Рубрика: Омнибус
Ин мемориам Зоран Тасиќ (1938-2023)
Автор: Редакција Емитер
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 206 - 7-8/2023.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Иако сме сосема свесни за неизбежната минливост на животот и поготвени ја прифаќаме, неретко се наоѓаме како затечени кога ќе нè напушти некој познат лик. Деновиве тоа се случи кога на 27 јули засекогаш нѐ напушти нашиот долгогодишен соработник Зоран Тасиќ.

Зоран Тасиќ е роден на 29.11.1938 година во Скопје. Гимназија завршува во “Орце Николов”, а дипломирал на Електро­тех­ничкиот факултет во Белград, на от­секот за електроника и телекомуникации, популарно наречен отсек за слаба струја. Потоа, како надежен кадар се вработува во ТВ Скопје која тогаш почнува да се развива, а Тасиќ успешно го дава својот придонес во тој развој.

Свој придонес даде и како едукатор, првично со неговата долгогодишна хоно­рар­на работа во Електромашинскиот учи­лишен центар (ЕМУЦ). Притоа, на негова иницијатива во втората половина на 1960-тите години во училиштето се отвори отсек за слаба струја, при што Зо­ран Тасиќ бил вклучен во изработката на наставниот план и наставните програми за отсекот. А бидеј­ќи во таа насока се изучу­ваше релативно нова, модерна техно­ло­гија, учебници нема­ше, па Тасиќ се зафати со нивно пишување. Така, наскоро се појави неговиот прв учеб­ник “Електроника 1”, наменет за учени­ците од втора година во електротехнич­ките училишта. Тоа беше воедно и првиот учебник по електроника на македонски јазик. А наскоро потоа беше објавен и неговиот втор учебник по електроника за трета година – “Елек­тро­ника 2”.

Во 1970 година, на тогашниот Електро­ма­шински факултет под раководство на катедрата за Електроника се основа насо­ка­та за електроника. Со основањето на насоката, меѓу другото, се воспоставу­ваат темелите на телевизијата како многу важна и перспективна научно-техничка об­ласт од тоа време. Потребата од стручен и професионален наставен кадар од оваа област била неминовна. Од овие причини во 1974 година на иницијатива на проф. д-р Борис Спасеновски била испратена покана до Зоран Тасиќ како истакнат стручњак од практиката за покривање на наставата на Електромашинскиот факултет од областа на телевизијата во својство на хонорарен професор. Во тоа време, Зоран Тасиќ бил вработен во РТ Скопје (денес Македонска радиотелевизија) и бил раководител на групата за развој на телевизијата, телеко­муни­кациите и радиодифузијата. Со при­фаќањето на поканата за академскиот ангажман на Зоран Тасиќ во 1974 година тој започнува со покривање на наставата по телевизија, заедно со проф. д-р Љупчо Па­новски, кој во тоа време ја обавува функ­цијата на асистент од предметната об­ласт. Покрај наставните активности, Зоран Тасиќ е вклучен и во други важни научно-истражувачки и стручно-апликативни про­ек­ти од областа на телевизијата.

Зголемените работни обврски на матич­на­та институција (РТС) води до тоа Тасиќ да ги предаде академските активности од областа на телевизијата на проф. Љупчо Пановски во 1977 година. Меѓутоа, сора­бот­ката помеѓу Електромашинскиот факул­тет (подоцна Електротехнички факултет) и Зоран Тасиќ продолжува и во текот на неговата подоцнежна професионална кари­е­ра преку голем број проекти и други струч­ни активности.

Во тој творечки период на животот бе­ше префрлен на работа во тимот за изград­ба­та на новиот РТВ дом. Тој тим требаше да ги дефинира градежните пот­реби, со оглед на најновата и современа радио и телевизиска технологија, и да врши надзор на реализацијата. Во 1979 година учествува во првата монтажа на студиото 2 во РТВ домот, кој сè уште беше во из­градба. По­тоа работи во одделот Пре­дава­тели и врски и во одделението Филм­ска лабораторија, каде остава траг со својата работа.

Тековите на животните врвици тешко можат да се предвидат. Доаѓа до преселу­вање во Врање и вработување во индус­тријата Симпо. И таму се покажува како недвојбен стручњак успевајќи да се справи со енергетската електроника што се ко­ристи во современите индустриски CNC машини. За нивно сервисирање изработи практикум во кој ги опиша постапките за сервисирање.

Сиот овој период Тасиќ не престанува да се интересира за современите телеви­зиски техники. Како резултат на тоа се преку 90 стручни статии објавени во списанието Емитер, меѓу кои и серијалот написи посветени за одржување и сер­виси­рање на ТВ-приемници, објавен во дванаесет продолженија и придружен со примероци од електрични шеми за некои од најпопуларните ТВ-приемници кај нас.

Во 2005 година ЕМИТЕР ја издаде и книгата “ТВ-техника и нејзино сервисирање” од Зоран Тасиќ, напишана заедно со неговата ќерка, дипл. ел. инж. Наташа Божиновска.

Неговата скромност, како вродена особина секогаш се забележуваше. Како таков замина, како голем човек во својата маленкост.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 206 - 7-8/2023. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.