Емитер 7-8/2013.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Во морето од разни рекламни билборди низ градот, навистина е тешко да се привлече вниманието на минувачите да го погледнат токму вашиот билборд. Нашиот автоматски рекламен довикувач го овозможува токму тоа – секогаш кога ќе наиде некој минувач, тој емитува звучен сигнал или кратка снимена порака и со тоа ефикасно го "тера" минувачот својот поглед да го насочи кон рекламата на билбордот. Овој уред може да се употреби и за автоматско "добредојде" во секоја продавница, ресторан, кафеанче..., за бркање на кучињата и мачките скитници од вашиот двор, но и за одвраќање на потенцијалните крадци. Благодарение на резервното напојување, овој "телал" е неуморен – работи 24/7!
Барањето и идејата за овој проект потекна од една рекламна агенција со која подолго време соработуваме и беше наменет за потребите на тогашната рекламна кампања за T-Home Македонија. Идејата е следна: Уредот треба да се вгради во CityLight билбордите со функција да даде соодветен звучен сигнал или кратка снимена рекламна порака секогаш кога во негова близина ќе се најде некој минувач. На основа на оваа идеја го дефиниравме следниот концепт на колото:
• Основа да бидат Single-Chip Voice/Record/Playback интегрираните кола од сериите ISD1000A и ISD2500. Овие кола ги избравме затоа што сосема одговараат за предвидената намена и беа (и се уште се) достапни во македонските продавници за електронски материјали, што беше важно поради краткото време за реализација на целиот проект.
• Активирањето на снимениот звучен ефект или порака да биде со помош на PIR-сензор.
• Со оглед на тоа што уредите треба да се монтираат на билбордите на најфреквентните места во градот, одлучивме да додадеме моностабил кој ќе го спречува активирањето во наредните 10-30 секунди по претходното активирање. На овој начин ќе се избегне постојано активирање на звучниот сигнал, што може да биде иритирачки за минувачите.
• Бидејќи уличните CityLight билборди добиваат енергија за осветлување од уличните светилки (кои се вклучени само навечер), за дневна работа мора да се обезбеди напојување од 12-волтен акумулатор, а ноќе тој би се полнел од вградениот насочувач.
• Имајќи предвид дека уличните билборди генерално се во бучна средина, мора да се обезбеди доволно силен засилувач и звучник, па заради тоа изборот падна на TDA7350, кој со напојување од 12 V може да испорача околу 15W/4Ω во мостна врска.
Веројатно ретко кој читател ќе има потреба за ваков уред со намената за која ние го дизајниравме и го изработивме – како рекламен довикувач, односно како звучен билборд. Но убедени сме дека секој читател ќе може да најде своја примена на овој уред. Некои од можните примени би биле: да се постави на влезната врата од продавница, ресторан, кафеанче... и на секој што ќе влезе со милозвучен глас да му посака добредојде, да се постави пред некој штанд на кој има одреден производ на промоција, па кога посетителот ќе дојде пред него, автоматски да ги "изрецитира" основните карактеристики на тој производ, следна идеја би била да послужи за бркање на кучињата и мачките скитници од вашиот двор, но и за одвраќање на потенцијалните крадци од вашиот стан или автомобил. Ова се само мал дел од можните примени – вашата фантазија и потреба сигурно ќе ве предизвикаат да најдете и други полиња за примена на овој уред.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2013. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.