Рубрика: Омнибус
Технома 2009 и Макинова 2009
Автори: Кирил Крстевски, Невенка Стојановска
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11/2009.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Како и секоја година и годинава во октомври се одржа саемот за техника Технома 2009, овојпат од 13 до 17. Паралелно со Технома веќе традиционално се одржаа и меѓународните изложби на пронајдоци иновации и нови производи МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2009. Ние прошетавме по саемот, разгледавме и еве ги нашите впечатоци.

За разлика од претходните години, од сцената како да ги снема малите играчи од сите области на техниката кои нудат нешто поневообичаено и се трудат да се пробијат на македонскиот пазар. Не беа присутни ниту некои од водечките фирми во своите области. Веројатно сметаат дека веќе се доволно познати, па не им е потребно дополнително експонирање. Големите штандови беа зафатени главно од големите трговски фирми кои најчесто нудат рачен алат, рачен електричен алат и потрошни материјали наменети главно за поединци и мали фирми кои нудат мајсторски услуги од секој вид. Брусалки, дупчалки, циркулари секакви, црвени, зелени, жолти... од различни марки.

Макинова и Еконова 2009

И оваа година традиционално во рамките на ТЕХНОМА се одржа редовната Меѓународна изложба на пронајдоци, технички унапредувања, нови производи и творештво на млади МАКИНОВА, 29. по ред. Манифестацијата беше придружена со 7. Меѓународна изложба на технички унапредувања и иновации од областа на животната средина ЕКОНОВА. За жал, како и минатата година бројот на учесници беше мал, како и просториот на кој беа презентирани, така што повеќето учесници беа претставени со постер. Манифестацијата МАКИНОВА е од меѓународен карактер, па така како и минатата година беа пријавени и изложени постери на пронајдоци и иновации од пронаоѓачите од Босна и Херцеговина, од Република Србија и од Република Српска.
Оваа година на обете манифестации Гран При наградата не беше доделена, бидејќи според организаторот ниту еден од учесниците не ги задоволил критериумите за оваа награда: новост во пронајдокот, постоење на инвентивен чекор, индустриска применливост, вештина во презентацијата и можност за комерцијализација.
Од друга страна, ова не пречеше жирито на двете манифестации да ги додели сите останати награди на обете манифестации. Во интерес на просторот, овде ќе ги наведеме само добитниците на златните медали од обете манифестации.
Златен медал на Макинова 2009 добија: Зоран Тодоровски и Драган Славковски од Охрид, за "Високонапонски триполни раставувачи за внатрешна монтажа тип РЕМ12-24-36 кв (400-630)" и Никола Бурчевски од Скопје за "Вртлив виртуелен часовник во 2-д".
Златен медал на Еконова 2009 добија: Јелица Живковска Гацевска од Скопје за "Декоративна чинија од мраз", Сашо Стојковиќ од Скопје за "И уште еден начин за прочистување на отпадни води", Стефан Илиев од Кочани за "Крема мелем кој лекува" и Викторија Најдовска од Скопје за "Метод за рециклирање на цинк-јаглеродни батерии".
На манифестацијата беше доделена и Наградата на градоначалникот на град Скопје која оваа година ја доби Никола Бурчевски од Скопје за трудот "Микроконтролери", додека Министерството за образование и наука ги додели неговите награди за најуспешна иновација на Универзитетите.
Како и секоја година, ЕМИТЕР награди пет учесници од Макинова со диплома и можност да го претстават својот пронајдок/иновација на страниците на ЕМИТЕР во рубриката ЕУРЕКА. Оваа можност во наредната година ќе можат да ја искористат:
Вани Николов од Скопје, кој учествуваше со пронајдокот "Ветроцентрала". Се работи за ветерница со хоризонтално поставени перки која повеќе наликува на воденично коло. Хоризонталната поставеност на перките овозможува поефикасно искористување на струењето на воздухот при што коефициентот на полезно дејство е неколкупати повисок од оној на класичните типови на ветерници, што се должи на истонасочната поставеност при дејството на ветерот. Степенот на полезно дејство во комбинација со нискобуџетните трошоци за производство укажуваат дека вреди да се размисли во оваа насока за развој на ветроцентралите.
Александар Цветковски со "Електронски медицински дијагностички систем". Се работи за систем кој овозможува далечинско следење на здравствената состојба кај луѓето со здравствен ризик. Во зависност од потребата системот има можности да се конфигурира за следење на температура, крвен притисок, кислородна заситеност, респираторна функција, ЕКГ итн... Уредот може во целост да го замени холтерот, а бидејќи има вграден ГПС систем би овозможил побрз одѕив на итната служба во случај на потреба.
Јелица Живковска Гацевска со трудот "Декоративна чинија за мраз". Чиниите се направени од вода-мраз, а за арматура се употребени свежи цветови, гранчиња, свежо овошје, во зависност од идејата и намената. Садовите може да се направат во повеќе облици и димензии, со различна дебелина на мразот, во зависност од намената, а од што зависи нивното траење. Како и да е, траат доволно долго да се изеде тоа што е сервирано во нив;
Никола Бурчевски со трудот "Вртлив виртуелен часовник во 2-Д";
и Јован Димовски со трудот "Печка за гасно гориво".
Пофалница за млади иноватори им беше доделена на: Бранкица Митровиќ од Машински факултет, Скопје за "Футуристички дизајн на домашен телефон"; Виктор Гичев од Машински факултет, Скопје – "Домашно кино"; Викторија Најдоска од Гимназија "Орце Николов", Скопје – "Метод за рециклирање на цинк-јаглеродни батерии"; Николија Шахпаска од ОУ "Дедо Иљо Малешевски", Берово – "Практична примена на електролиза" и Дина Дума од Гимназија "Георги Димитров", Скопје – "Рачно исликана и рачно изработена облека", а професорката Мариана Марионцу-Симовска од гимназијата "Георги Димитров" доби пофалница за Поттикнување на младинското творештво.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2009. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.