Со неверување и тага ја примивме веста дека нашиот долгогодишен соработник и пријател, Емилијан Иљоски почина.
Со Емилијан се запознавме кога тој веќе беше електроинженер со етаблирано реноме и ко-сопственик на фирмата “Е и П електроника“. Продавницата на Е и П електроник, сместена во преминот кон подземната гаража на Македонскиот народен театар беше навидум малечка но несекојдневна – во неа можевте да најдете нешта што тешко дека на друго место во Македонија ги имаше. А таков отприлика беше и нејзиниот сопственик, мал по раст но со несекојдневно голем спектар на интереси и познавања.
Да се каже дека Емилијан Иљоски беше само електроинженер е премногу тесна дефиниција, која не би прилегала на неговата универзална и широка наобразба. Тој беше експерт за електроника, и имаше темелни познавања од аудиотехниката, телекомуникациите, електронските мерења, информатиката, хемијата, електриката, но истовремено беше и полиглот и вонсериски фотограф, со титула Мајстор на фотографија, добиена уште во поранешната Југославија.
Кога доаѓавте во неговата продавница, сакале-несакале ќе добиевте и совет за вашиот проект. Емил знаеше да ја кажува анегдотата со проф. д-р Цветан Гавровски кој во една прилика бил да испазари некој дел кај него. Тој му ја покажал шемата на Емилијан, овој само ја погледнал и му кажал “Имаш грешка тука!”, покажувајќи на дел од шемата. На г-динот Гавровски ќе му прелета низ глава целиот филм долг една година од дизајнирањето на неговиот уред, но тврдењето на Емил ќе се покаже како точно.
За среќа на ЕМИТЕР и нашите читатели Емил не беше шкрт кога требаше да го сподели своето знаење. Тој имаше и неодолив шарм и стил на пишување – интелигентен, елоквентен, со точно дозирана количина на нему својствен хумор, нешто што не остана незабележано од нашaтa читачка публика. Неговите над 150 статии од областа на електрониката, аудиото, информатиката, фотографијата, како и колумните со кои го пренесе својот светоглед за состојбата на нештата за професионалната и хоби-електрониката кај нас, се вредни сведоштва за една пасија кон техниката што беше заразна. Неговите написи опфаќаа теоретска електроника, пресметки за звучници, но и низа „направи сам проекти“ на засилувачи од висока класа, популарни мерни инструменти, мали почетнички, но и несекојдневни уреди кои би измамиле барем еден обид за изработка од секого, независно дали е почетник или напреден електроничар. Тука ќе ги споменеме серијалите од областа на аудиотехниката “Како до квалитетни звучни кутии”, “Мерења во аудиотехниката”, професионалните проекти од областа на аудио-електрониката “200W Hi-Fi засилувач во Д класа” (4 продолженија), “200W засилувач од врвна класа” (6 продолженија),“High-End предзасилувач со ECC83 (3)”, серијалот за работа со софтверот за дизајнирање електронски кола “Симулација на електронски кола со LT spice” (4 продолженија), проекти од мерната електроника како “Подобрен ЕSR метар”, повеќе вонсериски проекти како “Електронски мозочен стимулатор”, “Мерач на бакнежи”, “Мини Понг”, повеќе помали проекти наменети за (апсолутните) почетници во електрониката, како и редовните статии за новостите на полето на електрониката. Повеќе за неговите статии во Емитер на следниов линк .
Стручноста на Емил во областа на фотографијата, поткрепена со неговото долгогодишно искуство во оваа област и звањето Мајстор на фотографија, како и желбата да го пренесе своето знаење и од оваа област ќе биде уште една точка во којашто ќе се сретнат нашите интереси. Со своите написи во серијалот од 20 продолженија “Школа за фотографија” и мини-серијалот од четири продолженија “Кој формат за вашата слика” Емил им помогна на нашите читатели да ги осознаат основите на уметничката фотографија и на фототехниката. Неговите едукативни совети за подобра фотографија беа редовен дел и од конкурсот ФотоЕМИТЕР, кој по 10 продолженија резултираше со голема завршна изложба во 2008 година, при што тој беше клучниот дел од стручното жири.
Последниве години, делумно поради ангажманот на Емил на полето на индустриската електроника во НР Кина, а делумно и поради проблемите со излегувањето на ЕМИТЕР, немаше негови нови статии, но сепак тој остана и беше важен дел од редакцијата и уредништвото и учествуваше во контрола и корекција на статиите од областа на електрониката. Разговаравме и заеднички планиравме некои нови проекти, статии и унапредувања на Емитер.
За жал, веќе нема да имаме можност со Емилијан да ги продолжиме веќе започнатите проекти и приказни.
Збогум, пријателе.
Редакција ЕМИТЕР