Рубрика: Уводник
10 години ЕМИТЕР
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2005.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Со овој број на ЕМИТЕР прославуваме 10 години од излегувањето на првиот број.
Убеден сум дека 10-годишното излегување на ЕМИТЕР е вистински празник за духот,
не само за нас во Редакцијата, туку и за вас драги читатели!

Последниве години во Македонија се случи вистински наплив на квази-науки (астрологија, скиентологија,...) и се намножија неизмерен број "јасновидци", "исцелители", "биоенергетичари" и бајачи кои добија значаен простор во многу списанија и електронски медиуми, безочно заработувајќи врз маката или наивноста на поединци. Одредени медиуми со оправдување дека "народот бара вакви теми" великодушно им даваат простор на некои маргинални личности кои се "експерти" во разни ненаучни области, на тој начин упорно спроведувајќи линч врз науката и терор врз здравиот разум на читателите и гледачите. Затоа, без лажна скромност, можеме да кажеме дека ЕМИТЕР е вистински и единствен светилник на науката и разумот меѓу списанијата во Македонија, и тоа не само затоа што ЕМИТЕР е единствено списание за популаризација на науката и техниката кај нас, туку многу повеќе заради неговиот развоен пат и објавените статии. Да се потсетиме во кратки црти на досегашните 10 години на ЕМИТЕР.
Првиот број на ЕМИТЕР излезе во август 1995 година. Првите 5 години ЕМИТЕР беше списание за електроника. Но, за разлика од списанијата за електроника во светот, ЕМИТЕР од самиот почеток беше конципиран за еден поширок опфат на сите области сродни на електрониката (телекомуникациите, аудио, видео и компјутерска техника), а не само за електрониката во потесна смисла (самоградба и сервисирање на електронски уреди). Сметавме дека Македонија е премногу мала за опстанок на стручно/популарно списание строго специјализирано за одредена област, а тоа и се потврди во стварноста. Веќе по 1 година, кога престана помошта што ја добивавме од Соросовата фондација се почувствуваа проблемите на релативно малиот број на читатели, а исто така и поразително малиот број на фирми заинтересирани за рекламирање. Сепак, нашиот ентузијазам, и по цена на огромен труд и откажувања, нè водеше напред, така што ЕМИТЕР од почетните 40 постепено стигна до 56 страници. За жал, заострувањето на негативните тенденции во поглед на тиражот и бројот на рекламите во текот на 1999 и 2000 година наложи привремено стопирање на издавањето на ЕМИТЕР во август 2000 година. Поради познатите случувања во државата во 2001 година, планираната неколкумесечна пауза се оддолжи до крајот на годината, така што дури во јануари 2002 година ЕМИТЕР продолжи со своето "емитување", но со проширен концепт како списание за популаризација на науката и техниката. Ова проширување овозможи да се зголеми како тиражот така и бројот на фирмите кои огласуваат во ЕМИТЕР, кои секако се неопходен извор на приходи на секое списание. За жал, во ниту еден период од постоењето на ЕМИТЕР државата не најде за потребно да помогне во неговото издавање иако истовремено великодушно делеше голема финансиска помош на некои други списанија и весници кои печатат исклучиво забавни и политички теми!?. Сепак, ЕМИТЕР издржа во своите напори да ја шири својата мисија - приближување на науката и техниката до сите оние на кои им е блиска и интересна, но и на оние кои имаат ирационален страв и одбивност кон научните вистини и достигнувања.
Денешниот ЕМИТЕР ("второто откровение" на ЕМИТЕР?) на 84 страници нуди широк спектар на теми од речиси сите области на науката и техниката, со посебен акцент на современите научно-технички дисциплини: електроника, информатика, телекомуникации, аудио-видеотехника, астрономија и астронаутика, аеронаутика, автомобилска техника, енергетика, моделарство и макетарство, архитектура и градежништво, историја и археологија, медицина, физика... До сега објавивме 92 броја (овој е 93-ти) со вкупно околу 6000 страници исполнети со околу 1800 статии и исто толку кратки информации од разни области на науката и техниката, сето тоа подготвено на стручен, но и доволно популарен начин. За нашите читатели-електроничари верувам дека особено се важни нашите 500 статии за самоградба на електронски конструкции и уште толку стручни теоретски написи. Објавивме и една книга ("Обработка на аудиосигналот") и 4 брошури: "Операциски засилувачи", "Windows", "Сателитска телевизија" и "Микрофони", а деновиве од печат ќе излезе и нашата нова книга "ТВ-техника и нејзино сервисирање". И да не набројувам понатаму – за популаризацијата и приближувањето на науката и техниката до "обичните" граѓани ЕМИТЕР го направи она што го нема направено ниту едно друго списание во досегашната историја на Македонија. Затоа со право можеме да кажеме дека ЕМИТЕР е вистински и единствен македонски светилник во фасцинантниот свет на науката и техниката.
Нашите досегашни резултати и успешно пребродување на многуте тешкотии со право ми дава да верувам дека сè што досега не успеавме да го реализираме ќе го реализираме во следниот период. Се разбира, со помош на вас, драги читатели, со помош на сите соработници и со помош на нашите деловни и маркетиншки партнери.

До некоја следна пригода, со најдобри желби за сите.

Слободан Таневски,
главен уредник

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2005. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.