не и автомобил на Автоекспо. Поединостите не е тешко да се разработат, а околу процентот за авторските права на предлозите ќе се договориме, ☺.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/2004. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.