Рубрика: Електроника
Микроконтролери од серијата PIC16F87x (1)
Автор: Благој Ќупев
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2013.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Со овој текст започнува серијал во неколку продолженија за еден од најпопуларните микроконтролери од компанијата Microchip. Микроконтролерот кој ќе биде претставен во овој серијал, пред сè, се одликува со едноставност, што овозможува лесно да се направат почетните апликации, но исто така содржи хардверски компоненти кои овоможуваат изработка на апликации од областите како што се: автоматика, интерфејсни бафери, интелигентни сензори и слично. Во овој напис започнуваме со вовед во серијата PIC16F87x, така што ќе се запознаеме со основните функционалности на серијата и како тие правилно да се користат.

Сведоци сме дека денеска дигиталната техника влегува во секој дел од нашиот живот. Секојдневно користиме уреди кои во себе содржат микроконтролер (MCU), кој има улога да ја олесни употребата на апаратот и да ја зголеми неговата ефикасност. Како пример би ги навел новите генерации на машини за перење алишта или за миење садови, кои задолжително имаат вградено дигитален уред што се грижи за правилно перење на алиштата, како и за олеснување на целокупната употреба на апаратот. Доколку некој имал можност да погледне од што е составен контролниот уред, сигурно забележал дека централно место зазема интегрира­но коло кое најчесто е со поголем број изводи. Овој тип интегрирано коло се нарекува микроконтролер.

Внатрешна блок-шема на PIC16F874 и PIC16F877

Микроконтролерот е всушност наследник на микро­процесорите, со тоа што во овој случај станува збор за хибрид меѓу микропроцесорското јадро и некои блокови кои порано не биле интегрирани во еден чип. За разлика од претходните микропроцесорски системи, каде што микропроцесорот, меморија­та, влезно-излезните драјвери и друго, биле изработени како одделни моно­литни кола, микроконтролерите се чипови кај кои на една силициумска плочка се интегрирани микропроцесорското јадро, програмската и податочна меморија, влезно-излезните порти, разни сериски и/или паралелни интерфеј­си, аналогно-дигитални конвертори и друго.
Денеска постојат голем број производители и групи (таканаречени фамилии) на микроконтролери. Секоја фамилија се одликува со некои свои специфичности што нив ги прават помалку или повеќе популарни. До пред десетина години главниот збор на ова поле го држеа Intel со познатата ’51 фамилија на микроконтролери и Motorola со својата 68HCxx фамилија, но во последно време работите драстично се променети. Ова се должи воглавно на големиот број производители на силициумски чипови кои се одлучија да започнат и со производство на микроконтролери. Така, во последниве неколку години на полето на дигиталното процесирање на податоците (DSP англиска кратенка за Digital Signal Processing) се појавија голем број микроконтролери кај кои дигиталната обработка на податоците е поедноставе­на и доведена до совршенство. Во ова поле најмногу се истакнаа микроконтро­лерите на Texas Instruments, кои пленат со своите одлични перформанси.

Помеѓу овие големи имиња на електронската индустрија, за свое значајно место се избори и фирмата Microchip, која ја промовира PIC фамилијата на микроконтролери. Во почетокот, целната група на корисници беа хоби-електроничарите и дизајнерите на мали дигитални системи, при што беше пополнета празнината помеѓу употребата на класични дигитални кола за изведба на сложени уреди и непотребното комплицирање на дизајнот со некој од тогашните микроконтролери. Поради едноставноста, ниската цена, одличните перформанси кои се нудеа за цената на микроконтролерот, PIC микроконтролерите станаа употребувани во сè поголем број апликации. Одличниот маркетиншки пристап кој го направи производителот на овој микроконтролер, како и големиот број бесплатни развојни алатки, направија овие микроконтролери да бидат сè повеќе барани.
Со текот на времето PIC фамилијата сè повеќе се развиваше и се појавија голем број различни микроконтролери кај кои е карактеристично тоа што микроконтролерското јадро е слично и го поддржува едноставниот сет од 35 едноставни наредби. Различните серии микроконтролери се одликуваат со различна периферна опременост како: додатоци за имплементирање на RS232 сериска комуникација, IIC сериска комуникација, SPI, 3WIRE, A/D конвертори, програмски и податочен EEPROM и што уште не. Големиот број готови апликации презентирани на интернет-страницата на Microchip, како и големиот број бесплатни, но извонредни развојни алатки, овие микроконтролери уште повеќе ги доближуваат до електроничарите кои не се во можност да вложат многу пари во развојните системи што се продаваат за другите микроконтролери. Исто така, за пофалба е и одличната техничка поддршка од експертите на Microchip.
Во овој серијал на написи ќе се потрудам да дадам краток, но корисен вовед за PIC микроконтролерите обидувајќи се да ги доближам до секој оној што сака да влезе во светот на микроконтролерите. Велам микроконтролерите, затоа што постои одредена сличност помеѓу сите микроконтролери кои може да се набават денеска, што ќе може да се забележи и од текстот понатаму. Поради големата популарност на микроконтролерот PIC16F877, најголем дел текстот понатаму ќе биде наменет за него. Треба да имаме предвид дека овој серијал има улога накусо да ги воведе почетниците, и не е наменет за понапредните корисници на овие микроконтролери. Читателите што се заинтересирани да дознаат повеќе за овие микроконтролери и за другите производи на Mirochip, може да ја посетат веб-страницата www.microchip.com.

Клучни зборови:
Внатрешна блок-шема на PIC16F874 и PIC16F877

Внатрешна блок-шема на PIC16F874 и PIC16F877

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2013. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.